Заев: Не сме виновни за блокадата на Бугарија
14 декември 2020„Ни оваа влада, ни нашата држава, ни нашиот народ немаат најмала вина за оваа ситуација. Македонскиот национален идентитет не може да биде предмет на преговори и ние не можеме да се откажеме од нашето право на самоопределување гарантирано од сите меѓународни институции и конвенции. Се надеваме дека оваа штета на евроинтеграцијата ќе се надмести бргу“, ова е пораката којашто ја испрати денеска премиерот Зоран Заев на отчетот за 100 дена од работата на новата Влада. Односите со официјална Софија, бугарското вето и блокадата на македонските евроинтеграции, имаа централно место во обраќањето на премирот, кој порача дека никој во Северна Македонија нема вина за оваа ситуација и е уверен дека ќе се најдат решенија.
-повеќе на темата: Заев: Бугарија не се однесува ни европски, ниту братски
„Штетата со бугарското вето е направена, но веруваме дека нема да има застој на нашиот пат, а Северна Македонија ќе продолжи да ги гради европските вредности дома. Ќе ги продолжиме и преговорите со Бугарија. Европа ја носиме дома", додаде Заев.
Пандемијата како предизвик
Во експозето, премиерот истакна дека главниот предизвик во изминатите месеци од работењето на новата влада беше справувањето со пандемијата и реогранизирањето на државата било со цел ставање на сите ресурси во заштита на здравјето на граѓаните. Тој информираше за набавката на вакцини, за зголемениот број тестирања, болничките капацитети и набавката на брзите тестови.
- повеќе на темата: Вакцина за Ковид-19 пристигнува по Нова Година, кој прв ќе може да се вакцинира?
Паралелно со споведувањето на здравствената стратегија, владата го подготви и четвртиот пакет на економски мерки, со цел одржливост на економијата и спас на работните места. „Четвртиот пакет мерки што беше донесен изнесуваше 400 милиони евра и заедно со претходните пакети една милијарда евра се насочени кон граѓаните и стопанството. Новиот пакет обезбедни и нови 100 милиони евра кредити за бизнисот“, порача Заев.
Пописот на седница
Во однос на обемната статистичка операција којашто треба да се спроведе на пролет, премиерот информираше дека можеби веќе денеска Законот за пописот ќе биде изгласан на пленарна седница, оценувајќи дека попис бараат граѓаните, но тој и е потребен и на државата заради нејзиниот развој.
- повеќе на темата: Северна Македонија ќе се попишува електронски во време на пандемија
Премиерот опширно информираше и за проектите од областа на енергијата, како и за новите инвестиции, од изградбата на приклучоци на гас преку Грција, кои ќе бидат од стратегиско значење и за целиот регион, па сѐ до замена на енергијата во одредени капацитети со еколошки горива. Тој нагласи дека претстои голем фокус на еколошки проекти со цел обезбедување на поздрава животна средина. „Постепено го исфрламе јагленот. Имаме тимови за преговори за наши инвестиции во терминалот за гас во Александропулос, Грција, што ќе обезбеди трајно и стабилно снабдување со гас. Креираме систем што ја прави Македонија дистрибутивен центар за горива во регионот“, рече премиерот. Заев се осврна на повеќе проекти за изградба на ветерници со цел да се обезбедат 400 мегавати обновлива енергија со што Македонија може да стане лидер во обновливи извори на енергија во регионот.
„Ред, правда, дисциплина, прочистување на судството, тоа беа нашите ветувања. Предметите водени од СЈО продолжуваат пред судовите”, рече Заев. Тој додаде дека со одлуката на Уставниот суд со која јасно стана дека поништувањето на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов е уставна и законска, пропадна и последниот обид на обвинети лица опфатени со амнестијата да се ослободат од одговорност.
Трчаме маратон, а не спринт
„Нашата борба е долга, трчаме маратон, а не спринт, рече во своето експозе по повод 100 дена од Владата, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
„Имаме обврска да бидеме отворени, отчетни пред вас. Ќе бидат разрешени сите оние кои понатаму ќе ги прекршуваат одредбите од новиот конекс на однесување“, рече Николовски.
И вицепремиерот Артан Груби порача дека оваа политичка гарнитура ќе продолжи со борбата против корупцијата, за добробит на граѓаните на Македонија.„Ќе ве прашам во 2024 година дали сме работеле добро. Ја повикувам опозицијата да ја прифати нашата подадена рака“, истакна Груби.