Западен Балкан - геостратешка инвестиција на ЕУ
8 февруари 2018По повеќемесечна работа, консултации, менување на текстот, усогласување на речникот и балансирање меѓу различните позиции на земјите-членки, Европската комисија ја усвои Стратегијата за „веродостојна перспектива на проширување и засилен ЕУ-ангажман на Западен Балкан“. Најкратко, Стратегијата предвидува можност од ново проширување во 2025. година, со исполнување на критериумите на ЕУ.
„Пристапните преговори се веќе во тек со Србија и со Црна Гора. Со силна политичка воља, спроведување на реални и одржливи реформи и конечни решенија во споровите со соседите. Тие можат потенцијално да бидат подготвени за членство со перспектива - 2025. година“, стои во официјалниот текст на Стратегијата.
Јункер: Индикативно време
Уште со првото читање е јасно дека, со големи оградувања, 2025. година е задржана во Стратегијата за да не се загуби кредибилитетот и да не се разводни историската најава на претседателот на Европската комисија, Жан- Клод Јункер за Стратегијата како „кредибилна перспектива на пристапување на Србија и Црна Гора до 2025. година.“ Во текот на презентирањето на документот во Стразбур, забележливо беше дека 2025. година не беше ниту „датум“, ни „цел“, ниту пак „рок“, туку „рамковна можноста“, „индикативна рамка“ или само „поттик“.
„Погрешно е да се претпоставува дека ЕК и јас рековме дека Србија и Црна Гора мораат да бидат во ЕУ до 2025. година. Не, тоа е само индикативно време и охрабрување, за овие земји напорно да работат и да го следат овој пат“, изјави Јункер.
Каде исчезнаа датумите?
Во текстот на Стратегијата се наведува дека Србија и Црна Гора се моментно лидери во процесот на пристапување, а дека Албанија и Македонија прават значајни чекори на својот европски пат.
„Комисијата е спремна да подготви препораки за отворање нови пристапни преговори врз основа на исполнети услови. Комисијата ќе започне да подготвува мислење за барањето на Босна и Херцеговина за членство штом добие комплетни одговори на прашалникот. Со одржлив напредок, БиХ би можела да стане кандидат за членство. Косово има можност за одржлив напредок преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација и напредување кон европскиот пат, кога тоа ќе го дозволат објективните можности“, се наведува во документот.
Фактот дека во финалниот текст се „загубени“ сите датуми, (освен претпазливо споменатата 2025. година), кои постоеја во првичните нацрти, а кои се однесуваа на конкретни временски одредници во процесот на евроинтеграција на сите земји од Западен Балкан, зборува во прилог на најавите од Брисел дека земјите-членки на чело со Германија во голема мерка се против давање датум, односно временско обврзување на ЕУ во процесот на проширување.
Реформи, но и интереси
Иако новата Стратегија на „перспективите на проширување“ не е цврсто временски детерминирана, што се очекуваше во првиот момент, таа сепак претставува јасно пружена рака на ЕУ и заедничка перспектива за ЕУ-интеграција на сите земји од Западен Балкан.
„Од политички аспект, Стратегијата содржи охрабрување и мотивација на политичките елити во земјите-кандидати и можните кандидати, во смисол што зборува дека тој регион е составен дел од европскиот интегративен процес, а не веќе, што често се случуваше порано, нешто што е вон тој процес, некој вид туѓо соседство“, вели директорот на бриселската канцеларија на германскиот Институт за меѓународни и безбедносни прашања, СВП, Душан Рељиќ.
Во разговор за Дојче веле Рељиќ оценува дека споменувањето на 2025. година како година во која би можело да се случи ново проширување на ЕУ, повеќе е „ориентациона точка“, а помалку „обврзувачка одредница“ за ЕУ. „Сѐ ќе зависи од тоа до која мерка земјите-кандидати ќе можат да ги исполнуваат условите, а од другастрана мора да постои спремност на членките на Унијата да го исполнат ветувањето за брз влез на балканските земји“, вели Рељиќ.
Повторно е важна геополитиката
Условите неопходни за напредок кон ЕУ повеќепати се споменати во Стратегијата и се заеднички за цел регион. Фокусот и натаму е на владеење на правото, борба против корупција, економски реформи и овојпат најспоменуваните билатерални прашања.
„Сите отворени билатерални прашања мора да бидат решени пред влез во ЕУ. Унијата едноставно ќе одбие да увезе нерешени статусни прашања“, предупреди еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Но, самото исполнување на условите нема да биде единствено, а можеби дури ни пресудно за процесот на ново проширување на ЕУ. Дека претпристапната политика и процесот на проширување на ЕУ не се „егзактна наука“, туку политички процес кој доминантно е заснован на интереси, предупредува и Душан Рељиќ. „Мислам дека сега, имајќи во вид дека геополитиката повторно станува интересна во меѓународните односи поради владата на американскиот претседател Трамп и рускиот претседател Путин, како и поради страшното назадување на Турција, ЕУ повеќе се грижи за зајакнување на стабилноста и се труди земјите од Западен Балкан сепак да ги доведе под своја закрила“, вели Рељиќ за Дојче веле. Постои можност, додава тој, и излезот на Велика Британија од ЕУ да го поттикне проширувањето на ЕУ, за едно заминување да биде надоместено со подлабока интеграција и натамошно проширување на ЕУ.
Пристапувањето на Западен Балкан - инвестиција на ЕУ
И додека земјите од Западен Балкан го анализираат текстот на Стратегијата, обидувајќи се да најдат свое место на патот за влез во ЕУ, а некои пред Брисел се наттркуваат да се покажат, барем на зборови, како „најдобри ученици“, во ЕК инсистираат на тоа дека може да се зборува само за единствена перспектива на проширување за сите во регионот. Тоа посебно го нагласи шефицата на ЕУ-дипломатијата Федерика Могерини, со изјавата дека регионот „или заеднички ќе успее или сите заедно ќе потфрлат“.
Во Институтот за меѓународни и безбедносни прашања велат дека политичките елити и земјите во регионот имаат свој интерес и потреба на своите избирачи да им покажат најбрз и најдобар напредок, што е легитимна желба, но понекогаш тоа не е во согласност со реалните резултати.
„Во Брисел и главните градови на земјите од ЕУ на желбите и потребите на земјите од Југоисточна Европа се гледа со помалку емоции, а повеќе се води сметка за расположението на населението дома, кое последните години, на брановите на популизмот и нетрпеливост кон странците и поради геополитички стравувања, ја нема веќе изразената солидарност која постоеше во времето на падот на Берлинскиот ѕид. Сето тоа треба да се усогласи и да се најде начин да им се претстави на избирачите дома, а да не се направат истовремено грешки кои би можеле да поттикнат популизам дома“, вели Рељиќ.
Свесни за ситуацијата во земјите членки, во ЕУ нагласуваат дека новата Стратегија не донесува спуштање на критериумите, ниту овозможува пократки патишта на патот кон членство. „Сакаме да видиме проширување со Западен Балкан, но не сакаме да видиме влез без исполнување на условите. Овие земји уште не ги исполнуваат условите, а некои се далеку од тоа“, смета Јункер.
Повеќе на темата:
Хан не сака да прогнозира која земја од Западниот Балкан прва ќе стигне до ЕУ
ЕУ го сака Балкан, токму сега!
Стратегијата на ЕК - патоказ за Македонија и за балканската шесторка
„Да не се вмешаат други“
Покрај јасната порака за веродостоен и на исполнување на критериумите базиран напредок, патот на земјите членки, но и патот на регионот, со новата Стратегија добива и порака за единство, обострана добробит и заедничка иднина на ЕУ и Западен Балкан.
„Пристапувањето е најдобра безбедносна политика за граѓаните на Европа - цврста и заснована на постигања. Перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ е во наш безбедносен и економски интерес. Тоа е геостратешка инвестиција во силна и обединета Европа, заснована врз заеднички вредности. Не смееме да оставиме простор да се вмешаат други кои се пред нашите врати“, изјави еврокомесарот Хан.
Земјите членки на ЕУ повторно ќе ја рагледаат Стратегијата на ЕК и свој суд ќе дадат најверојатно на Европскиот совет во јуни. На земјите од Западен Балкан им останува да ги засучат ракавите и веќе во наредните месеци да покажат колку можат да постигнат на патот кон членство во ЕУ.