Источна Европа контра планот на ЕУ за бегалците
17 март 2016
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја предводи битката на Вишеградската група против заедничка ЕУ политика за бегалците. Во говорот одржан на два дена пред самитот на ЕУ, Орбан ја повтори својата позиција. Тој не прифаќа редистрибуција на мигрантите од Турција во Европа. Околу две третини од населението во меѓувреме го прифаќа ваквиот негов став. Орбан сака на референдум да одлучи дали Унгарците ќе ги прифатат квотите на ЕУ.
Без илузии за политичката агенда
Други источно-европски држави го делат таквиот став, особено Чешка и Словачка. Тоа е причината поради која австрискиот експерт Гералд Кнаус вели дека е загрижен во пресрет на самитот. Ќе има ограничено решение за бегалската криза, изјави Кнаус за ДВ, кој го предводи тинк-тенкот Европска иницијатива за стабилност.
„Доколку Орбан и другите стојат од страна и сакаат да го саботираат решението поради различната политичка визија за иднината на бегалското право, за иднината на Европа, тогаш мора да се потсетите на тоа во иднина и не треба да се имаат илузии за политичката агенда зад тоа, но тоа не смее никого да спречи“, вели Кнаус.
Романија и Бугарија во фокусот
Брисел се уште се надева на компромис. Некои источни ЕУ членки, како Романија и Бугарија, не сакаат да ја поддржат позицијата на Орбан. Но нивната ситуација е поинаква. Романија не е „Елдорадо“ за бегалците. Земјата не припаѓа во Шенген зоната и стандардот на живеење таму е релативно низок. За секој случај, Романија ја зајакнува граничната безбедност, во случај бегалците да одлучат да ја променат рутата.
Како транзитна земја, Бугарија се соочува со поинакви проблеми. Во моментов, околу 1,500 бегалци влегуваат во земјата секој месец, повеќето од Сирија, Ирак и Авганистан. Тие најчесто продолжуваат кон Србија и потоа кон Западна Европа. Бугарија е можна алтернативна рута за бегалците, но тие не се добредојдени. Во арапските прирачници за бегалците, Бугарија е наведена како прва земја која треба да се избегнува. Прирачниците велат дека ксенофобијата и анти-исламските чувства се широко распространети во Бугарија. Иако бугарската влада го прифаќа системот на квоти е подготвена да преземе околу 1,600 бегалци, мнозинството во државата не сака бегалци.
Полска не сака бегалци
Претходната влада во Полска беше единствена од Вишеградската група која прифати да смести околу 7,500 бегалци. Новата национал-конзервативна влада критички гледа на ЕУ квотите, но сепак е подготвена да прифати одреден контингент бегалци. Првите стотина бегалци од Блискиот Исток треба да пристигнат во земјата до крајот на месецов. „Сите ќе бидат детално прегледани“, најави полската премиерка Беата Шидло. Полското општество е поделено по прашањето за бегалците. Според анкетите од минатата година, 73 проценти од анкетираните сметаат дека Полска не може да прифати бегалци. Во исто време, 53 проценти веруваат дека Полска треба да придонесе во изнаоѓање заедничко европско решение.
Надминувањето на бегалската криза сега воглавно зависи од тоа дали сите страни ќе го почитуваат договорот. Гералд Кнаус верува дека „доколку успее договорот со Турција, ќе се смири и остатокот од Европа“.