1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извинувањето на Закерберг не е доволно

Михаел Книге
11 април 2018

Јавното признавање на грешката од страна на основачот на Фејсбук и неговото ветување дека ќе се преземат мерки се добредојдени, но недоволни. Време е да се признае дека Фејсбук, Гугл и другите треба да бидат регулирани.

https://p.dw.com/p/2vpqK
USA Facebook-Chef Zuckerberg sagt vor Handelsausschuss des Repräsentantenhauses zu Skandal um Missbrauch von privaten Nutzerdaten aus
Фотографија: Reuters/A.-P. Bernstein

Немајте дилема: единствената причина зошто Фејсбук сега реагира на овој начин е затоа што е принуден на тоа. Постојаното истекување информации за улогата на платформата во кампањата на дезинформации за време на претседателските избори во САД, како и масовното нарушување на приватноста во скандалот со британската фирма Кембриџ Аналитика, едноставно беа преголеми за да се занемарат од јавноста и политичарите од двете страни на Атлантикот.
Но да се остави Фејсбук на мир откако неговиот основач јавно призна вина и даде нејасни ветувања за подобрувања, исто така не е доволно добро.

Собирање и продажба на лични податоци

Најпрво, затоа што ова не е првпат Фејсбук да се соочува со јавна бура поради проблеми со правата на корисниците. Фактички, како што вочдог групата Електроник Фронтиер Фондејшн (Electronic Frontier Foundation) објави уште пред осум години, уште по своето основање Фејсбук се престрои од приватна во „платформа на која немате избори, освен јавно да споделите дел од приватните информации“.
Второ, затоа што скандалот со Фејсбук е само почеток на проблемот. Други големи интернет играчи како Гугл и Твитер исто така беа вплеткани во ширењето дезинформации за време на претседателските избори и повеќе пати покажаа дека заштитата на корисничките податоци не им е приоритет.
Тоа што Фејсбук и Гугл толку здушно ги собираат и продаваат нашите лични податоци не треба да биде изненадување. Додека Закербег на сослушувањето во Сенатот повторно се обиде да го „продаде“ Фејсбук како „идеалистичка“ компанија чија мисија е едноставно поврзување на луѓето, а Гугл тврди дека неговата мисија е да обезбеди информации, факт е дека основниот бизнис на двете компании е собирање податоци и рекламирање на невидено глобално ниво. Обете фирми остваруваат огромен дел од својот профит не од обезбедување информации или поврзување на луѓето, туку со продажба на реклами кои директно таргетираат лични профили. Доколку се сомневате дека основниот бизнис на Фејсбук и Гугл е собирањето податоци, симнете ја вашата лична историја- но дозволете си малку време. Ќе потрае доколку сте просечен корисник на двете платформи.
Аргументот на некои во одбрана на овие компании дека никој не е принуден да ги користи нивните сервиси е неискрен и нереален. Во денешната дигитална економија едноставно не постои реалистична алтернатива за повеќе луѓе да се откажат од користењето на услугите на гигантите како Гугл, Фејсбук, Амазон или Епл. Овие фирми, сакале или не, станаа де-факто јавни институции кои се едноставно преголеми и преважни за да се игнорираат.

USA Facebook-Chef Zuckerberg sagt vor Handelsausschuss des Repräsentantenhauses zu Skandal um Missbrauch von privaten Nutzerdaten aus
Марк Закерберг се извини за грешките на Фејсбук пред комисија на СенатотФотографија: picture alliance/AP/A. Harnik
Michael Knigge Kommentarbild App
Михаел Книге

Регулација, наместо ветувања за саморегулација

Ваквата проценка не е нова, како што не се ни предлозите за справување со последиците од важноста на овие компании за денешните општества и економии. Тие вклучуваат анти-монополски закони со кои треба да им се застане на патот на квази-монополските тенденции на овие фирми. Имаше и повици за нивно разложување со цел да се натера Фејсбук да им понуди на корисниците опција да плаќаат за услугите, а во замена за тоа да не им се собираат и продаваат личните податоци.
Не е изненадување тоа што Закерберг во Сенатот ги отфрли предлозите за плаќање и за опција без реклами на Фејсбук. Тој исто така делуваше збунет и даваше лажливи одговори за многу други прашања како она што прави Фејсбук со личните податоци кои ги собира од корисниците, но и кога рече дека Фејсбук не дозволува лажни профили. Тоа можеби е технички точно, но евидентно е дека не е вистина.
Сето ова покажува дека Закерберг и неговата компанија се примарно насочени кон зачувување на нивниот бизнис модел и негово одржување колку е можно помалку ограничен. Со извинувањето и со ветувањето дека сакаат да се подобрат, овојпат Фејсбук и другите интернет гиганти сакаат да ја одбегнат регулацијата од сојузните власти. Конгресот и ЕУ не смеат да го голтнат мамецот. Фејсбук и другите интернет гиганти мора да бидат регулирани. Тие се едноставно премногу важни за иднината на демократијата низ целиот свет, за да не бидат.