1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Источна Украина под окупација на „малите зелени луѓе“

Роман Гончаренко/Б. Георгиевски24 април 2014

Тие се шегуваат, смеат и играат со децата. Тешко вооружените луѓе во маскирни униформи без ознаки сакаат да се претстават како заштитници на источна Украина, а не како бандити. И тоа функционира.

https://p.dw.com/p/1Bndy
Фотографија: DW/R. Goncharenko

Млада мајка го лулка својот двегодишен син на лулашката на едно ново игралиште. Зад неа, луѓе во маскирни униформи истоваруваат ракетни гранати од едно возило. „Не се плашам од тие луѓе. Тие се тука за да не заштитат“, вели младата мајка Јулија. Она што ја плаши се акциите на украинската армија- надлетувањето на воените авиони и хеликоптери во низок лет над градот. „Мојот син се плаши од нив“, вели Јулија.

Таков е животот во источно украинскиот град Славјанск, кој е под контрола на проруските сепаратисти од почетокот на април. Во Славјанск и во други градови, тие прогласија „народна република“ и сакаат да одржат референдум во мај на кој би гласале за поголема автономија во рамките на Украина, или дури и за отцепување и приклучување кон Русија. Владата во Киев се обидува тоа да го спречи.

Мажите носат униформи без идентификација, а лицата им се целосно прекриени со маски. Нејасно е кои се тие и колкумина се. Од руската анексација на Крим, тие се нарекуваат „малите зелени луѓе“. Рускиот претседател Владимир Путин дури подоцна потврди дека тоа биле руски војници. Нивниот втор прекар е „фините луѓе“, бидејќи секогаш делуваат многу пријателски.

Julia, Mutter in Slowjansk
Јулија, мајка од СлавјанскФотографија: DW/R. Goncharenko

Пријателски кон цивилите

Во Словјанск, дел од вооружените сепаратисти делуваат како Украинци, дел како Руси. „Ние сме поранешни војници“, вели еден од нив, најверојатно командантот. Говори руски како Русин, не како Украинец. И неговиот колега делува како Русин, судејќи според акцентот. Украинските власти во Киев тврдат дека руските специјални единици оперираат во источниот дел на земјата. Москва тоа го демантира.

Тешко вооружените лица пред граѓаните се обидуваат да се претстават како заштитници, а не како бандити. „Ќе останеме колку што е потребно за да ги заштитиме цивилите“, вели еден од нив. Тој се шегува со минувачите во пријателски тон, дозволува да го фотографираат и со задоволство го покажува оружјето. „Се спријателив со децата“, вели еден од луѓето. „Кога шетам околу ме препознаваат и трчаат по мене“.

Kinderspielplatz vor dem besetzten Gebäude in Slowjansk
Фотографија: DW/R. Goncharenko

Смислена тактика?

Дали се ова истите сепаратисти кои неодамна извршија „анти-терористички“ операции против украинската влада? Постојат индиции дека пријателскиот однос кон локалното население е смислена тактика на проруските сепаратисти. Доколку тоа е случај, тоа прецизно го пренесува имиџот кој рускиот претседател Владимир Путин го скицираше на една прес-конференција во Москва на почетокот на март. Русија единствено ќе испрати трупи во Украина „за да ги заштити украинските граѓани“.

„Ајде да видиме дали некој ќе се обиде да пука во граѓаните кога ние ќе застанеме зад нив. Само нека се обидат да пукаат во жени и деца“, порача тогаш Путин.

Пасивно мнозинство

Последиците од ова беа забележливи кусо пред Велигден. Во близина на украинскиот град Краматорск, цивили, меѓу нив многу жени, сопреа колона на украинската армија, и ги разоружаа. Сепаратистите успеаја да си заминат со шест тенкови и големо количество оружје.

„Овој Калашников со рачен фрлач кој сега го држам порано му припаѓаше на украински парамилитарец“, тврди еден од луѓето пред окупираната административна зграда во Славјанск. Извештаите од другите градови во источна Украина велат дека некои цивили им се приклучиле на сепаратистите, иако станува збор за малцинство. Според последните анкети, најмалку 20 проценти од населението во регионите Доњецк и Луханск би поздравиле окупација од руските трупи. Големото мнозинство до населението се противи на нешто такво, но тие се пасивни. Никој од нив не се противи активно на развојот на состојбата. „Се плашиме“, вели еден млад човек кој работи на бензинска станица во близина на Славјанск. И покрај пријателскиот однос на „малите зелени луѓе“, критиката на сепаратизмот може да значи и ризикување на животот.

Bewaffnete Separatisten in Slowjansk
Вооружени сепаратисти во СлавјанскФотографија: DW/R. Goncharenko