Израел ги отстрани спорните детектори на Ридот на храмовите
25 јули 2017Израел повторно ги отстрани детектори на метал на пристапите кон Ридот на храмовите во Ерусалим. Полицијата во текот на ноќта ги демонтираше апаратите, потврди портпаролот на полицијата Мики Розенфелд. На ова му претходеа протести на Палестинците, како и меѓународни напори за посредување во напрегнатата ситуација.
Ридот на храмовите (Ал-Харам ал-Шариф) со Златната џамија и со џамијата Ал-Акса е трето најсвето место во Исламот. Палестинците отфрлаат какви било промени на статус-квото, меѓу другото и надзорните камери, кои Израел ги постави во неделата. Поставувањето на метални детектори ги разгневи Палестинците, како и делови од муслиманскиот свет и предизвика безредија, во кои загина четворица Палестинци.
Израел ги заостри контролните мерки на Ридот на храмовите, откако на 14 јули тројца арапски атентатори смртно застрелаа двајца израелски полицајци. Напаѓачите беа убиени. Израелскиот безбедносен кабинет сега одлучи металните детектори да ги замени со напредни технолошки контролни апарати, соопшти канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху во текот на изминатата ноќ.
Претходно јорданскиот крал Абдула Втори изврши притисок врз Нетанјаху да ги размонтира детекторите и да ѝ стави крај на кризата. Во текот на изминатата ноќ дошло до конфронтации меѓу стотици Палестинци и израелските полициски сили на пристапот кон Ридот на храмовите. Муслиманските верници и натаму одбиваат да стапнат на Ридот на храмовите.