1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Турција го купува рускиот одбранбен систем?

Роман Гончаренко
2 јули 2019

Без оглед на противењето и заканите од САД, Турција ќе добие модерен систем за противвоздушна одбрана С-400 од Русија. Поради што купувањето на тоа оружје толку ги лути партнерите во НАТО?

https://p.dw.com/p/3LRbK
S-400 Luftabwehrsystem
Противвоздушниот одбранбен систем С-400 при презентација во Москва, јуни 2019 Фотографија: picture-alliance/AA/S. Karacan

Во овој месец би можело сѐ да се заврши. Многу нешта упатуваат на тоа дека на Турција, како на прва и досега единствена членка на НАТО, ќе ѝ биде испорачан модерен руски систем за противвоздушна одбрана С-400. Апелите на американската влада да го откаже договорот со Русија во вредност од 2,5 милијарди долари, очигледно беа бескорисни.

Во Вашингтон постои загриженост  дека Москва преку своите оружени системи би можела да го шпионира НАТО, првенствено модерниот американски борбен авион Ф-35, чија продажба на Турција Американците сега би можеле да ја стопираат.

С-400: флексибилен и поволен

Противвоздушниот одбранбен систем С-400 „Триумф“ има голем и среден домет. Тој е досега најефикасен модел во низата одбранбени системи кои по Втората светска војна се развиени во Советскиот Сојуз и подоцна модернизирани во Русија. Бројот 400 се однесува на максимален дострел во километри.

Според наводите на Министерството за одбрана во Москва, С-400 е замислен како окосница на руската противвоздушна одбрана. Во погон е ставен во 2007. година, а оттогаш со него се опремени повеќе единици, вклучувајќи ги и оние на анектираниот украински полуостров Крим и во руската ексклава Калининград на Балтичко Море.

С-400 се состои од различни возила, меѓу кои и командна централа, мобилна радарска станица и ракетни фрлачи. Производител е државниот концерн за оружје „Алмаз-Антеј“, кој поради руската постапка во Украина е на листата санкции на ЕУ и САД. С-400 е развиен за соборување авиони, стратешки крстосувачки ракети, тактички балистички ракети, но и беспилотни летала на висина до 27 километри. Во руските медиуми се тврди дека е подобар од конкурентните системи од САД и Франција. 

Русите лидери во ракетната технологија

„Додека Запад произведува подобри авиони, Русите отсекогаш биле лидери во ракетна технологија“, потврдува Ричард Коноли од британскиот универзитет во Бирминген. С-400, вели тој, е многу флексибилен и може да се употреби кај различни видови ракети. Според Коноли, дополнителна предност е цената, С-400 чини околу половина од цената  на американскиот систем „Патриот“.

Сепак, можно е зад продажбата да се кријат и политички причини. Системот би можел да биде привлечен за Турција токму поради фактот што С-400 е развиен специјално за употреба против американско оружје, смета британскиот експерт. Притоа тој мисли на случаите како обидот за пуч во 2016. година, кога претседателскиот авион беше загрозен од борбени авиони Ф-16 од сопствената армија.

S-400 Luftabwehrsystem
Тест на системот С-400 во Санкт Петербурх, 2015. годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Lovetsky

Московскиот воен експерт Александар Голц верува дека купувањето на С-400 е од чисто политичка природа. „Турција нема непријатели од кои би требало да се штити со употреба на С-400. Тоа е сигнал кон САД и другите дека Анкара спроведува самостојна одбранбена политика“, вели Голц.

Прва воена интервенција во Сирија

Турција е втора земја по Кина која ќе добие одбранбен систем С-400. Индија веќе потпиша договор во вредност од 5,5 милијарди долари и чека на испорака. И некои земји од Заливот покажаа заинтересираност. Сепак, С-400 има и недостатоци, велат експертите. „Уште никогаш не е испробан во сериозна воена ситуација“, истакнува Симон Веземан од стокхолмскиот Институт за мировни истражувања СИПРИ. „Единствен во борба тестиран противвоздушен одбранбен систем беше американскиот систем „Патриот“ во Заливската војна во 1991. година."

Притоа Русија својот одбранбен систем веќе го има стационирано во Сирија заради заштита на своите тамошни воени бази. Претседателот Владимир Путин освен тоа изјави дека таму се тестираат нови оружени системи. „С-400 имаше шанса да ги покаже своите способности при нападот на САД со ракети ‘Томахавк' во Сирија во 2018. година, но сепак руското раководство беше доволно разумно за да не го употреби“, потенцира Александар Голц.

Трансфер на технологија од Русија во Турција?

Претходните модели, како што е С-300, во Советскиот Сојуз биле конципирани како дел од големиот национален систем за противвоздушна одбрана. Посебност кај С-400 е што може да се употреби самостојно. Токму тоа ѝ дава можност на Турција да управува со руско оружје надвор од мрежата на НАТО.

Отворено прашање е на кој начин Турција сака да го заштитува системот С-400 од воздушни напади. Во Русија таа улога ја презема модерен систем на противвоздушна одбрана со краток дострел. Тој, такаречи во двојно пакување им се испорачува на сопствените трупи. Не е јасно дали Турција го купува и тој систем. Москва навести желба да ѝ продаде на Анкара и друго оружје.

Повеќе: 

Еготрипот на Ердоган

Ултиматум меѓу НАТО партнерите: САД ѝ се закануваат на Турција со санкции

Турција се надева на трансфер на технологија од Русија. Наводно, во Турција би требало да се произведуваат некои делови за С-400. „Меѓутоа, тоа би било пред сѐ симболично учество“, смета Александар Голц и зборува за производство на „неколку завртки, ништо повеќе.“ Според непотврдени извештаи на руски медиуми, Москва не сака да ѝ овозможи на Турција пристап кон електронски компоненти како што се софтвер за препознавање, кој има задача да го разликува пријателот од непријателот.

Сериско производство на С-500?

Додека Русија ја опремува својата војска со С-400, веќе работи и на производство на следен модел. Тој би требало да се вика С-500 „Прометеј“ и се очекува да биде оперативен во 2020. година. Моделот е спремен за сериско производство, соопшти неодамна Денис Мантуров, министер за индустрија и трговија. Москва ветува дека новиот систем ќе има уште поголем дострел и ќе овозможува дури и соборување на нисколетечки сателити.