1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев посакува на 22 јуни да нема вето од Софија

ДТЗ
15 јуни 2021

Бугарските медиуми, пак, пишуваат дека претседателот Румен Радев навестил дека засега не се планира укинување на ветото.

https://p.dw.com/p/3uwdT
Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Фотографија: Government North Macedonia

Нема ниту план Б ниту алтернатива за ЕУ, самото пристапување кон ЕУ значи европеизација на Северна Македонија. Не сакаме да бидеме членки само заради членството во ЕУ, ние сакаме да бидеме членка заради европеизацијата на земјата, вели премиерот Зоран Заев за интервју за агенцијата МИА.

Според Заев, единствениот исчекор во евроинтеграцијата на земјата е на 22 јуни да нема вето од Софија, односно односно Советот за општи работи на ЕУ да донесе одлука за отворање на преговорите, нешто што го посакува и тој и народот. „Но, ако не постигнеме решение, да се изнајдат начините каде што дефинитивно македонскиот јазик и идентитет се надвор од разговорите, а тоа го потврдува и бугарскиот претседател, да ги решиме во делот на патоказот секторската соработка помеѓу двете земји, интензитетот на состанување на комисијата и низ португалскиот предлог кој дефинитивно го штити македонскиот јазик и идентитет да се изнајде решение, зашто е доволна основа да исчекориме напред. Ако не успееме да го постигнеме тоа на 22 јуни, барем да ги заокружиме овие дискусии и да чекаме политичка влада во Бугарија”, вели Заев.

-повеќе на темата: Звукот на тишината: Уште една седмица за договор со Софија

Во Бугарија се закажани избори на 11 јули, по што „ќе се формира политичка влада којашто навистина ќе ги продолжи и најде решенијата конечно, па ќе се чека веројатно септември, октомври, декември оваа година. Но, важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен, јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки“, вели македонскиот премиер.

На коментарот дека нема гаранција ни со политичка влада, Заев одговара дека е точно оти нема ниту со политичка влада, но дека „наше е да направиме сѐ и треба да да направиме сѐ кога целиот демократски свет е околу нас, кога во Северна Македонија и Бугарија се јавија сите за да нѐ охрабрат, за да понудат решение кое што преку португалското претседателство е нешто што ги штити интересите на двете страни”.

Очекувања

Оваа недела се очекува Заев да ја посети Софија. Посетата на Заев на Софија ќе се случи на една недела пред состанокот на Советот на ЕУ на 24 и 25 јуни, кога би требало да очекуваме одлука дали и кога ќе се одржи меѓувладината конференција Македонија – ЕУ и земјата да ги почне преговорите со Унијата.

-повеќе на темата: Борисов: Замислете си дека сте Македонци и дека соседот ве блокира

На вчерашната средба во Брисел бугарскиот претседател Радев, според соопштението од владината прес-служба, ја подвлекол принципиелната и континуирана поддршка на Софија за иднината на Македонија во ЕУ, како и очекувањето на Бугарија за непосреден и активен политички дијалог низ кои ќе бидат разрешени отворените прашања во меѓусебните односи.

Бугарските медиуми ги пренесуваат очекувањата на македонскиот премиер, но и изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев, кој ја посочил „неговата принципилена и доследна поддршка на европската перспектива на Република Северна Македонија, како и очекувањето на Бугарија дека овој процес ќе биде олеснет со директен и активен политички дијалог за решавање на отворените прашања во билатералните односи“. На тој начин, според бугарските медиуми, Бугарија практично потврдила дека засега не планира да го укине ветото.