„Трета интифада“ на Палестинците?
14 октомври 2015По многубројните напади со нож од Палестинци врз Израелци, не само во Ерусалим, туку и во Тел Авив, Петах Тиква, Кирјат Гат - градови кои се подалеку од секојдневното насилство, владее кризно расположение. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, на прес-конференција заедно со министрите за одбрана и за внатрешна безбедност и шефот на генералштабот на армијата, рече дека војската ќе оди на палестинските подрачја за да ги спречи терористичките планови и заради застрашување ќе ги урива куќите на Палестинците во кои живеат семејствата на атентаторите.
Нов вид на терор
Новинарите се интересират и дали мора да се смета на воена операција како „Заштитен ѕид“ во Западен Јордан за време на втората интифада, и дали ќе бидат повикани и резервисти? Големо е очекувањето во јавноста државата воено да реагира на нападите. Но, работите денес стојат поинаку отколку при востанието на Палестинците во 80-тите години на минатиот век - првата интифада, а се различни и во однос на 2000. година, кога започна втората интифада. Нетанјаху укажа дека армијата ја преземала операцијата „Заштитен ѕид“ за време на втората интифада оти во палестинските градови имало организирани групи. „Такви мрежи денес нема. Ова е нов вид на терор“, рече премиерот на Израел.
Значи, трета интифада? Различна од претходните, нов вид на востание на Палестинците против израелската окупација во Западен Јордан и дискриминацијата во Израел? Со месеци во израелските и во палестинските медиуми се дискутира околу поимот „трета интифада“. Час станува збор за „тивка интифада“ на индивидуални сторители, час дневниот весник „Хаарец“ пишува дека интифадата можеби одамна започнала, уште минатото лето. Тогаш во Западен Јордан беа киднапирани тројца израелски младинци, а еврејски населеници убија едно младо палестинско момче во Ерусалим. Уследија крвави безредија во тој град.
Побитни се будност и решителност отколку акција на војската
Сега се случуваат напади со нож; четири, пет, шест во денот. Во еден од тие случаи 19-годишен Палестинец, градежен работник, со шрафцигер прободе жена-војник и уште тројца минувачи. При бегството беше застрелан од израелски војник. Министерот за одбрана Моше Јалон гледа знак на слабост во користењето ножови и молотови коктели, оти „Палестинците не успеваат да активираат терористичка база, како што го правеа тоа до пред десет години“. Војската може по потреба да биде активирана во секој момент, но сега се побитни будност и решителност, смета Јалон: „Ние мораме брзо да реагираме на секој локален напад и атентаторот да го ликвидираме на лице-место. Тоа е одговорот на тој вид терор“.
Разочарување од политиката и желба за промени
Нема место за прашањето за мотивите на атентаторите - кај теророт во Израел е јасно: омраза против Евреите. Антропологот Ала Алазех на универзитетот во Бир Зеит, во окупираниот Западен Јордан, се обидува да објасни зошто млади Палестинци посегнуваат по оружје и напаѓаат Израелци, иако мораат да сметаат на тоа дека и самите ќе бидат убиени. Алазех зборува за чувство кај Палестинците дека сепак се во состојба нешто да променат и тоа ќе го постигнат со дејствување: „Тие веќе не сакаат да чекаат на политичкото раководство или на меѓународната заедница. Тоа чувство дека нешто можат да променат е многу силно кај младото население“.
И некогашниот израелски генерал на воздухопловството Амос Јадлин потврдува дека врие кај палестинската младина. Тој денес раководи со Институтот за национални безбедносни студии на универзитетот во Тел Авив. „Ни Хамас, ниту палестинските автономни власти не можат да ги исполнат очекувањата на Палестинците. Поради тоа политичкото раководство веќе нема никакво влијание врз младата генерација, која стои зад бранот на терор и безредијата“, оценува Јадлин.
Угнетување, а не религиозен фанатизам како мотив
И подбуцнување и хајка може да играат некаква улога, смета генералот Јадлин, но сепак „решавачки се политичката криза, економската и социјална беда на Палестинците и увидувањето дека немаат никаква надеж или перспектива“.
Според палестинскиот антрополог Алазех, израелската политика не сака да се соочи и занимава со причините и мотивите. Наједноставно е за Палестинците да се зборува како за банда споулавени, религиозни фундаменталисти, а себе си да се означиш како дел од либералниот Запад кој се брани против религиозен фанатизам. „Но секој е свесен дека тоа е повеќе прашање на угнетување, а не на религиозни чувства“, вели Ала Алазех.