1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов дополнително ја заостри кризата

БГ
2 февруари 2017

Длабоката политичка криза во Македонија дополнително се заостри откако претседателот Ѓорге Иванов одби да ѝ го даде мандатот за формирање влада на опозицијата, пренесува печатот на германски јазик

https://p.dw.com/p/2WqLB
Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со својата одлука, македонскиот претседател ја продлабочува владината криза во земјата, јавува германската новинска агенција, а нејзиниот извештај го пренесува и магазинот „Шпигел“.

„Опозицијата ќе мора да достави потписи од 61 пратеник со кои би можела да изгради мнозинство во парламентот. Со тоа Иванов ги спречува коалициските преговори и ги прави можни новите предвремени парламентарни избори“.

Извештајот констатира дека шефот на државата е партиски приврзок на долгогодишниот премиер Никола Груевски. За двојните аршини на Иванов при доделувањето на мандатот се наведува следното:

„Нему (на Груевски, н.з.), како на победник на изборите му беше доверен мандатот, иако не покажа потписи од 61 пратеник. Груевски кој владееше авторитарно, сепак, и покрај двонеделните напори не успеа да најде коалициски партнер и да направи влада. Сега сака нови избори“.

Во германскиот печат нема информации за вчерашната средба на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски со германската амбасадорка во земјата Кристине Алтхојзер. ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение објавено по состанокот наведе детали од средбата кои засега не се коментираат од германска страна. Според нив, Алтхојзер „била изненадена“ зошто Груевски бара нови избори и му пренела дека очекува мандатот да се даде на втората по големина партија во Собранието. На дополнително прашање од Груевски дали е тоа нејзина сугестија, германската амбасадорка, според ВМРО-ДПМНЕ, одговорила дека таков е ставот во Берлин.

Груевски и сѐ уште актуелниот министер за надворешни работи Никола Попоски, на Алтхојзер ѝ забележале и на „преголемо мешање на странските фактори“ во домашните политички прилики. Груевски, веројатно мислејќи на странските дипломати, рекол дека тие „ги поминале границите на претставување“.