Изборен дебакл на Ле Пен и на Макрон
28 јуни 2021Партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, „Република во движење“, оствари многу лош резултат во вториот круг на регионалните избори со вкупно освоени 7 отсто од гласовите, а малку подобро помина деничарско популистичката партија на Марин Ле Лен, „Национален сојуз“, која освои околу 20 насто.
Најдобар резултат на регионалните избори оствари десничарската партија Републиканци, која доби доверба од 38 отсто од избирачите, а следуваше коалицијата на партиите на Социјалистите и на Зелените со над 30 проценти.
Ле Пен во регионалните избори влезе со амбиција да освои повеќе региони, што ќе беше голем поттик за претседателските избори во наредната година, но нејзините кандидати не победија ниту во еден регион.
Повеќе:Франција: Шлаканица за Макрон, изјаловени очекувања за Марин Ле Пен
Таа најголеми шанси требаше да има во регионот Прованса-Алпи-Азурен брег, но излезните анкети покажаа дека нејзиниот кандидат освоил 44,2 насто од гласовите, а претставникот на Републиканците 55,8.
Слично заврши и трката во регионот О де Франс, каде убедливо победи конзервативецот Завије Бертран со 52,7 отсто, пред кандидатот на партијата „Национален сојуз“ кој освои 25,9 и кандидатот на Левицата со 21,4 отсто од гласовите.
Во најбогатиот и најнаселен регион Ил де Франс, кој го опфаќа и Париз, со 45 насто од гласовите победи конзервативката Валери Пекрес. Зад неа се кандидатите од Зелените со 35 и претставниците од Националниот сојуз и од Република во движење со по 10 отсто од гласовите.
И вчерашниот втор круг од изборите ги обележа исклучително мала излезеност, бидејќи гласаа само 33,7 отсто од избирачите.