1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборниот исход не носи промени во курсот на Австрија

Норберт Мапес-Нидик
30 септември 2019

Конзервативците на Себастијан Курц и Зелените остварија значителни добивки на парламентарните избори во Австрија. Десничарската Слободарска партија пак јасно загуби. Коментар на Норбарт Мапес-Нидик.

https://p.dw.com/p/3QSzj
Karikatur zur Österreich-Wahl von Celine Rübbelke

Кој може да смета добро, по овие избори на Австрија ќе ѝ припише лесно завртување кон лево - или барем претпазливо откажување од сосема десничарскиот пат. Ако се погледне поблизу и ако се суди според предизборната кампања, се доаѓа до поинаков заклучок. Иако коалицијата на конзервативната ОВП и десничарската Слободарска партија (ФПО) на изборите пред повеќе од две години заеднички навистина освои четири проценти повеќе гласови отколку овојпат, а Зелените, кои пред две години останаа надвор од парламентот со освоени мизерни 3,8 проценти, сега навистина осварија извонреден изборен успех, како никогаш досега, сепак во расположението и во политичката линија на електоратот не се промени ништо.

Поранешниот канцелар Себастијан Курц репрезентира и управува со широк конзервативен консензус - според мотото „Добри сме какви што сме“. Без бегалци, скромни (и пред сѐ помалку) странци, наместо тоа - национална гордост и идентитет. Назад кон училишната политика пред 1968 година и ЕУ која го слуша „нашиот“ глас. Од предизвици треба да бидеме поштедени. Најцитирана бројка на предизборната кампања беа наводните 0,2 проценти, колку што малата недолжна земја учествува во глобалните штетни издувни гасови. Но затоа најважното - цената на бензинот останува ниска. За планетата Земја треба да се грижат големите.

Разликите меѓу партиите остануваат исти

Фактот дека Курц има само 37,5 а не 60 проценти, од гласовите, се објаснува со политичкиот менталитет на Австрија. И покрај сета расправија за ситните прашања, партиите внимателно избегнуваат какво било несогласување за основните прашања. Избирачот сака разликата меѓу партиите да остане иста. Ако народот сака да оди десно, политичарите од сите табори го следат. На изборите пред две години, Зелените имаа толку слаби резултати бидејќи остро се спротивставија на строгата десничарска политика за бегалците. Овојпат тие внимателно ја избегнаа темата. Новата тема, климатските промени, од друга страна, поминува кај избирачите - сè додека не им закануваат навистина болните мерки. Гласањето за Зелените, имено, ја смирува совеста.

Повеќе:

-Себастијан Курц на чекор до нов премиерски мандат

Социјалдемократите, од друга страна, беа казнети. Внимателното избегнување на чувствителното прашање за доселувањето не беше доволно за изборно подобрување. Нивното луто спротивставување на реорганизацијата на здравственото осигурување, тема за експерти и функционери, никој не можеше да го разбере. Протестот против новата регулатива за работното време, која овозможува 12-часовна работа дневно и 60-часовна работна недела, се размина со интересите на сопствените гласачи. Имено, токму кај работничката класа се популарни класичните модели на семејство: тато работи прекувремено, мама во домаќинството и згора на тоа заработува.

Norbert-Mappes-Niediek - t Korrespondent mehrerer deutschsprachiger Zeitungen in Südosteuropa
Норберт Мапес-Нидик, автор на коментаротФотографија: L. Spuma

Изборниот резултат, особено загубата на неверојатни десет проценти гласови на Слободарската партија (ФПО), сугерира уште една заблуда: дека избирачите со тоа ја изразиле својата ужасеност од озлогласениот видео запис од Ибица, на кој поранешниот вицеканцелар од редовите на ФПО, Хајнц-Кристијан Штрахе, прави матни зделки со лажна руска олигархка. За ужасеност, јавноста веќе имаше четири месеци. Но тоа изостана. Такви се впрочем политичарите, гласеше нивната порака. Со дополнување: Ако веќе прават такви валкани зделки, тогаш барем треба да настапуваат елегантно и да не бидат фатени.

Потрага по партнери

Себастијан Курц сега на располагање ги има сите опции за спроведување на својата политика. Дури и со Зелените, тој би имал апсолутно мнозинство, а партијата и онака веќе му испраќа сигнали на победникот на изборите. Но, отпорот доаѓа од Виенската покраинска група на конзервативците. Таа смета дека би било полесно за Курц да коалицираше со „розовата“ Неос - мала, општественополитички и социјалнополитички либерална партија за богатите и образовани жители на градовите.

Како опција за партнерство повторно во игра е и десничарската Слободарска партија. Иако нејзиниот генерален секретар Харалд Вилимски во изборната ноќ изјави дека не гледа „никаква можност“ за продолжување на коалицијата со ОВП, сепак ваквата нефлексибилност има и тактички смисла: Во предизборната кампања, ФПО со сите сили му се додворуваше на Курц. Сега  препорачливо е да го сврти листот за да си ја зголеми цената. Всушност, Слободарската партија може да одбие коалиција со Курц и да биде суштинска опозиција во парламентот - сценарио кое канцеларот Курц најмалку би си го посакал. Така што може да се подготвиме за повеќенеделен покер.

 

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.