Зошто САД се враќаат на Балканот
3 август 2018„Америка се враќа на Балканот“- под тој наслов „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ја анализира веста за повторното отворање на програмите на бугарски и романски јазик на Радио Слободна Европа. На почетокот авторот потсетува за причините на повлекувањето на РСЕ од овие земји, откако Бугарија и Романија станаа членки на ЕУ и НАТО.
„Делуваше дека тргнаа по исправниот пат кон правна држава и демократија, и дека недвосмислено се поврзаа со Западот. Враќањето на РСЕ на источниот Балкан покажува дека во Вашингтон веќе поинаку гледаат на нештата“.
Американската ренесанса
Авторот ја цитира аргументацијата на РСЕ, според која целта е да се поттикнуваат демократските вредности и институции, и заедно со локалните независни медиуми и граѓанско општество да се разобличуваат лажните вести.
„Американската радио-ренесанса која ќе ја остварува својата општествена улога преку интернет, е добар вест за Романците и Бугарите не само затоа што конкуренцијата, вклучително и во медиумскиот сектор, секогаш е од полза на корисниците. Тој ангажман ќе обезбеди да се слушнат и гласовите кои се критички настроени кон владите и вообичаено не можат да се пробијат.
Затоа што состојбите во цела Југоисточна Европа во крајна линија се слични: јавните сервиси често нудат добар квалитет особено во своите културни програми, но во делот на политиката најчесто се портпароли на своите влади. Приватните медиуми пак, честопати се во рацете на претприемачи кои ги користат како гласноговорници за застапување на своите економски и политички интереси. А постои и цензура.
Во едно такво опкружување важно е да има локални новинари чии работодавци се куќи како РСЕ или Дојче веле. Да, тие исто така имаат свои интереси, но им овозможуваат на новинарите, преку обезбедување на нивната финансиска сигурност, професионално да си ја вршат својата работа. (...) Така, случаите на корупција, злоупотреби на министри, или задкулисни договори, веќе не можат да бидат игнорирани од медиумите кои се подредени на влади или тајкуни, бидејќи тие веќе стигнале до јавноста и во околните земји преку медиумите како РСЕ.“
„Освен локалните влади и олигарси, со јавното мислење манипулираат и држави како Русија, Кинаили Турција кои се обидуваат да ги протуркаат своите интереси на Балканот преку сопствени медиуми. Така на пример, новинската агенција Анадолија која е под директна контрола на владејачката турска Партија за правда и развој (АКП), има свои канцеларии во Сараево. Таа канцеларија нуди изобилство на новинарски материјали на босански јазик за муслиманите во БиХ. Српската редакција на московското радио „Спутњик“ е насочена кон босанските Срби и кон публиката во самата Србија. Кинеската новинска агенција Синхуа е особено активна преку својата канцеларија во Атина“, пишува ФАЦ.