1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заедничкиот „непријател“ во Сараево

Ивица Петровиќ | Синиша Богданиќ
11 јануари 2019

Дел од политичарите во Загреб и во Сараево, присуството на Драган Човиќ на прославата на Денот на Република Српска го гледаат како конечен доказ за некакво сојузништво меѓу Србите и Хрватите во БиХ.

https://p.dw.com/p/3BNIo
Bosnien und Herzegowina | Republika Srpska Day
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Jakovljevic

Соработката меѓу лидерите на ХДЗ на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ, и претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, не наиде на преголем интерес во српските медиуми. Присуството на Човиќ, но и на хрватскиот амбасадор во БиХ, Иван Дел Векио, на прославата на денот на Република Српска, се бележи како уште една протоколарна активност во една од земјите во регионот.

Одделни медиуми сепак ги пренесоа изјавите на негодувања кои по тој повод стигнаа од Сараево и од Загреб, но истовремено во коментарите на медиумските сајтови се истакнува дека е иронично што најгласен во грижата за зачувување на БиХ е поранешниот хрватски претседател Стјепан Месиќ - потсетувајќи на неговата позната изјава оти „ја завршил својата задача, и дека Југославија веќе не постои“.

Реагираше и претседателот на Комисијата за дијаспората и Србите во регионот во српскиот парламент Миодраг Линта, кој смета „дека крајна цел на воено подбуцнувачката политика на Бошњаците е укинување на Република Српска“.

Кој кого го напаѓа и брани?

„Малку сум збунет од реакциите кои пристигнуваат од Сараево и од Загреб“, вели за ДВ историчарот Чедомир Антиќ, „бидејќи не знам дали е во ред оваа имагинарна Босна и Херцеговина да ја бранат хрватски и бошњачки членови на претседателството на БиХ против српски член на ова претседателство, кој ја претставува една третина од граѓаните на оваа држва? Притоа, тие ја бранат така што сакаат да го променат Дејтонскиот договор. А тогаш е провокација кога двајца претставници од српскиот и хрватскиот народ ќе се сретнат на една прослава. Мислам оти е бесмислено Бошњаците во БиХ да очекуваат Србите да го слават денот кога е одржан еден неуставен и неуспешен референдум во 1992 година.“          

Botschafter Kroatioens in Bosnien Herzegowina Ivan del Vechio bei den Feierlichkeiten zum Tag der RS in Banjaluka
Иван Дел Векио (л.) на прославите на Денот на Република Српска во Бања ЛукаФотографија: Klix.ba

Дали присуството на Драган Човиќ на прославата на Денот на РС е навистина доказ за некакво ново сојузништво меѓу Србите и Хрватите во БиХ? Драган Поповиќ, директор на Центарот за практична политика, забележува оти тука пред сѐ би можело да се зборува за сојузништво меѓу Човиќ и Додик. Но, зад целата таа висока политика и геополитички претстави од типот која голема сила кого го поддржува во Босна, според него, се кријат прозаични мотиви: „На двајцата пред сѐ цел им е Босна да биде што е можно понефункционална држава. Само во таква држава тие можат да ги бранат т.н. национални интереси зад кои се кријат, но и своите лични интереси. Не би требало да се заборави дека Додик и Човиќ се познати не по својата политика, туку по своето економско-криминално работење. Поради тоа, тие мораат да сторат сѐ за да го заштитат она што го стекнале“, оценува Поповиќ.

Додик - белградски џокер?

А каде е во сето тоа Србија? Интересно е дека речиси сите вести на тема Додик-Човиќ ја одминаа Србија и влијанието на официјален Белград во врска со случувањата во БиХ. Влијанието на Србија, пред сѐ се гледа во тоа што му го штити грбот на Милорад Додик, смета Драган Поповиќ.

„Никогаш веројатно не би се осудил да го направи тоа што го прави ако нема поддршка од надвор. Секако дека Вучиќ и неговата власт постојано му се поддршка. Едноставо Додик го користат како уште една карта на која можат да одиграат. Лесно ќе се ослободат од него ако тоа биде услов да опстанат на власт, но засега го држат како еден вид адут во разноразни преговори - без разлика дали за приклучување во ЕУ или за Косово. Не е лошо да се има еден таков палав млад брат во соседството, кога лесно можете да го натерате да направи некаква глупост, и со тоа да си купите себеси уште малку авторитет со тоа што ќе го смирите тоа и ќе покажете некакво регионално влијание“, заклучува Поповиќ.

Bosnien und Herzegowina | Dragan Covic, Vertreter der Kroaten in B&H
Драган Човиќ, претставник на Хрватите во БиХФотографија: DW/V. Soldo

ХДЗ се откажува од Дел Векио, но не од сестринската партија

Во Хрватска, пак, владејачката партија ХДЗ едногласно го осуди и речиси отпиша амбасадорот Дел Векио. Но никој, па дури ни хрватскиот пермиер и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќниту пак претседателката на државата Колинда Грабар-Китаровиќ, која важи за изгледна кандидатка на ХДЗ за новите претседателски избори, не нејавија промена на односот со ХДЗ во Босна и Херцеговина. Осуда на потегот на Драган Човиќ изостана. Политичкиот аналитичар Божо Ковачевиќ истакнува дека искуството покажува дека што и да направи ХДЗ во Хрватска, тоа не може да го поколеба избирачкото тело: „ХДЗ не крие дека ХДЗ БиХ ѝ е сестринска партија. ХДЗ и премиерот Пленковиќ досега во целост ја поддржуваа политиката на ХДЗ во БиХ. Кога новинарите ги прашаа за коментар на присуството на Човиќ на свеченоста, одговорија дека ХДЗ БиХ е автономна партија и дека ако за партијата е корисно, тогаш е добро што тој бил таму. Но не одговорија на прашањето дали хрватската влада и ХДЗ го поддржуваат таквото сфаќање на полза за ХДЗ БИХ“, нагласува Ковачевиќ.