1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Источноевропејците како робови во германските фабрики

22 март 2017

Плати колку за голо преживување, подизведувачи и аутсорсинг-условите за работа на источноевропските работници во германската месна индустрија се очајни. Советувалишта нудат помош, додека индустријата заработува милијарди

https://p.dw.com/p/2Zbof
Symbolbild Fleischindustrie Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Thissen

Еден бугарски работник доживеа болна несреќа на третиот ден на новото работно место во една фабрика во близина на германскиот град Гитерсло. Пила му отсекла дел од прстот додека работел, но никој не повикал лекар за 50-годишникот. Наместо тоа, од него се очекувало да продолжи да работи и покрај болките.

Во болница отишол дури три дена по несреќата. Бил опериран и останал хоспитализиран во следните два дена. Не добил никаква помош од својот работодавач. И не само тоа, туку работодавачот го издал креветот на повредениот Бугарин на друг работник. Бугаринот на крајот го изгубил работното место и кровот над глава. Бил на пробна работа и не го знаел ни името на подизведувачот за кој работел.

Советувалишта за Источноевропејци

Шаболш Сепси од советувалиштето „Фер мобилност“ во Дортмунд го опишува инцидентот со повредениот бугарски работник. „Не успеавме да му го продолжиме договорот, но успеавме да ги намалиме разликите и барем да му обезбедиме здравствено осигурување“, вели Сепси. „Но има многу слични случаи“, додава тој. Некои завршуваат на суд, но повеќето се однесуваат на исплата на заостанати плати. Советувалиштата како „Фер мобилност“ им помагаат и на работниците од источните ЕУ членки.

Deutschland Dortmund - Beratungsstelle Faire Mobilität
Сепси: „На работниците им се наплаќа и острењето на ножевите“Фотографија: DW/K. Domagala-Pereira

Како и во минатото, многу работници во германската месна индустрија доаѓаат од Источна Европа. Во 2016 „Фер мобилност“ ги прошири своите услуги за да им помага и ним. Во германските градови Дортмунд, Кил, Олденбург и Реда- Виденбрик, шестмина вработени им помагаат на Полјаци, Романци, Бугари и Унгарци.

Според Сепси, работниците од источна Европа редовно бараат совети, а проблемите се особено големи во месната индустрија.

„Целото производство од колењето до конечниот месен производ е во рацете на странски подизведувачи. Германските компании не се одговорни за своите вработени“, вели тој.

Минималната плата, во моментов 8,75 евра на час, беше имплементирана во месната индустрија во 2014. Сепак, работодавачите постојано се обидуваат да ја заобиколат. На пример, „работните часови се бројат некоректно, се наплатуваат суми за острење на ножеви или за работни униформи, а се наметнуваат и казни за наводно лоши резултати“. На крајот на месецот, работникот може да заврши со 200 евра помалку од ветеното.

Компаниите презедоа доброволна обврска во септември 2015 година со која требаше да се подобрат условите. Точно 18 компании од месната индустрија, меѓу нив и гиганти како Тенис, Вестфлајш, Дениш краун, Вион и ПХВ се заложија за намалување на аутсорсингот и директно вработување на персонал. Работниците требаше да се вработуваат согласно германскиот закон.

Синдикатите прогласија неуспех на проектот

Сите компании кои ја потпишаа доброволната обврска им дадоа на аутсорсираните работници работни договори, вели Михаел Андрицки, директор на Германската прехранбена асоцијација. Но, додава тој, имаше многу малку позитивни промени во индустријата.

„Компаниите кои во минатото имаа седишта во Романија, Полска или Бугарија сега се регистрираа во Германија со истиот персонал“, вели Сепси. Тоа, во најмала рака, им овозможува на работниците полесно да ги остваруваат своите права.

Steak
Германското месо е евтино, а индустријата е во процутФотографија: Colourbox

Но, Матијас Бример, директор на синдикатот на вработените во прехранбената индустрија НГГ, вели дека доброволната обврска не успеала. Само некои од компаниите го потпишаа документот, посочува тој, а имплементацијата не е конзистентна. „Како и секогаш, тие и натаму аутсорсираат работници“, вели Бример.

Системот ја олеснува експлоатацијата

Аутсорсирањето на договорите е најголемиот проблем во германската месна индустрија, додава Бример, компаниите нудат многу малку постојани договори за вработување. „Системот им ја олеснува експлоатацијата“, објаснува тој.

Бример додава дека таквата пракса им создава предност на месните компании. Еден од начините е преку Законот за обновливи извори на енергија кој им овозможува на фирмите да отстапат од договорените тарифи доколку трошоците за енергија надминат 14 проценти од бруто додадената вредност. Трошоците за персонал за работниците под договор се дел од бруто додадената вредност, па оттука, секој кој аутсорсира персонал си ги зголемува шансите да биде изземен од давачката, а со тоа штеди пари за прекумерни трошоци. Аутсорсираните работници се бројат како материјални трошоци, а не како персонални трошоци.
Тоа му помага на евтиното германско месо да доминира на странските пазари. Индустријата цути: 1,9 милиони животни се колат секој ден во Германија. Десетте најголеми корпорации имаат тотален приход од 20 милијарди евра - со ниски производствени трошоци, забележува синдикатот НГГ. Колењето на една свиња чини само 1,5 евра доколку тоа го прават подизведувачи. „Ние увезуваме евтини работници и извезуваме скапо месо“, објаснуваат од НГГ.