1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Идлиб: Страв од хуманитарна катастрофа

Керстен Книп
12 септември 2018

Дипломатијата сѐ уште се обидува да спречи напад врз Идлиб, излезно решение се очекува преку конференција во Женева. Но владата на Асад и натаму е подготвена на конфронтација.

https://p.dw.com/p/34fhr
Syrien Idlib Rauch nach Luftangriffen der Regierungskoaliltion
Фотографија: Getty Images/AFP/O.H. Kadour

Претпоследна шанса - Техеран, последна веројатно Женева: швајцарскиот град повторно е домаќин на меѓународни дипломати кои се обидуваат да спречат крвопролевање во Сирија, овојпат под ваква закана се наоѓа Идлиб. Во петокот преговарачите собрани во Техеран не успеаја да најдат политички излез од кризата во сириската провинција. Русија и Иран останаа решени градот Идлиб да биде насилно освоен и да биде земен од рацете на џихадистичките бунтовници. Доколку и советувањата во Женева останат безуспешни, може да се смета на најлошото, предупреди координаторот на ОН за итна помош, Марк Ловкок. „Мора да постојат начини за решавање на овој проблем, кој може да се претвори во најлошата хуманитарна катастрофа и најобемната загуба на човечки животи во 21. век“, изјави тој во Женева.

Импровизирани бомби, артилерија и ракети

Што би се сличило во Идлиб, можеше да се насети од изминатите недели. Од почетокот на август сириската и руската авијација ја бомбардираат провинцијата Идлиб и околу трите милиони луѓе кои престојуваат таму. Нападите беа интернзивирани на викендот. Опсерваторијата за човекови права, блиска до бунтовниците јавува за преку 150 напади врз југот од Идлиб и делови на соседната провинција Хама. Сириската авијација притоа користела буриња полни со експлозив, артилерија и ракети.

Iran Teheran Putin, Rohani und Erdogan Beratungen zu Syrien
Безуспешни преговори во Техеран: Владимир Путин, Хасан Рохани и Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: Getty Images/AFP/M. Klimentyev

Со месеци хуманитарните организации се подготвуваат за ублажување барем на најголемите страдања. „Во регионот се наоѓаат преку три милиони луѓе. Ситуацијата ја прави уште поделикатна фактот што половината од нив се интерно раселени лица“, вели Аника Хајнлајн, референт во хуманитарната организација Кер во Германија. Дел од луѓето го напуштија градот во последните денови, но нема речиси ни каде да бегаат.

Цивили како заложници

Според проценките за специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, во Идлиб се наоѓаат околу 10.000 борци на Нусра-фронтот, згора на тоа и уште неколку илјади други џихадистички борци. Медиумите јавуваат дека тие заедно контролираат околу 60 проценти од регионот. 

Постојат бројни укажувања дека овие групи држат во заложништво цивили заглавени во опколениот град. Според „Вашингтон пост“, милициите на џихадистичката организација Тахрир ал-Шам во различни места во регионот подигнале бесилки заради јавно егзекутирање на евентуални „предавници“. Џихадистите освен тоа, пишува весникот, имаат подигнато неколку затворски центри, во најмалку пет од затворите се вршат мачења.

Повеќе: 

Идлиб: Ќе успее ли дипломатијата да спречи катастрофа?

Животот во Сирија: Готвењето е луксуз

Интернет-магазинот „Ал-Монитор“ смета дека џихадистичките групи без задршки земаат предвид висок број цивилни жртви. „Колку нападите се одвиваат покрваво, толку подобро“, ја резимира весникот логиката на џихадистите. „Зашто, од нивен аспект, во таков случај ќе расте притисокот Сирија и Русија да ги окончаат борбите и да им ја препуштат енклавата на џихадистите.“

Меѓународните хуманитарни организаците засега уште имаат контакт со опколените цивили, но воздушните напади последниве денови екстремно ја отежнуваат помошта. „Во прв план нормално е безбедноста на нашите соработници“, потенцира Аника Хајлајн. На цивилите им се најпотребни храна, лекови, шатори. „Помошта во најголем дел во моментов доаѓа од Турција. Се обидуваме колку што може да им ја доставиме на луѓето на терен.“ 

Syrien Idlib Demonstration gegen Militäroffensive der Regierungstruppen
„Немојте да нѐ напаѓате!“ - демонстрации во ИдлибФотографија: Getty Images/AFP/Z. Al Rifai

Воздушните напади провоцираат можна радикализација

Сириската влада на дипломатските преговарачи им даде рок до 10. септември. Шансите да се спречи напад врз Идлиб се мали, укажува весникот „Шарк ал-Авсат“, зашто сите вклучени актери имаат свои интереси во Сирија, кои безусловно ќе ги застапуваат. „Русија сака зачувување на своите позиции, исто како и САД и Иран. Сето тоа енормно ги отежнува преговорите.“ 

Сличен е ставот и на коментаторот во весникот „Ал Хајат“ - Идлиб е последната голема битка во сириската граѓанска војна. По неа ситуацијата делумно би се смирила, џихадистичките групи би биле до тој степен ослабнати, што барем краткорочно од нив нема да произлегува никаква опасност. Но, може да се смета на тоа дека делови од цивилното население, како последица на бруталноста на нападите на режимот, би се чувствувале привлечени кон џихадистите или дури и дека би им се придружиле. Освен тоа, можни се одмазднички акции на режимот на Асад. „Кон нив меѓународните актери веројатно ќе бидат рамнодушни, ќе бидат веројатно среќни да ја остават зад себе сириската кал“.

Да не се губи надеж

Дипломатите сепак не се откажуваат во барањето политички излез од конфликтот. И хуманитарните организации апелираат до одговорните да спречат крвопролевање. „Не се откажуваме од надежта големата офанзива сепак да не биде спроведена“, вели Аника Хајнлајн. „Нејзиното спречување е нашиот најсериозен и најголем апел.“

Досега режимот на Асад не покажа импресионираност од ваквите повици. Неговата авијација продолжува со авионските напади врз повеќе места во провинцијата Идлиб.