И по Вучиќ - Вучиќ
31 мај 2017По вчерашната оставка на функцијата премиер на Србија и денешната заклетва во српскиот парламент, Александар Вучиќ го започнува петгодишниот мандат на позицијата претседател на Србија. Новото работно место носи поинакви обврски и дневен распоред, но никој не верува дека поради тоа ќе се промени начинот на владеење во Србија. Неподелено е мислењето дека власта сега само ќе се префрли во претседателскиот кабинет и оти Вучиќ и натаму ќе биде клучна фигура.
Ништо драматично нема да се случи на политичка сцена поради промената на адресата на Александар Вучиќ, оценува за ДВ политикологот Душко Радосављевиќ. „Веќе во овие два месеца додека чекавме да дојде тој возвишен чин на негова инаугурација видовме дека тука нема ништо ново. Имено, се продолжува со политиката на брутално понижување на политичките противници, како и со неуважувањето на идеите кои доаѓаат од светот на науката, експертите и цивилното општество. Единствено нешто што можеби ќе го добиеме во наредниот период е нова верзија на негување на култот на личноста, и тоа уште поизразено отколку досега“, вели Радосављевиќ.
Очекувам дека Вучиќ само ќе продолжи да го прави тоа што досега го правеше, но тоа во иднина ќе изискува секојдневни импровизации, вели пак за ДВ Владимир Милутиновиќ, уредник на интернет порталот Двоглед. „Практично претседателот на државата нема ингеренции во водењето на повеќето од државните политики. Но Вучиќ, се разбира, нема да може да дозволи да се стекне впечаток дека тој ги нема тие ингеренции. Тој практично ќе мора да го крши Уставот секој ден. Уставниот поредок, значи, ќе биде заменет со неформален уставен поредок, со некакви можеби средновековни карактеристики, кога постоел некој господар и власт, но опозиција сигурно немало“, вели Милутиновиќ.
И натаму сеприсутен
Вештото користење или злоупотребата на медиумите беа карактеристиките на премиерското владеење на Александар Вучиќ. Со оглед на тоа што според уставните овластувања претседателот на државата има далеку помалку оперативни обврски од претседателот на владата, тоа во пакса би требало да значи и помалку простор за Вучиќ. Како во една таква ситуација, новиот претседател на Србија ќе се избори за медиумски простор? Радосављевиќ вели дека таблоидните медиуми ќе „трчаат по Вучиќ“: „ Мислам дека тој и натаму ќе има пристојна медиумска популарност, бидејќи е еден вид личност, која без медиумите не може да функционира. А тоа значи дека и натаму ќе ја имаме оваа рекламерско-позерска политика, која во Србија очигледно се исплаќа“.
Милутиновиќ додава дека Вучиќ за медиумскиот простор ќе се избори како и досега: „Едноставно ќе дојде на сите приватни телевизии, кои се практично негови и ќе седи на нив колку сака и кога сака, како што го правеше тоа и вчера и кога било.“
Премиер без 'рбет
Постои ли можност власта да не се премести онаму каде е Вучиќ? Владимир Милутиновиќ смета дека таква можност не постои, сѐ додека власта го има ова парламентарно мнозинство. „Секој, кој ќе ја прифати премиерската функција во вакви услови, без избори, без никаков политички авторитет- таа личност нема да му создава проблеми на Вучиќ“. Душко Радосављевиќ од друга страна забележува дека е веќе време да се постави прашањето, зошто луѓето прифаќаат да бидат без'рбетници: „А тоа прашање е наменето за цела низа луѓе од времето на Слободан Милошевиќ до денес“.
Дали Вучиќ, за да биде сигурен дека сѐ е под контрола сега ќе има секојдневни состаноци со новиот премиер? „Мислам дека нема да има потреба за такво нешто, бидејќи точно ќе се знаат должностите. Претседателот ќе биде задолжен за позитивни поени во јавноста, а личноста која ќе биде титуларен премиер ќе биде задолжена да ги вади врелите костени од огнот“, вели Радосављевиќ.
Според Милутиновиќ, пак, системот на владеење е веќе истапкан. „Да кажеме вака: немаме податок дали Вучиќ секојдневно се слуша или среќава со некој уредник на своите таблоиди. Исто така нема да имаме податок дали се среќава или слуша со идниот премиер, но сепак од неговите изјави и од изјавите на идниот премиер ќе знаеме дека тие се согласуваат и оти премиерот го слуша Вучиќ. Значи, не мора ништо ново формално да се прави, што не се правело и досега“.