И покрај пандемијата: бизнисот со оружје цвета
6 декември 2021Локдауни, прекинати дистрибутивни ланци, несигурни потрошувачи: корона пандемијата во цел свет предизвика криза во економијата. Но, една бранша се покажа отпорна на вирусот - индустријата за вооружување. Тоа го покажува новиот Извештај на институтот за истражување пацифизам од Стокхолм, СИПРИ.
Александра Марктштајнер е дел од тимот истражувачи на СИПРИ. За ДВ вели дека посебно се изненадила во поглед на 2020 година што „иако светската економија според ММФ се намалила за 3,1 процент, продажбата на оружје на топ 100 компаниите од браншата пораснала за вкупно 1,3 проценти”.
Вкупниот продажен обем на тие компании во 2020 година изнесува 531 милијарда долари што е повеќе од економската сила на Белгија на пример. Повеќе од половината на продажбите - 54 проценти - одат на конто на 41 американска компанија на листата на топ 100. Во САД се фирмите кои доминираат во оваа бранша. Само „Локид Мартин” минатата година продале опрема во вредност од преку 58 милијарди долари. Тоа е повеќе од БДП на Литванија.
Лоби активности кои се исплатат
Со таквите финансиски димензии поврзана е и голема моќ. Концерните за воена опрема свесно користат политичко влијание, вели Маркус Бајер. Политикологот од Меѓународниот центар за истражување на конфликти во Бон (БИЦЦ) во разговор за ДВ се повикува на Извештај на американската НВО „Јавни тајни”: „Американски компании за воена опрема изминатите две децении потрошиле 285 милијарди долари за донации за предизборни кампањи и 2,5 милијарди долари за лоби активности“.
Повеќе: Светот „гори“, трговијата со оружје цвета
Тоа се трошоци кои изгледа им се исплатливи на фирмите. Американското министерство за одбрана за време на пандемијата ја поддржувало браншата, укажува експертот на СИПРИ, Маркштајнер. „Така беше постигнато вработените во таа бранша во најголем дел да бидат ослободени од насоки да седат и работат од дома. Освен тоа имало и нарачки кои биле така поставени да може средствата порано од планирано да бидат исплатени за да имаат фирмите одредена резерва."
Играчите од Азија
И Симоне Визоцки се чуди на бројките. Експертот за контрола на вооружувањето при Фондацијата за истражување на мир и конфликт од Хесен „ХСФК”, особено забележува дека „фирми од глобалниот југ стануваат сѐ побитни”. Визоцки ја истакнува Индија во тој контекст која има дури три компании на листата на топ 100 чиишто бизниси се 1,2 проценти од вкупниот обем, рамо до рамо со Јужна Кореја.
Но, уште повеќе оружје продава северниот сосед Кина. Од 2015 година наваму во студиите на СИПРИ се вклучени и компании од Кина и покрај сите проблеми со транспарентноста на податоците. Петте фирми на листата профитираат од програмата за модернизација на кинеската војска. Нивните испораки се 13 проценти од вкупниот обем на продажба на топ 100те светски компании.
Маркштајнер вели: „Кинеските компании профитираат од т.н. претопување на воениот и цивилниот сектор" посочувајќи на најголемиот кинеско концерн за воена опрема: „НОРИНКО работеше со други на развојот на сателитски систем. Со него фирмата заработува доста пари и тоа ќе се користи и за воени и за цивилни цели".
Милитаризирана информатичка технологија
Границите меѓу цивилна и воена технологија сѐ повеќе исчезнуваат, анализира Визоцки и додава: „Информатичката технологија веќе подолго време не може да се одвои од воената техника". СИПРИ во новиот извештај фрла поглед на растечката улога на технолошките фирми во военото опремување.
„Ако индистријата за воена опрема треба да биде целосно опфатена, не може да се концентрираме само на традиционалните фирми како Локхид Мартин", нагласува Маркштајнер. Во изминатите години според СИПРИ неколку гиганти од Силиконската долина како Гугл, Мајкрософт или Оракл се обиделе да ја продлабочат нивната врска со военото опремување и за тоа биле наградени со лукративни зделки.
Пример за тоа е бизнис на Мајкрософт со американското министерство за одбрана во висина од 22 милијарди долари. Армијата треба за тие пари да добие еден вид супер очила кои на војниците во реално време ќе им даваат стратешки информации за боиштето. Лесно може да се објасни интересот на американското министерство за одбрана за Силиконската долина. „Препознаа дека компаниите располагаат со ноу-хау во областа на новите технологии како вештачка интелигенција, учење на машините и сл. кое е многу поголемо од она на традиционалните актери во воената индустрија", вели Маркштајнер и објаснува дека можеби некои од тие компании ќе бидат ставени на листата на 100те најголеми играчи според СИПРИ.
Русија заостанува
Покрај Франција, Русија има најголем пад во продажбата на оружје – деветте излистани компании изминатава година продале 6,5% помалку оружје помалку споредено со 2019та. Според експертот Бајер, падот од вкупно пет проценти удел во севкупната продажба од топ 100 компаниите, се должи на тоа што Индија и Кина си изградија сопствени фабрики. Двете земји беа меѓу најголемите купувачи на руското оружје.
Бајер како пример ги наведува носачите на авиони. Првиот кинески носач на авиони е направен врз база на еден ваков брод купен уште во 1998 година од советско производство. Тој стана оперативен во 2012 под името „Лиаонинг“. Оттогаш многу работи се променија, вели Бајер: „Во последниве 20 години Кина не само што ја достигна Русија во однос на производствените капацитети, туку и ја надмина. За ова време Русија не пушти во употреба ниту еден носач на авиони. Во меѓувреме и Индија разви свој носач на авиони исто така базиран врз поранешна советска технологија.“
Европската индустрија за оружје има удел од 21% меѓу првите 100. Во 2020, 26те излистани компании продале оружје во вредност од 109 милијарди долари. Четирите изворно германски компании учествуваа со речиси девет милијарди долари.