Замбези - река нa осум земји
16 март 2009Во Африка се наоѓаат повеќе од шеесет од вкупно 260-те реки ширум светот, кои течат низ повеќе земји. Посебно регионот јужно од Сахара располага со посебно многу реки и езера, што се распростираат на површините на повеќе држави. Овој феномен досега предизвикал многу конфликтни ситуации во земјите на јужниот дел од Африка. Но, има и многу позитивни примери на менаџирање со водата. Таков е примерот со реката Замбези - со своите три илјади километри таа е најдолгата река на африканскиот континент.
Голем потенцијал за конфликт
Замбези поминува низ осум земји. Во најголем дел протекува низ Замбија, потоа следуваат Ангола, Зимбабве, Мозамбик, Малави, Танзанија, Боцвана и Намибија. Земјите на почетокот од течението на реката, односно Замбија и Ангола, добиваат најголем дел од водата на реката. Сосема спротивно е на другата страна, кај Мозамбик. Токму во тоа е проблемот, објаснува Ларс Виркус, географ и проект-менаџер во Меѓународниот конзерваториумски центар во Бон: „Меѓу овие земји постојат големи опасности за конфликт. На пример, ако Ангола реши да изгради уште повеќе брани на Замбези и повеќе да ја користи водата од реката, тоа ќе има последици за земјите што се наоѓаат пододлу од неа, посебно за Мозамбик, како последна низ која реката протекува“, објаснува Виркус.
По крајот на граѓанската војна, останатите земји низ кои поминува Замбези стравуваа дека Ангола навистина би можела да го стори ова. А како тоа да не е доволно: Намибија, на пример, сака да го прошири системот за наводнување на полињата со шеќерна трска во појасот Каприви. Боцвана работи на проект за снабдување со вода на нејзиниот главен град Баборон, додека Зимбабве сака од Замбези да го снабди со вода големиот град Булавајо. Покрај тоа, и Јужна Африка сака да искористи дел од овој природен ресурс, иако реката не поминува низ нејзината територија.
Заеднички и одговорно
Значи потенцијал за конфликт има доволно. Затоа од клучно значење беше одлуката на земјите на Замбези одговорно да го користат водниот потенцијал и да соработуваат меѓусебно. Се` започна уште во времето на колонијализмот, кога Замбија и Зимбабве формираа еден вид Управно тело за реката Замбези. Низ двете земји поминуваат околу 750 километри од реката, со кои тие и денес заеднички раководат. Заедно изградија и електроцентрала, со што се задоволува една третина од побарувачката за електрична енергија во двете земји. Сепак, траеше да помине долго време додека сите осум земји, низ кои поминува Замбези, да постигнат заедничко решение. По 24 години расправии, во 2004 година беше формирана т.н. Комисија за течението на Замбези, или накратко ЗАМКОМ. Ларс Виркус вели: „Примарна задача на ЗАМКОМ е изработување на еден кооперативен план за тоа како водата од Замбези да се искористи на начин на којшто не би и` штетел на некоја друга земја, а притоа сите да можат да ја искористат водата колку што е можно подобро“.
Соработката бара и политичка дисциплина
Ако реката ги преминува границите, истото го можеме и ние, си рекоа земјите-членки на ЗАМКОМ. Сепак, ова е полесно да се каже, отколку да се стори. Ако сакаат заеднички да профитираат од реката, било да е тоа од полза за индустријата, туризмот и земјоделството, мораат да сфатат една работа: Замбези од сите бара политичка дисциплина.
Во оваа смисла, заедничкото раководење со еден толку значаен природен ресурс може да придонесе за поголем демократски напредок на овие земји. Менаџерот на проектот, Ларс Виркус, дури смета и дека е можно ЗАМКОМ да стане еден вид сцена каде проблематичните членки, како на пример Зимбабве и нејзиниот претседател Роберт Мугабе, би биле доведени во ред.