1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жртви на сопствената наивност

Јенс Турау/превод:БГ12 јуни 2015

Германскиот Бундестаг е на удар на масивен хакерски напад. Безброј компјутери ќе мора да бидат заменети. Парламентот мора да ја преиспита својата сајбер-безбедност, пишува Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/1Fg5U
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Jensen

Статистиката вели дека сме премногу лековерни со нашата безбедност на интернет. Се движиме по социјалните мрежи и откриваме премногу за себе. Купуваме на интернет, вршиме финансиски трансакции преку онлајн банкарство, и опуштено се однесуваме кон безбедноста на софтверот и на лозинките. Зошто политичарите да бидат поинакви?

Се разбира тие треба да бидат поинакви. Фактот дека Бундестагот бил цел на масивен сајбер-напад е целосно поинаква димензија. Можеме само да шпекулираме кои биле напаѓачите. Доколку ги прашате, политичарите ќе нагаѓаат дека организирана криминална група стои зад нападот, веројатно источноевропска, можеби вмешани се и некои странски држави.

Веројатно и софтверот и хардверот ќе мораат да бидат заменети, можеби комплетно, но тоа не се знае точно. Нападот продре длабоко во структурите на германската парламентарна мрежа, вклучително и во администраторските привилегии. И изгледа дека се‘ уште не е завршен.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Ништо од ова не е смешно: парламентарната комисија за одбрана се занимава со извоз на оружје, комисијата за надворешна политика ги разгледува германските интереси и стратегии во односите со други држави - пријателски и не толку пријателски. Се разменуваат многу чувствителни информации. Како и да е, впечаток е дека нема свесност за тоа дека е потребна врвна технологија за да се заштити мрежата која се користи за размена на информации. Четири недели пратениците не знаат за вистинските размери на нападот, и не знаат што треба да прават. Претседателот на Бундестагот молчи, исто како и Сојузната служба за безбедност и информациски технологии и Службата за заштита на Уставот. Можеби немаат што да додадат, а тоа само по себе е загрижувачко.

Безгрижната канцеларка

На некој начин извештаите за сајбер-нападот врз Бундестагот се на линија со однесувањето на канцеларката Меркел. Деновиве, канцеларката има свој профил на Инстаграм, каде нејзиниот тим поставува весели фотографии - кои потоа се бомбардирани со навреди од руските тролови, дополнети со многу омраза и жестоки коментари поради германската политика кон Украина. Никој во канцеларијата на Меркел не ја очекуваше оваа реакција, и конечно, во брзање, одлучија да ги избришат сите коментари кои беа напишани на кирилица.

Сведоци сме на немарност, можеби дури и на наивност во владата и во парламентот. Во секој случај, толку многу парламентарци во Бундестагот се лути - и тоа е кажано умерено - што изгледа дека набрзо ќе има нов дигитален персонал, повеќе пари за безбедносен софтвер и повеќе внимателност.
Сајбер-нападите никогаш не можат целосно да се исклучат, дури ни оние најголемите, но во најмала рака треба да се сфатат сериозно.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема