Запрена потрагата по жртвите во Авганистан
4 мај 2014„Сите наши браќа и сестри под тоните земја и кал се мртви, се милиме за нив“, изјави гувернерот на провинцијата Бадакшан, Шах Валиулах Адеб. Спасувачката акција не може да продолжи, зашто куќите во настраданото село Аб-е-Барик се наоѓаат под повеќе метри кал, а во тешко пристапниот планински регион не може да се доведе механизација. Бројката на потврдени жртви изнесува околу 300. Местото на несреќата ќе биде прогласено за масовна гробница. Според проценките на властите, бројот на жртвите ќе изнесува над 500. Првично спомената бројка од 2500 потекнува од месните жители, а не од спасувачките екипи, соопштија властите.
Сега е итно потребна помош на стотици семејства, кои останаа без покрив над главата. Околу 700 семејства со околу две илјади членови се изложени на студот. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи вети итна помош.
Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер изјави дека германскатавлада е во контакт со авганистанските власти и ќе помогне секаде каде е потребно. И ЕУ изрази жалење за катастрофата и вети помош.
Причина за лизгањето на земјиштето се минатонеделните поројни дождови во областа. Минатата недела поплавите во четири авганистански провинции однесоа над 100 човечи животи.
„Во изминатите седум дена поради природни катастрофи загинаа повеќе Авганистанци отколку во цела 2013. година“, изјави координаторот на помошта на ОН за Авганистан, Марк Боуден.
Петокот во муслиманските семејства може да се спореди со недела во христијанските-мнозинството семејства за време на несреќата се наоѓале дома. Куќите во оваа област се главно изградени од глина, а дождовите и поплавите лесно ги уруваат.