Италија, светски првак
10 јули 2006Фабио Гросо беше последниот актер во синоќешниот пенал рулет кој со прецизен удар стави точка на големата фудбалска драма на олимпискиот стадион во Берлин. Голема радост за италијанците, тага за Французите кои ја пропуштија можноста по втор пат да стигнат до големиот трофеј. Избраниците на селекторот Марчело Липи имаа повеќе нерви во завршницата и пенал рулетот. Давид Трезеге беше трагичарот кај французите. Неговиот силен удар од белата точка заврши во гредата на голот на Џанлуиџи Буфон
Инаку натпреварот по регуларните 90 минути и продолженијата заврши 1:1. Франција поведе со голот на Зинедин Зидан од пенал. Италија израмни преку Марко Матераци . Токму двајцата голфгетери фрлија дамка на синоќешниот голем нартпревар. Имено по една расправија за време на продолженијата Зидан од засега нејасни причини со глава го удри Матераци, по што најдобриот во францускиот тим беше исклучен. Голманот на Италија Буфон е прогласен за најдобар на првенството. Организацискиот комитет ссоопшти дека денеска ќе го соопшти името на најдобриот играч. Германецот Мирослав Клозе со пет постигнати голови е најдиобар стрелец на првенството.