Прогноза на ЕК: Пад на македонската економија за 4,9 отсто
5 ноември 2020Европската комисија ја коригираше стапката на пад на Бруто домашниот производ (БДП) во земјата, па за разлика од пролетната прогноза која предвидуваше пад од 3,9 осто од БДП, сега падот на БДП за оваа година се проектира на 4,9 осто. Закрепнувањето на економијата ќе биде бавно и неизвесно. Ќе се зголеми дефицитот и јавниот долг, а најпроблематичен ќе биде извозот. Според ЕК, растот на БДП за Северна Македонија во 2021 година ќе биде 3,8 отсто, а во 2022 година 3,5 отсто.
„Постојат претпазливи сигнали дека домашната економска активност се зголемува, кредитирањето на приватниот сектор и натаму е оптимистично, а закрепнувањето во голема мера ќе се потпре на зајакнувањето на домашната побарувачка и веројатно ќе трае до 2022 година“, вели Фрек Јанмат, раководител на Секторот за економски прашања на ЕУ.
-слични теми: Речиси половина милион граѓани тонат во сиромаштија
И покрај преземените владини мерки, домашната потрошувачка и натаму е пригушена. Во 2020 година, тековната сметка значително ќе се влоши, но во 2021 – 2022 година оваа слика ќе се промени зашто се очекува домашната побарувачка во голема мера да го поттикне растот на увозот, се вели во извештајот на ЕК.
Постојат знаци дека закрепнува надворешната побарувачка, а растот на приватната потрошувачка и инвестициите се предвидува да се вратат во четвртиот квартал. Водено од домашната побарувачка, целосно закрепнување на нивоата пред ковид веројатно ќе траат до 2022 година. Фискалниот дефицит, значително се проширува во 2020 година, се очекува да се намали постепено во 2021 и 2022 година, констатира ЕК.
Најлоши прогнози
Од земјите кандидати за членство во ЕУ, Црна Гора, поради туризмот, има најлоши прогнози со пад на економијата од дури 14, 3%. Албанија 6,8%. Србија најдобро ќе ја помине кризата. Економијата таму се очекува најмалку да забави, проектиран е минус од само 1,8%.
Според есенскиот извештај на Европската Комисија се очекува контракција од 7,8 отсто на економијата на еврозоната до крајот на оваа година, и раст од 4,2 отсто во 2021, три отсто во 2022. Споредено со пролетните проекции на Комисијата, изгледите се малку подобри за идната година, а понегативни за 2022. „Економската активност во Европа претрпе силен шок во првата половина од годината, силно закрепна во третиот квартал како што се олеснуваа рестриктивните мерки, меѓутоа повторната појава на пандемијата во последните недели ги отежна условите, со воведувањето на нови здравствени мерки за да се спречи ширењето на вирусот“, анализира Европската Комисија во својот извештај.