1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестока размена на удари меѓу Макрон и Ле Пен

СН/агенции
21 април 2022

Спроти вториот круг на изборите за претседател во Франција, актуелниот шеф на државата Макрон и противкандидатката Ле Пен го водеа својот единствен ТВ-дуел. Во фокусот беа Русија, Европа, падот на куповната моќ...

https://p.dw.com/p/4AAuv
Frankreich Saint-Denis | TV Debatte - Emmanuel Macron und Marine Le Pen
Фотографија: LUDOVIC MARIN/AFP

Францускиот претседател, Емануел Макрон, кој очекува во недела да биде реизбран за уште еден петгодишен мандат, вчера остро ја нападна својата екстремно десничарска противкандидатка Марин ле Пен поради нејзините врски со Русија, нејзините сомнежи во Европската унија и нејзиното неразбирање на бројките.

Во единствената телевизиска дебата, пред гласачите да го кажат своето мислење во недела во вториот круг на гласањето, Макрон се обиде да ја претстави Ле Пен како суштински недостојна за доверба, обвинувајќи ја за непочитување во давање на предизборните ветувања. Ле Пен, која Макрон лесно ја победи во претходните претседателски избори пред 5 години, овојпат е подобра во анкетите, иако и натаму заостанува зад Макрон.

Frankreich Saint-Denis | TV Debatte - Emmanuel Macron und Marine Le Pen
Фотографија: LUDOVIC MARIN/AFP/Getty Images

Францускиот претседател особено остро ја критикуваше партијата на Ле Пен поради кредитот од руско-чешката банка во 2014 година. Тој рече дека овој долг значи оти ако таа биде избрана за претседателка, нејзините раце ќе бидат врзани кога ќе се занимава со Кремљ.

„Кога зборувате за Русија, вие му се обраќате на својот банкар - тоа е проблем“, рече Макрон во вчерашната дебата која во ударен термин ја очекуваа милиони. „Донесовте одлука (за тој кредит) која, очигледно, ја ограничи вашата политичка позиција и не ве прави независни. Тоа е факт“, додаде Макрон.

Ле Пен се налути на сугестијата на Макрон оти е должна на Русија и себеси се опиша како „целосно слободна“. Таа рече дека нејзината партија го отплаќа кредитот и го нарече Макрон „нечесен“ бидејќи го започнал тоа прашање.

Макрон, проевропски центрист, победи во првиот круг на гласањето на 10 парил и води во доцните истражувања на јавното мислење.

Frankreich Saint-Denis | TV Debatte - Emmanuel Macron und Marine Le Pen
Фотографија: LUDOVIC MARIN/AFP/Getty Images

Но, Ле Пен, националистка и противник на миграции, која оваа година го освои теренот слушајќи го гневот на општеството поради инфлацијата, значително го намали јазот во поддршката од јавноста во споредба со 2017 година, кога загуби со 34 насто наспрема 66 отсто од гласовите за Макрон.

За двајцата кандидати е потребно да ја прошират базата на избирачи пред гласањето во недела, а многу Французи, особено оние кои се за левицата, велат дека сѐ уште не знаат дали воопшто ќе излезат на гласање.