Изборна победа на Националниот фронт во Франција
25 мај 2014Десноекстремната партија Национален фронт на Марин ле Пен освои најмногу гласови на изборите за Европскиот парламент во Франција. Според првичните прогнози на повеќе институти за испитување на јавното мислење, пертијата на Ле Пен освоила меѓу 24 и 25 проценти гласови. На минатите избори во 2009 година Националниот фронт освои 6,3 проценти.
Кознервативната опозициона партија УМП во Франција освоила меѓу 20 и 21 проценти од гласовите.
Социјалистите на претседателот Франсоа Оланд доживеаја нов изборен пораз, со освоени меѓу 14 и 15 проценти од гласовите.
Сепаратистите во Фландрија во водство
Сепаратистите во Фландрија на изборите за Европскиот парламент во Белгија, според првите прогнози, исто така забележуваат победа. По пребројувањето на 1350 од вкупно 6617 избирачки места, Новата фламанска алијанса на Барт де Вевер, кој се бори против опстојување на Кралството Белгија, освоила речиси 30 проценти гласови.
Во франкофонскиот дел од земјата, пак се навестува дека социјалдемократите на Елио ди Рупо претрпеле загуби.
ГЕРБ во водство во Бугарија
Во Бугарија опозициската граѓанска партија ГЕРБ според првите прогнози убедливо победи на изборите за Европскиот парламент со околу 28,6 проценти од гласовите, додека владејачките социјалисти освоија само околу 19,8 проценти. Националистичката партија Атака, која досега беше застапена во ЕП, според прогнозите стигнала само до 3,6 насто од гласовите.
Сириза прва во Грција
Во Грција на парламентарните избори за Европа е на повидок победа на опозицискиот лев сојуз Сириза, според првите прогнози, партијата на Алексис Ципрас добила меѓу 26 и 30 проценти од гласовите. Сириза решително ги отфрла реформите кои се спроведуваат во кризната Грција под притисок на меѓународните партнери - ЕУ, ММФ и Европската централна банка, во замена за потребните кредити со кои се избегнува државен банкрот. Прогнозите велат дека конзервативната партија на премиерот Андонис Самарас освоила меѓу 23 и 27 проценти од гласовите. За десно радикалната Златна зора гласале околу осум до десет проценти од гласачите.
Австрија - подем на десничарите
На европските избори деснопопопулистичката Слободарска партија на Австрија според првите прогнози освои околу 20 проценти од гласовите. Тоа е значителен плус во споредба со 2009 година, кога имаше 12,7 насто гласови. Слободарската партија се истакнуваше со слогани против доселениците противење на помошта на европските земји погодени од стопанската и финансиската криза. Најсилна партија во Австрија со освоени 27 проценти останува меѓутоа конзервативната Народна партија, а Социјалдемократската партија има околу 24 проценти од гласовите.