Интертото-куп: фијаско на Вардар во Гелзенкирхен
18 јули 2004Амбициите на фудбалерите на Вардар од Скопје и годинава да го свртат вниманието на европската спортска јавност како минатата, кога дојдоа на чекор до пласман во Лигата на шампионите, подгреани и со тоа што годинава во Интертото-купот веќе елиминираа кипарски, но и белгиски претставник, пукнаа како меур од сапуница на гостувањето во Гелзенкирхен. Во амбиент во каков досега не играле, пред 56 илјади гледачи, гостите од Скпопје доживеаја фијаско со поразот од 5 спрема 0 од Шалке. Вардар во првото полувреме, особено во почетните 20-ина минути, до водството на Шалке преку новодојдениот Младен Крстаиќ, се претстави во солидно издание, создавајќи и неколку изгледни гол-шанси, првата уште во 3-тата минута. Но, головите на Алтинтоп на 5 минути пред крајот на првото и на големото засилување Аилтон на пет минути по почетокот на второто полувреме ги деморалиизираа гостите од Скопје, чиј систем на игра се распадна и само чекаа да му дојде крајот на натпреварот. Во меѓувреме уште и Клезенер се запиша во листата на стрелците, а и Таневски ја затресе сопствената мрежа.
По натпреварот на прес-конференцијата тренерот на Шалке Јуп Хајнкес изјави: “Иако средба од Интертото-купот не е исто што и меч од Лигата на шампионите или од Купот на УЕФА, сепак има натпреварувачки карактер и е различна од подготвителните дуели. Денеска видовме дека мојот тим од самиот почеток пријде многу концентрирано и ангажирано, иако во првата половина се покажа дека пред нас стои уште работа на усогласување на играта на средниот ред во фаза на одбрана. Противникот играше смело и офанзивно и тогаш можеше да се види дека поседува квалитет, па ние неколку пати се најдовме во теснец. По водството мојот тим се здоби со сигурност и самодоверба, и оттогаш ја контролиравме играта” – изјави Хајнкес.
Тренерот на Вардар Жилдо Родригес собра сили и да се насмее кога беше запрашан за негов коментар на средбата: “Барате од мене да коментирам 5 спрема 0? Но, беше одлично да се гледа. Сепак, Македонија е рангирана на 92-ро место. Денеска беше вистински предизвик да се биде овде, но малку сум вознемирен – ни дадовте многу голови, можеа да бидат помалку. Многу е тешко за млад тим како овој да игра и загуби ваков натпревар. Ќе биде тешко за нас да го вратиме духот од минатата сабота” – рече Родригес.