За ветингот. И ветеринарите.
6 јуни 2019Ветинг. Термин кој се очекува допрва да стане дел од нашиот вокабулар. Ветинг, дефиниција: процес на темелно истражување на личност, компанија или друго тело преземено пред да се донесе одлука за понатамошен заеднички проект. Ветинг, потекло: глагол од британскиот сленг од 19-век кој се однесувал на темелна проверка на коњи од страна на ветеринари. Ветинг во Македонија: термин подолго присутен кај Албанците поради процесот во Албанија, од неодамна присутен во јавниот дискурс по неколку изјави од СДСМ и ДУИ. Најголемата очекувана добивка од ветингот: прочистување на системот од корумпирани, криминализирани личности и кругови. Најголемата опасност од ветингот: компромитација на уште еден инструмент на демократска перестройка и гласность и законска санкција, според неславниот пример со лустрацијата.
Дилемата дали на Македонија ѝ е потребен ветинг-процес е една од оние теми на кои и општеството и естаблишментот веднаш и унисоно ќе се согласат со позитивен одговор. Но како и со сѐ друго, проблемот не е во добивањето согласност, колку што е во ниетот, т.е. мотивот во давањето поддршка. Додека ниетот на општеството е делумно просветителски, делумно одмазднички заснован, мотивот на естаблишментот е најчесто перфиден обид преку давањето согласност да се стекне привид дека немаат причина за страв од ветинг, т.е. дека тој/таа единка е сосема чист и незасегнат од можноста да биде ветеринизиран. Нашите искуства, затоа, однапред налагаат на ветингот да се гледа со добра доза скепса, при што здравата доза на оптимизам на општеството треба да се стави на кантар со горката доза на скепса за процесот и исходот контролиран од естаблишментот.
Првото прашање поврзано со процесот на ветинг е - кој сѐ треба да биде вклучен и кој временски период треба да биде опфатен. Ветингот во Албанија беше концентриран врз судството и обвинителството, подоцна надополнет со Полицијата и Републиканската гарда и на крај кон највисоките државни службеници, пратеници, премиерот, министрите, градоначалниците и.т.н. „Постои само една можност за прочистување на политиката од оваа нова и сѐ пософистицирана генерација на криминалци – а тоа е ветингот,” ќе изјави опозицијкиот лидер Лулзим Баша. Апропо, процесот на ветинг и тензиите кои ги предизвикува истиот во владеачките кругови и општеството треба да бидат причина нашите првенци да се подзамислат кога тврдат дека Преспанскиот договор бил исклучително тежок чекор поради кој Македонија заслужува датум за преговори – повеќе од Албанија. Мислам, да почекаме на ветинг кај нас и врз нас ...
Дебатата во Македонија сѐ уште нема стигнато до фазата на одлучување кој сѐ треба да биде опфатен со ветинг, по кој приоритет и со каков обем. Дали тоа треба да биде според албанскиот модел, почнувајќи од судството/обвинителството, надополнето со полицијата, армијата и тајните служби, заокружено со политиката? Политиката секако ќе се согласи и инсистира ветингот да започне со судиите, а тие - да си останат на крај. Како, нели, чувари на чистотијата на чистката на од нив корумпираните судии и обвинители. А сепак, искуствата со нашето СЈО укажува на порозноста на таквиот пристап, во чекор со последиците кои ги гледаме во соседна Албанија и кои сосема реално и лесно можат да се префрлат и врз нашите политички релации.
Други колумни од авторот:
Оптимистичниот песимизам на реализмот
Од друга страна, започнувањето на ветингот како процес првенствено аплициран врз политиката и државните институции од почеток доаѓа во судир со прашањето: како да се очекува од корумпираното судство/обвинителство да спроведе реален ветинг врз оние кои ги држат за опаш? Што повторно ја враќа подзаборавената дилема - зошто домашната политика и меѓународната заедница така лесно се согласија на формирање на СЈО, но уште полесно ја одбија можноста за формирање на ССИ (Специјална Судска Институција).
За обемот на опфатеност со ветинг не треба да се има никаква дилема. Процесот мора да ги опфати сите институции на системот – почнувајќи од Претседателот и неговиот Кабинет, Собранието, Премиерот и неговиот Кабинет, сите министерства, севкупниот политичко-безбедносен апарат. Их, колку е лесно да магупски се набројат сите засегнати. Ех, искуството со именувањето на Еролд Муслиу нѐ прави да се подзамислиме колку е тешко – невозможно! – ветингот да се спроведе во реалноста. Што, Ах!, налага да подразмислиме дали ветингот треба да биде само моментален или пак и временски корелационен и генеолошки надополнет со семејна и династиска категоризација. Не треба многу напор и време дури и денес да забележиме присуство на (навидум) чисти ликови во естаблишментот, но со дебело роднинско педигре или „безбедњачка” биографија на лојалност кон сѐ и сешто, но не кон Уставот и словото на законот. Нивната неопфатеност од темелноста на ветингот однапред ќе ја детектира површноста на процесот и конзервацијата на длабочинскиот каузалитет на нашата перпетуална криза.
Кои ќе бидат ветеринарите?
Комплексноста на поставените прашања (и само дел од можните компликации) неминовно води кон клучното прашање поврзано со ветингот. Кои ќе бидат ветеринарите од доверба на јавноста, задолжени да го спроведуваат системско-систематскиот check-up на нашата политичка, правна, економска, административна ергела? Длабоко компромитираните ЈО на ВМРО-ДПМНЕ-ДУИ и СЈО на СДСМ-ДУИ, посебно по последните „работам-не-знам-што-правам” поведенија на Катица Јанева однапред ја отфрлаат можноста јавноста да стекне или да ја врати довербата во нив како можни, евентуални изведувачи на ветеринарските работи. Епизодата со комичната трка на правните експерти од СДСМ и шарената во прегратките на Судските комисии на Билен Салиу сѐ уште ја засмејуваат јавноста. Конфликтот ДУИ-Пендаровски околу неговите именувања однапред ја дезавуира неговата евентуална морална вертикала за диктирање на доверлив и на доверба достоен избор на ветеринари. Заев, неговиот кабинет украсен со живописно царство кое плаче за ем лустрација ем ветинг, е од старт негација на самата помисла на таквите да им се довери – што било! Подеднакво како и на министерствата – почнувајќи од Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи. Собранието, таа масивна и скапо платена армада на послушници, е гаранција на неВетинг и некадарност за самокритика и отчетност. Опозицијата, орна да ги стави на столб на срамот сите по ред, но кукавички скриена во џебот на Груевски, однапред ја елиминира не само можноста да биде двигател на барањата за ветинг, туку и предлагањето на ликови/институции достојни за доверба и поддршка од јавноста. Кој останува како гарант на чесноста на избраните ветеринари? Медиумите, со едвај прикриена наемна цена на реверите? Верските заедници? Академијата на Науки и Уметности на држење аплаудерски шпалир пред корумпираните политичари?
Не, не велам – уште помалку мислам - дека кај нас нема ликови (за институции не би рекол) неопфатени, незагадени, некомпромитирани, недостојни, недоволно морално и стручно компетентни да ја добијат честа и спроведат должноста за чистење на нашите авгиеви штали. Тоа, едноставно, не е вистина! И тоа не може да биде поентатата на овој осврт. Поентата е следна: која институција, домашна, би прифатила на такви ликови да им ја довери можноста да им ја детектира сопствената политичка и законска пресуда за симнување од тронот или губење на привилегијата? И обратно, кој од таквите ликови би прифатил да биде компромитирачки именуван од институции за кои однапред знае дека се спремни не за ветинг, туку за темелна top-to-bottom чистка со детергент и четка?
Не е сѐ безнадежно
Како и секогаш, претпоставениот лек за домашната ендемска недоверба во институциите е вртењето кон меѓународните пријатели и нивниот избор на лица/ликови врз кои би го пренеле сопствениот морален авторитет на добри услуги. По таа логика, честа на меѓународен избор на домашни ветеринари – лишен од сомнежи - ќе треба да се довери на Ангола, Тонга или Свети Томе ем Принципе. Свежите искуства на домашната јавност со нетранспарентниот избор на СЈО, со Кумановските мали војни, молкот за неразјаснетите убиства низ Европа и соработки со тајните служби на СФРЈ и онака имаат фрлено сенка врз довербата во добрите услуги на САД и ЕУ и нивната искрена желба за спроведување чист и веродостоен ветинг. Сѐ подлабоката стратешка шизма помеѓу САД и ЕУ и идеолошката диференцијација во Европа дополнително ја комплицираат нивната улога на селектори со неоспорно чисти критериуми и мотиви.
Заклучокот е дека за разлика од пред неколку години, состојбата на духот на општеството веќе не гарантира преголем оптимизам во упешноста на евентуалното спроведување на ветингот. И покрај големата желба на јавноста тој да се спроведе на дело. За жал, домашните институции и меѓународната заедница веќе не можат да сметаат на тоа дека кој било, каков било избор ќе наиде на сериозна доверба и поддршка од граѓаните. Искуствата со УДБА-против-КОС-контра-СИД лустрациите, искуствата со селективните правди на ЈО и СЈО и тесната соработка на западната дипломатија со овдешните зрели-за-ветинг „демократски надежи” не дава причина за оптимизам. Но не е сѐ безнадежно. Доколку ветингот започне со следните избори и бескомпромисна елиминација на сегашните и минати фактори вовлечени во криминал, корупција, непотизам. Нека биде тоа Hic Rhodus, Hic Salta за домашните ергели и странските ветеринари.