Законот за ЈО остана во сенка на „Рекет“
19 август 2019Предлог- законот за Јавното обвинителство ќе ги дочека пратениците на дневен ред за една недела, но се уште не дочека работната група со претставници од власта и опозицијата да ги усогласат ставовите за неговите клучни одредби. За некои делови од предлог- законот партиските позиции беа и останаа дијаметрално спротивни, особено околу иднината на СЈО и неговите надлежности.
До синоќа не беше закажана средба на работната група. Во аналитички кругови доминира стравувањето дека законот ќе стане предмет на мачно политичко пазарење, а не на очекуваните темелни реформи во правосудството. За најотежнувачка околност го сметаат фактот што меѓупартиското усогласување треба да се одвива во период кога токму кон СЈО се вперени рефлекторите на јавноста, поради индиции за можна инволвираност на шефицата на таа институција, Катица Јанева, во случајот „Рекет“.
Таа утре за првпат ќе даде исказ во Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал, наводно, во својство на сведок. На двете досега осомничени лица - Бојан Јовановски и Зоран Кичеец притворот им е продолжен за нови 30 дена, а опозицијата со денови прашува зошто таква мерка немало и за Јанева.
Повеќе на темата:
-„Рекет“: Двете лица на дистанцирањето од Јанева
-Се стега обрачот околу „Рекет“
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ од почетокот на годината во повеќе наврати обвинуваше дека Јанева одамна го изгубила моралниот и професионален кредибилитет за да биде и натаму на чело на таа институција. По објавувањето на сниките од „Рекет“ во кои се слуша и гласот на шефицата на СЈО, тие критики станаа уште позасилени кон неа, но и кон власта.
Од нас зависи
Донесувањето на законот за ЈО, властите го објаснија како последен и важен чекор за одлуката на официјален Брисел за одреди датум за почеток на преговори со Северна Македонија. Шефот на државата, Стево Пендаровски, кој пред една недела повика „на ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумција на невиност“, запрашан дали случајот ќе влијае врз можноста земјата да добие датум за преговори со ЕУ, беше уверен дека тоа нема да случи.
„Во овој момент, од оние информации кои јас ги имам од Европската Унија, од Европската Комисија, нема промена во ниту една земја-членка во насока да го ревидираат својот став. Знаете дека одложувањето во јуни-јули беше од технички причини, заради германскиот Бундестаг, кој од 27 до 29 септември треба да ја одржи таа сесија, во која ќе ни даде зелено светло. Значи, нема промена, меѓутоа повторувам - ние мора да дуваме и на јогурт, ние не смееме да се опуштиме. И помали афери од оваа се повод некои земји-членки (бидејќи не го сакаат проектот на проширување без претходно продлабочување на ЕУ) да кажат - не ни требаат овие од Западниот Балкан, не Северна Македонија, било кој. Затоа мислам дека ние имаме обврска да не им дадеме аргумент плус во нивните такви политички настојувања“, рече Пендаровски.
Во аналитички кругови доминира ставот дека случајот „Рекет“ може негативно да влијае на таа одлука само ако нe биде проследен со ефикасна и непристрасна истрага, што би било сигнал дали земјата вистински го трасира патот до правната држава или само го симулира тоа.
Кој со кого се видел?
За ВМРО-ДПМНЕ тој случај стана ударна тупаница во нивната критика кон власта. Иако од партијата демантираат дека имале снимки од „Рекет" и негираат каква било поврзаност со авторот Ларис Гајсер кој дел од нив објави во онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“ (а најави и други), во партиските кругови се шпекулира дека од натамошниот третман на случајот во Обвинителството, ќе зависело дали јавноста ќе слушне и нови снимки од „Рекет“ или и некои други скандали.
Во меѓувреме, прашањата кој со кого се познавал и сретнал, (во контекст на „Рекет") станаа дел од секојдневните вербални препукувања меѓу власта и опозицијата.
„Ако Мицкоски се фали кога се гледа со Орбан, редно е да се пофали и за средбите со останатите со кои се гледа. Редно е да каже со кого се видел? Кога и каде? Што му дале? Дали тој нешто им дал и што е тоа? Особено откако лично призна дека се сретнал со еден од осомничените во случајот „Рекет“, споменатиот Зоки Кичеец кој патем се појавува и во објавените снимки", рече портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
„Дали Костадинов лаже на прес конференции затоа што се плаши од содржините во телефонот на еден од осомничените, а се со неморална и срамна содржина?“, реплицираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Серијата со реплики продолжи и понатму.
„Ниту ќе ме исплашите, уште помалку ќе ме спречите да ја говорам вистината, кога сум чист и целосно одговорен пред целата јавност. Ајде сега да зборуваме за образите на Мицкоски и Јанушев. Редно е да каже дали се видел со Груевски, италијанскиот новинар и други луѓе од Словенија?", напиша Костадинов на Фејсбук.
И одговорот од Мицкоски беше пласиран таму.
„Во Будимпешта се сретнав со големиот пријател на Македонија, премиерот на Унгарија г-динот Орбан, човекот кој ја предводи владата на државата од која ќе зависат многу работи за иднината на ЕУ интеграцијата на Република Македонија. Бидејќи сте неспособни и покрај сите национални распродажби и понижувања веќе трета година по ред да го поместите статусот кандидат во статус преговарач, ние како државотворна партија одлучивме наместо да фарбаме, кодошиме и уриваме дома, да работиме на иднината на нашите сограѓани од опозиција во услови кога имаме до гуша во криминал заглавена влада. Во Словенија не сум бил веќе подолго време, но ќе ги искористам сите контакти со нашите сестрински партии од Словенија да и помогнам на татковината и граѓаните во напредокот во ЕУ интеграцијата. Доколку Вие што сте дел од криминалниот октопод, рекет политичари, имате било каков доказ дека сум имал други средби од ова што е содржано во мојот одговор, Ве охрабрувам веднаш без двоумење да ги објавите, а јас истиот момент ќе понесам одговорност“, напиша Мицкоски,