Зума за претседател?
22 април 2009Нкандла е мало гратче на еден рид во јужноафриканската провинција КваЗулу-Натал. Ова е местото каде, по неколкумесечни протести, за малку не беа саботирани првите слободни избори во 1994 година, кои на крајот го донесоа Нелсон Мандела на чело на државата. Но, пред се`, ова е местото каде до ден-денешен се негува шовинистичкиот Зулу-култ, а слободно може да се каже дека Јакоб Зума е еден од неговите најдобри претставници.
Кој е, всушност, овој човек? Локалниот новинар Маримоту Сабамани, од државното радио, со децении ја следи политичката кариера на Зума. Тој многу добро ги знае митовите за сиромавото селанче и политички затвореник, кои Зума во текот на предизборната кампања намерно ги истакнува: „Тој имал тешко детство. Мајка му била куќна помошничка. Немал воопшто никакво образование и се снаоѓал работејќи како овчар. Подоцна се приклучил кон вооружената борба против апартхејдот, но бил уапсен и повеќе години затворен во затворот на Робен ајленд, каде и Нелсон Мендела го поминал најголемиот дел од затворската казна. Таму, со помош на другите затвореници, ја положил матурата“, раскажува Самбани.
Зума го чека тежок товар
За едни е камелеон, популист, прекршител на законот. За други, човек близок до народот, кој конечно во реалност ќе го спроведе слоганот на неговата партија АНЦ, „Подобар живот за сите“. Но, она што е сигурно е дека ќе наследи огромен товар: криминал, ксенофобија, корупција, политичко незадоволство, а наскоро ќе го стигнат и последиците од финансиската криза, од која Јужноафриканската Република е најпогодена, во споредба со останатите земји на африканскиот континент. Кој е овој човек, кој сака во иднина да биде на кормилото на африканската економија? Еве што мислат жителите на Нкандла:
„Да, го познавам, и моето моминско презиме е Зума. Многу е пријатен и ангажиран човек, тоа ми се допаѓа кај него. Многу е близок до обичниот народ. Можеби ќе изгради неколку училишта за нас и ќе им помогне на оние на кои тоа им е најпотребно“, смета една жена.
Друг, пак, вели дека не е убаво тоа што е обвинет за корупција.
Од Зума бараат електрична енергија
Тоа се дел од луѓето кои денеска треба да излезат на избори и да го дадат својот глас. Што тие бараат од новиот претседател? Градоначалникот на Нкандла, Звелабо Зулу, веќе има подготвено листа на приоритети: „Улиците и инфраструктурата се првиот приоритет, бидејќи оваа област е претежно рурална“, вели Зулу. „Вториот приоритет е снабдувањето со електрична енергија. Тука ни‘ се појавуваат големи проблеми. Овдешните жители имаат ограничен пристап до медицински и образовни установи, бидејќи за нивна работа потребна е електрична енергија“, истакнува градоначалникот.
Меѓународната заедница нема да биде воодушевена
На заминување од Нкандла, човек добива измешани впечатоци. Од една страна, овдешните жители се горди што конечно еден припадник на народот Зулу се кандидира за највисоката државна позиција, па дури и ако доаѓа од редовите на опозицијата. Но, најновите обвинувања за корупција, кои барем формално се расчистени, се` уште фрлаат сенка врз идниот претседател, вели локалниот новинар Маримоту Сабмани. „Зума не раководи добро со финансиите, а тоа му го наметнуваат како корупција. Ова, но и последниот процес поради насилство, кај многумина предизвикаа скептичност околу тоа дали Зума би бил најдобриот избор за претседател на Јужноафриканската Република. Меѓународната заедница нема да го прифати со особено задоволство“, предупредува Сабмани.
Автор: Лудгер Шадомски / Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска