1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев обвинува, Мијалков и МВР демантираат

ЕМФ/миа/фокус/мкд/а1он/новатв/канал771 април 2015

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска го обвини директорот на УБК Сашо Мијалков дека барал провизија од половина милион евра при набавка на опрема за тајната полиција од Израел. Мијалков и МВР демантираат.

https://p.dw.com/p/1F1YP
Фотографија: DW/P. Stojanov

Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков ги демантираше денешните обвинувања изнесени од страна на лидерот на СДСМ Зоран Зоран Заев за корупција. Во реакцијата на Мијалков се наведува дека не станува збор за поткуп или корупција, туку за договарање и следење на процедури околу донација којашто ја добило Министерството за внатрешни работи.

„Донацијата од 5.557.377 евра е примена. Со неа е купена опрема којашто е предадена на специјалните единици и којашто се користи во моментов, со што е подигната нивната борбена готовност. За сето ова постои и писмена документација и договори кои ќе бидат приложени во процесот што ќе го покренам против Зоран Заев“, се вели во реакцијата на Мијалков, кој очекува санкционирање на „клеветите и конструкциите“.

„За штетата и насилството кон државните институции против него (Заев, н.з.) веќе се води истрага во рамки на Оперативната обработка ’Пуч’. За клеветите и конструкциите изречени против мене, Зоран Заев ќе добие соодветна пријава“, вели Мијалков.

На прес-конференцијата на лидерот на СДСМ реагира и МВР. Во соопштението на Министерството, меѓу другото, се вели:

„За да не дозволиме јавноста да биде изманипулирана, сакаме да потенцираме дека тоа што денеска беше објавено претставува донација за опрема, не за следење на комуникации, туку опрема за припадниците на специјалните единици на Министерството за внатрешни работи... За сето ова постои и официјален Договор за донација кој е класифициран со највисок степен како државна тајна“, соопшти Министерството.

МВР посочува дека четвртоосомничениот во аферата „Пуч“, со денешниот настап покажал дека е против поголема ефикасност и поголема лична безбедност на полициските специјалци. Освен тоа, МВР во соопштението вели и дека сака „јавно да се извини до израелското Министерство за одбрана за денешниот срамен настап на четвртоосомничениот и да изрази уверување дека ставовите на вакви луѓе не се и официјални ставови на Република Македонија“.

Mazedonien Zoran Zaev Abhörskandal
Зоран Заев денеска ја објави 15. „бомба“, со која се тематизира наводната корумпираност на Мијалков, во случајот со набавка на опрема за тајната полиција од ИзраелФотографија: Petr Stojanovski

Заев го обвини Мијалков за земање огромни провизии

Претходно, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, објави нови снимки од телефонски разговори, кои како што тврди се „доказ за корупција“ на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Според него, кај Мијалков „завршуваат многу пари и големи провизии“.

„Станува збор за набавка на опрема за тајната полиција на Македонија од Израел. Мијалков го договара овој бизнис преку Светлана Костовска и Хаим Хакејни од Израел. За да почне да преговара, Мијалков побарал провизија од половина милион евра и инсистирал парите да ги добие пред да продолжи со преговорите“, рече Заев, додавајќи: „Инаку, станува збор за Светлана која Мијалков, како што чувте во претходната конференција, ја израдува дека ја наместил за судијка. Оваа личност и од позиција на судијка во Управниот суд продолжува да ги врши неговите валкани зделки.“

Информирајќи дека Хаим Хакејни бил чест гостин во Македонија, лидерот на СДСМ во прилог на своите тврдења презентираше и содржина на наводни СМС-пораки и скенирана патна исправа. Според него, една од пораките потврдува дека Израелецот информира дека бил пуштен првиот дел од провизијата од 540.000 евра, додека втората порака потврдува дека биле пуштени уште 840.000 евра.

Заев денеска оцени дека македонските граѓани „платиле 14 милиони евра за опрема која е злоупотребена од страна на Мијалков и Груевски за да ги конотролираат нашите животи“.