1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов не попушта, пречките за мандатот не се отстранети

БГ
13 март 2017

Кабинетот на шефот на македонската држава соопшти дека Иванов и натаму не се предомислил во однос на доделување на мандатот за состав на новата влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

https://p.dw.com/p/2Z6Bg
Mazedonien Gjorge Ivanov mit Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Пречките за определување мандат сѐ уште не се отстранети, соопшти Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов попладнево. Викендот мина во серија повици од СДСМ до претседателот да го почитува Уставот и да му го додели мандатот за формирање влада на партискиот претседател Заев. Во петокот, Заев ја презентираше и програмата за работата на идната влада со што, како што рече, се отстрануваат сомнежите дека идната коалиција ќе работи против унитарноста на државата.

Но, Иванов вели дека останува на ставот искажан на 1 март годинава во обраќањето до граѓаните.

Во обраќањето, а подоцна и со писмо до повеќе светски лидери, Иванов бараше од домашните политичари, но и од водечките светски држави и организации да ја осудат и отфрлат, како што нарече, „Тиранската платформа“.

Од Кабинетот на Иванов го повторуваат неговиот став дека „сè додека е претседател“, нема да даде мандат ниту на човек, ниту на партија што се залага или во својата програма има платформа за уривање на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Република Македонија. 

Во реакција на ставот на Иванов, од СДСМ го повикаа да не одолговлекува, со цел да ги спаси Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ од одговорност за криминалот.

„Единствената пречка за Македонија се Иванов и Никола Груевски“, порачуваат од СДСМ.  

Паралелно, продолжуваат преговорите меѓу партиите од идната владина коалиција околу можноста да се закаже седница на Собранието во текот на неделава и да се избере претседател. Начелно, планот е конститутивната седница на парламентот да продолжи в среда или најдоцна во четврток оваа недела. Иако од парламентарното мнозинство очекуваат, по конституирањето на Собранието, Иванов сепак да го даде мандатот, денешното соопштение од Кабинетот на претседателот на државата укажува дека тој, најверојатно, и натаму ќе одбива да го стори тоа.

Парламентарното мнозинство веќе извесно време најавува дека има „план Б“ во случај Иванов да продолжи да ги блокира процесите. Европската Комисија, САД и високи дипломати од земји-членки на ЕУ во повеќе наврати го повикаа Иванов да го даде мандатот.