Има ли опозиција во Србија?
22 мај 2017Солидниот резултат на претседателските избори на бившиот народен правобранител Саша Јанковиќ го услови и формирањето на новото политичко движење „Слободни граѓани на Србија“. Со оглед што движењето е тукушто основано, основачите не се изјаснуваа подетално околу конкретните програмски и политички прашања. Во статутот стојат само општи напомени за залагање за социјална правда, јасна поделба на власта, независно судство, слободни медиуми, како и создавање услови за слободни и фер избори. Челниците на движењето на почеток најавија отвореност за соработка со сите кои ги делат истите вредносни цели, како и очекување отсега политичката сцена во Србија да се дели на два дела: еден околу Александар Вучиќ, а другиот околу движењето „Слободни граѓани на Србија“.
Политичка мобилизација
Во услови на стигматизација на опозицијата, секој настан од ваков вид е значаен, оценува за Дојче веле Ѓорѓе Вукадиновиќ, политички аналитичар и независен пратеник. „Движењето на Саша Јанковиќ секако ќе има претензии да внесе нов квалитет на политичката сцена на Србија. Основно прашање е колку ќе успее во тоа и колкав замав ќе има движењето, или тоа само ќе го обедини она што веќе успеа во претседателската кампања, а тоа е собирање на расфрланото, разбиено и деморализирано избирачко тело на Демократската партија. Тоа е релативен успех, но за победа над режимот на Александар Вучиќ, освен обединување е потребна и мобилизација“, смета Вукадиновиќ.
Појавата на новото движење ја актуелизира темата за опозициско лидерство. Многумина веќе сега движењето на Саша Јанковиќ го гледаат како лидер и стожер на собирање на опозицијата, а слични очекувања очигледно имаат и во врвот на самото движење. Ѓорѓе Вукадиновиќ вели дека треба прво да се сочекаат некои програмски начела на новото движење, а потоа и во него да се искристализира дали постои желба да се биде стожер на собирањето на опозицијата или стожер на еден пол на српската опозициска сцена. „Во вториот случај, тоа би значело за себе да го врзат или да го проголтаат остатокот од тој условно речено лев, продемократски, граѓански политички спектар. Но, тука тогаш се поставува прашањето за односот со Демократската партија. Од другастрана, имајќи ги во вид неговите ставови од претседателската кампања, на пример за НАТО, Косово и Сребреница, ќе претставува голем проблем движењето на Саша Јанковиќ да се прошири по целиот опозициски фронт. Затоа мислам дека е пореално тој да се зацврсти како лидер на либерално-граѓанскиот дел од политичкиот спектар.“
Политичкиот аналитичар Милан Николиќ оценува дека уште самото име на движењето остава простор за брз пораст и дека тоа ќе обедини малку поширок спектар луѓе. Меѓутоа, нагласува тој, ќе мора да се сочека какви ќе бидат пред сѐ социјалните и економските ставови на движењето, како и оние за други важни политички прашања, за да може да се проценат неговите домети. „Знам, врз основа на некои претходни истражувања, дека граѓаните се многу заинтересирани за некои социјалдемократски опции, кои ги нема доволно на српската политичка сцена“, напоменува Николиќ.
Опозициска соработка - невозможен процес?
Појавата на нова личност на политичката сцена секако може да привлече разни групации, но мислам дека Саша Јанковиќ основниот проблем ќе го има со бившите лидери, вели Милан Николиќ: „Опозицијата е притисната од сите страни, но во добар дел за тоа е и самата виновна. Одделни политичари и натаму изигруваат лидери на големи партии, иако се можеби и под цензусот, други како да не живеат со нас, па се огласуваат само по повод тем кои никого не го интересираат и сите тие, со своите суети, ќе бидат основниот проблем за Саша Јанковиќ. Соработката во самата опозиција нема да биде лесен процес, а ниту успешен. Тешко дека еден лик ќе успее да ја собере оваа растурена опозиција, дури и ако е десетпати посилен и похаризматичен од Саша Јанковиќ.“
Србија во наредниот период ја очекуваат некои нови избори, а дилемата која се јавува е колку солидниот резултат на Саша Јанковиќ од претседателските избори може да се повтори на некои други избори. Ако сѐ остане според планот, први на ред се важните белградски избори. Ѓорѓе Вукадиновиќ вели дека успехот може да се повтори, ако се постават реални цели. „Мислам дека опозицијата ја пропушти шансата за сложен настап на претседателските, а и на парламентарните избори во 2016 година. Таа можеби не можеше до крај да го загрози Вучиќ, но постоеше добра прилика за обединување на опозицијата и да се издвои вистинската од лажната опозиција. Зашто, поразлично е ако вашиот кандидат има 35 проценти, отколку ако вашиот најдобар кандидат има 16 проценти, а дури и сте среќни поради тоа. На тој начин би се извежбал заеднички настап за некои следни избори и би се отстраниле некои Тројанци на власта. Моите анализи покажуваат дека токму претстојните градски се први избори на кои опозицијата има реална шанса да се бори за победа.“
Милан Николиќ истакнува дека на градските и парламентарните избори многу поважни се програмите и социјалните и економски ветувања. „Во секој случај, ќе остане нешто од претседателската кампања“, вели тој, но истовремено предупредува дека во политичката сфера работите кратко траат, а заборавот е основниот непријател. „Нешто од капиталот кој го стекна Саша Јанковиќ секако ќе може да се понесе, но сепак сега станува збор за поинаков вид политичка борба. Судејќи според неодамна завршената кампања, Саша Јанковиќ покажа дека може да ги издржи медиумските удари, да се бори и да постигне одреден резултат. А тоа само по себе веќе е одреден капитал“, заклучува Николиќ.