1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Ангел Џамбаски, „Хајл Хитлер“ и некои други жешки прашања

18 февруари 2022

Дали европратеникот Ангел Џамбаски ја познава историјата и дали мислеше на „германскиот поздрав“ кога ја испружи раката во ЕП не е сосема јасно. Сепак, изблиците на омраза и агресија имаат свое објаснување.

https://p.dw.com/p/47Bv7
Ангел Џамбаски
Пратеникот на бугарското ВМРО во Европарламентот, Ангел ЏамбаскиФотографија: Dwi Anoraganingrum/Geisler-Fotopress/picture alliance

„Хајл Хитлер“ или „Зиг Хајл“ - овој извик со испружена десна рака од времето на националсоцијализмот се нарекува уште и „германски поздрав“ и од 1933 година наваму постепено станува официјален „добар ден“ и „пријатно“ во „Третиот рајх“. Во Италија, Бенито Мусолини го трансформирал во „римски“ или „романски поздрав“, а се верува дека неговите корени навистина се во Римската империја.  Историчарите го гледаат „Хајл Хитлер“ како трансформирана форма на култот на личноста на Адолф Хитлер. Поздравот тогаш постои и во верзијата „Хајл мајн Фирер".

Дали бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски ги знае овие историски детали и дали воопшто го имал предвид „германскиот поздрав“ кога вчера ја испружи раката во Европскиот парламент - одговорите на овие прашања се обвиени во образовна и политичка магла. Но, се виде и слушна дека Џамбаски извика „Да живее Орбан“ и „Да живее Качински“. А „Да живее“ точно одговара на германскиот „хајл“. 

Кога мразиш сѐ што е туѓо 

Намуртените и гневни националисти од поранешниот советски лагер се премногу слични. Тие му се поклонуваат на силниот лидер, ја креваат на пиедестал политичката конструкција наречена „нација“, говорат со жар за „корени“, „татковини“, „крвни врски“, подвизи и херојство. Многу често тие гротескно ја разубавуваат својата национална историја со измислици за сопствената посебност и злобната природа на нивните соседи. Мразат сè туѓо и непознато, сè што препознаваат како „не свое“: бегалци, црнци, Роми, муслимани, сексуални малцинства, Сорос... списокот може да продолжи и натаму. Историски, тоа секако звучи сосема познато.

Но, зошто националистите во новите земји-членки на ЕУ се привлечени кон таков тоталитаризам и изолационизам, кон агресија и доминација? Зошто нивните идеи кои ги омаловажуваат либералните идеи, плурализмот, човечката и социјалната различност - и на крајот и демократијата, се толку популарни во соодветните општества? 

Александар Андреев Бугарија ДВ
Александар Андреев, автор на коментарот.

На овие прашања е одговорено многупати: радиоактивното наследство од времето на советската доминација сè уште зрачи во главите и срцата на источноевропејците. 

Навики кои сè уште живеат 

Да не и веруваш на власта, но безусловно да ѝ се покоруваш кога е доволно сурова, да не размислуваш со своја глава, да мразиш и сакаш по наредба одозгора - периодот на распадот на овие навики е предолг. Патем, два многу свежи (и многу тажни) заплети не потсетуваат на тоа одново и одново. Токму поради тие „советски гени“, во поранешниот „социјалистички табор“ се многу  по- резервирани кон вакцините. А сепак, од истата причина, толку многу Руси веруваат дека Западот е гнил  и развратен. И дека заедно со Украина се обидува да и наштети на големата руска нација.
Ох, г-ине Џамбаски, простете! Сосема заборавив на Вас.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.