1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Твитер-Шерлок против Путин

Луиза фон Рихтхофен
9 мај 2022

Од своите домови и со помош на социјалните мрежи, хоби-детективи собираат податоци за воените злосторства и дејствија во Украина и ги споделуваат со милиони следбеници. Еден од нив е и американскиот студент Џастин Пиден.

https://p.dw.com/p/4AUmK
Ukraine-Konflikt - Kiew
Фотографија: Ukrainian Military Defense/ZUMA/picture alliance

Џастин Пиден за себе тврди дека е „обично момче од колеџ“. Тој е студент по политички науки од Алабама, кој на својот Твитер профил има слика со девојката, а на својата веб-страница слика како држи огромен балон во форма на шампањско вино.

Меѓутоа, овој наизглед обичен 21-годишник има необично хоби. Негова сфера на интерес се, како што самиот тврди, уште од мали нозе, националната безбедност и геополитиката. Денеска Пиден е еден од највлијателните твитерџии, под името „Интел краб“. Тој е она што може да се нарече интернет детектив, бидејќи користи јавно достапни податоци на социјалните мрежи за да верификува информации и да ја разоткрие вистината зад видео-записите и фотографиите кои ги поставуваат корисниците. Војната во Украина особено му го промени животот и го направи познат.

Американскиот студент и Твитер-детектив, Џастин Пиден
Американскиот студент и Твитер-детектив, Џастин ПиденФотографија: privat

Ја разоткрива руската пропаганда

Пиден е фасциниран од конфликтот во Украина уште кога во 2014 година Русија го анектираше Крим. Тогаш имал 13 години. Со 14 години веќе отворил профил на Твитер и започнал да истражува. Денес го следат над 250.000 луѓе.

Овој млад американски студент никогаш не бил во источна Европа, но тоа во ерата на интернетот всушност и не е ни важно. Во слободно време тој „во својот мал Твитер-авион виртуелно лета“ над источна Украина каде што се води војна. „Сигурно добро би поминал кога би се натпреварувал во квиз каде тема е украинската географија“, вели тој со насмевка.

Неговото истражување е фокусирано на јавно достапните податоци на социјалните мрежи Твитер и ТикТок. Тој ги прегледува снимките и фотографиите кои ги ставаат корисниците, на пример од лице место од војната во Украина, и со помош на достапните алатки на интернет се обидува ги верификува. 

Снимките и фотографиите имаат дигитални траги во себе, податоци кои во нив ги внесува самиот телефон на кои се направени. Така е можно да се утврдат времето и датумот кога се направени снимките со помош на интернет алатки, но и геолокацијата, односно, географската ширина и должина. Со тоа може да се утврди каде и кога некоја снимка е направена. Она што му помага во истражувањето се и сателитските снимки, во овој случај Сентинел 2, кои можат да потврдат дали, на пример, некој објект се наоѓа на истото место како што се тврди во некоја снимка, како и во која состојба се наоѓа. Пиден со овој метод се обидува да ги открие можните обиди на руската пропаганда на социјалните мрежи.

Подем на Твитер-детективи

Овој метод на истражување на социјалните мрежи денес популарно се нарекува ОСИНТ (Open Source Intelligence). ОСИНТ доживеа голем подем во изминатите неколку месеци, особено од почетокот на руската инвазија на Украина. На почетокот на војната ОСИНТ-детективите аматери го следеа движењето на руските конвои користејќи видео снимки од социјалната мрежа ТикТок.

Светските влади и тајни служби, исто така, ја препознаа вредноста на ОСИНТ. На пример, граѓаните сега можат да испраќаат геолокации и видео снимки за движењето на руските трупи преку украинската владина апликација „Дииа“. „Примаме десетици илјади извештаи дневно“, вели за „Вашингтон пост“ украинскиот министер за дигитална технологија, Михаил Федоров. Тој додава дека тие се многу корисни.

Омилена алатка на ОСИНТ-детективите: веб-сајтот Flight Tracker
Омилена алатка на ОСИНТ-детективите: веб-сајтот Flight TrackerФотографија: Flighttracker

Пиден за интернет детективската заедница вели дека е „дива“ и нагласува дека таа е „децентрализирана и колаборативна, но и малку хаотична“. Бројни членови имаат воена експертиза или се поранешни војници.

Низ своето истражувачко искуство, Пиден развил чувство на длабока поврзаност со украинскиот народ. Тој сонува да ги види своите твитови како доказ во меѓународен кривичен процес за воени злосторства.

Што може да стори Пиден против Путин?

Во разговор за ДВ, директорката на Центарот за човекови права на Универзитетот Беркли во Калифорнија, Алекса Куниг, нагласува дека доказите собрани од социјалните мрежи можат да послужат на суд.

Најголема пречка, меѓутоа, претставува количеството на информации, но и бројот на социјални мрежи, бидејќи снимките и фотографиите се шират и на Телеграм и на рускиот пандан на Фејсбук - ВКонтакти.

Цел на Пиден засега е да изврши доволно политички притисок за започнување на судски постапки кои бараат многу ресурси, како временски, така и финансиски.

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите

Корисно, но и опасно?

Методот ОСИНТ за пребарување на социјалните мрежи може да придонесе за откривање на вистината за некој видео запис или за фотографија, но може да има и потенцијално лошо влијание и последици врз корисниците. На социјалните мрежи секој може да тврди дека се занимава со овој метод на истражување и да објавува различни заклучоци, бидејќи речиси и да нема регулација, особено на Твитер. Покрај тоа, корисниците кои поставиле снимки потенцијално би можеле да бидат изложени на опасност.

Така, една жена од Украина ја снимила руската војска од нејзиниот балкон. Пиден лесно можел да ја потврди автентичноста на тоа видео и ја објави геолокацијата на својот Твитер профил. Неколку минути подоцна сфатил дека со тоа може да открие каде е жената и го избришал твитот. Признава дека го исплашило тоа што поради неколку лајкови можел да загрози нечиј живот.

Сепак, овој млад студент решително ја продолжува својата детективска работа, со малку поголема претпазливост. „Дури и да ги загубам сите мои следбеници, ќе продолжам со мојата работа“. Тој се надева дека во иднина ќе биде сведок на суд, со цел да помогне да се расветлат околностите на војната во Украина и да се дојде до вистината.