1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев оптимист: Наредните денови клучни за решение

10 март 2017

Лидерот на СДСМ се надева дека ќе се реализира планот А, дека ќе го добие мандатот и дека набрзо ќе се избере претседател на Собранието. Порака до Иванов да ја преиспита одлуката стигна и од Мисијата на САД во ОБСЕ.

https://p.dw.com/p/2Yw5m
Mazedonien Anti-Regierungsproteste Zoran Zaev Oppositionsführer Statement
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, е оптимист дека наредните денови ќе има позитивен развој во решавањето на кризата. Очекува наскоро да се свика седница на парламентот и да се избере новиот претседател. Во емисијата „Патот кон...“ на ТВ „Алсат-М“, Заев нагласи дека очекува да се реализира планот А - Иванов да го даде мандатот за состав на влада.

„Се надевам дека нема да дојде до план Б, туку дека дека ќе се реализира планот А. Целта беше да добиеме мандат за да влеземе во преговори, меѓудругото и за претседател на Собранието. Деновиве ќе се обидеме да постигнеме некој договор за претседател на Собранието, за да ја воспоставиме докрај една од најважните институции, ако не и најважната, а тоа е парламентот на Република Македонија“, рече лидерот на СДСМ. 

Потенцира дека е против нови избори, а во случај на нов изборен процес, убеден е дека ќе победи.

„Повторно ќе бидам исправен пред господинот Иванов, но со повеќе од 70 потписи. Го знам тоа. Паѓа рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ, никој не сака банални изговори за некој да ги заштити своите криминали и стекнатото богатство“, рече Заев. 

Mazedonien Gjorge Ivanov mit Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Тој ги повика граѓаните да останат смирени, објаснувајќи дека за унапредување на правата на Албанците нема потреба да се менува Уставот и дека нема да биде загрозен суверенитетот на земјата.

„Наша цел, на политичарите, не е да ги направиме помалите етнички заедници посебни или специјални, туку еднакви, за да ја чувствуваат Република Македонија за своја мајка, иста татковина за сите“, изјави Заев.

Ако успее да формира влада, најави дека ќе иницира реформи во многу области, особено во судството, со цел да се отстрани влијанието на политиката и да се открие вистината за некои случаи, меѓу кои и „Дива населба“ и „Монструм“, за кои рече дека се монтирани.

САД разочарани од Иванов

Очекување да заседава парламентот изрази и Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, кој вчера оствари средби со шефот на државата, со шефот на дипломатијата и со раководствата на парламентарните партии. Тој укажа дека резултатите од декемвриските избори во 2016 година овозможиле солидна основа за формирање влада и го повика Собранието да започне со работа, согласно демократските принципи и владеењето на правото. Неопходност од деблокирање на демократските процеси изрази и шефицата на Мисијата на САД во ОБСЕ, Кејт Брнс, која побара од претседателот Иванов да ја преиспита неговата одлука.

„Заедно со нашите сојузници во НАТО и партнерите од ЕУ, САД внимателно го следат процесот на формирање на влада во Македонија, по парламентарните избори на 11 декември 2016 година. САД се разочарани што претседателот Иванов одби да им понуди можност да се формира новата влада на претставниците кои имаат јасно парламентарно мнозинство. Сметаме дека оваа одлука не е во согласност со заложбите на ОБСЕ, основните демократски принципи и владеењето на правото, што се основни вредности на оваа организација“, се вели во соопштението од Мисијата на САД во ОБСЕ.
Притоа САД ги повикува сите страни да ги стават интересите на Македонија и нејзините граѓани пред се друго, да работат конструктивно и на целосно спроведување на сите обврски од Договорот во Пржино.

Lamberto Zannier bei Conflict Zone
Фотографија: DW/J. Stonington

„Исто така ја повикуваме Владата, политичките лидери и партиите да се воздржат од напади врз организациите од граѓанското општество и да помогнат да се обезбедат услови и поддршка за независните гласови и институции да ја извршуваат својата работа. Во исто време ги повикуваме соседите на Македонија да покажат воздржаност и да бидат конструктивни во овој момент на зголемена политичка чувствителност во земјата“, се вели во обраќањето.

Стабилизирачка мисија на ЕУ

Но, и во соседството на Македонија не стивнува загриженоста од димензиите што може да ги добие македонската криза.

„Македонија треба итно да побара превентивна и стабилизирачка мисија на Европската Унија во земјата“, изјави поранешниот министер за одбрана и амбасадор на Бугарија во НАТО, Белгија и Луксембург, Бојко Ноев, во интервју за бугарската новинска агенција „Фокус“. Писмото на Иванов тој го оцени како „своевиден СОС-сигнал испратен до меѓународната заедница дека бродот во Скопје тоне“.

„Тоа е драматично признание дека земјата е на работ на целосно безвластие. Политичката криза која ја набљудуваме веќе подолго време, ескалира до состојба во која Република Македонија практично го губи својот суверенитет“, вели Ноев.

На прашањето дали причините за ваквата состојба се надворешни, како што тврди Иванов во писмото, тој оценува дека причините во најголем дел се внатрешни.

Mazedonien Skopje
Фотографија: DW/D. Dedovic

„Досегашната владејачка елита ја впрегна целата своја енергија на државата и на општеството во изградба на едно измислено и лажно минато, наместо во градење на иднината на своите граѓани. Владејачката елита остави сè да потоне поради комплексот на инфериорност, геополитичката кусогледост, провинцијализмот и личната алчност. Тоа ја ослабна и дополнително ја подели земјата и денес ги гледаме резултатите. Се разбира, има и надворешни причини, кои сепак се второстепени. Ако си силен внатре, однадвор не можат да те уплашат“, изјави Ноев, кој беше министер за одбрана на Бугарија за време на конфликтот во Македонија во 2001 година.  

Според него, интересот на Бугарија е во Македонија да нема недостиг на државност или војни и насилство кои ќе се рефлектираат и на неговата земја.

„За Бугарија ситуацијата во Македонија има две димензии. На прво место, ние сме историски и емоционално оптоварен сосед. Како народот таму сака да живее, како сака да си ја уредува државата - е негова работа. Интересот на Бугарија е таму да нема војни и насилство, кои што неизбежно ќе се рефлектираат врз нас, и физички и емоционално. Да не забораваме дека таму живеат десетици илјади Бугари, кон кои Бугарија има должности како кон нејзини граѓани, со бугарски пасоши. Втората димензија е нашата заедничка должност и одговорност за заштита на интересите на ЕУ. Како земја членка ние имаме должност и одговорност да не дозволиме, да спречиме или ако е неопходно, да гасиме кризи кои би ги засегнале интересите на целата Унија“, изјави Ноев.

Како се активира ЕУ-мисија?

Според домашни експерти, ваквите изјави откриваат каква е сликата за Македонија гледана однадвор.

„Настрана од мотивите во случајот на поранешниот бугарски амбасадор кој очигледно се осврнува и на прашања кои ги оптоваруваат односите меѓу двете наши земји, ваквите повици укажуваат дека однадвор на ситуацијата во нашата земја се гледа со исклучителна загриженост“, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика - Скопје.

Mazedonien Land und Leute EU-Vertretung Gebäude in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

„Мислам дека земјите членки на ЕУ, пред сѐ Германија и Франција, се уште се обидуваат да влијаат кон разрешување на кризата преку притисок врз политичките елити, иако без поголем резултат. Сепак, доколку на долг рок кризата продолжи или се влоши, може да очекуваме овој повик за мисија на ЕУ да не биде изолиран случај како што е во моментот“, вели Кацарска.

Таа објаснува дека одлука за испраќање на ЕУ-мисија донесуваат земјите членки на ЕУ во рамките на Советот за надворешни работи.

„Бидејќи ваквите мисии потпаѓаат под Заедничката надворешна и безбедносна политика се донесуваат со консензус. Всушност мисиите во РМ по конфликтот 2001 година беа од првите обиди на ЕУ да организира заеднички интервенции. Од последните вакви мисии на европскиот континент е онаа во Украина од 2014 година“, укажува таа.

Во јавноста владее надеж дека решението за состојбите сепак ќе најде преку општествена кохезија околу важноста од демократија и стабилност во земјата и со активен придонес на домашните политички субјекти.