Жалбена постапка во случајот Ратко Младиќ
25 август 2020Со аргументите на одбраната денеска во Хаг започна изнесувањето жалби за пресудата на поранешниот командат на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ. Обвинителството, кое исто така се жалеше на првостепената пресуда со која Младиќ е осуден на доживотен затвор, својата жалба ќе ја изнесе утре.
Правосилната пресуда се очекува во текот на наредната година. Со тоа би требало да биде завршен последниот голем случај пред Механизмот за меѓународни кривични судови кој го наследи Хашкиот трибунал. Во првата инстанца Младиќ во 2017 година беше осуден за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите во војна.
За време на целиот процес тврдеше дека не е виновен, а судот го нарекуваше „сатанистички“. Младиќ, покрај Радован Караџиќ кој е веќе правосилно осуден на доживотен затвор, се смета за главен одговорен за масакарот на околу 8.000 Бошњаци во Сребреница.
По долгогодишно криење, уапсен е на притисок од Европска унија во 2011 година. Се криел во војводинското село Лазарево, и веќе првите фотографии открија слаб и болен човек, сенка на некогашниот воин кој масакарот во Сребреница го најави како „освета за Турците“.
Повеќе:
-Паралелниот универзум на Ратко Младиќ
-Доживотен затвор за „балканскиот касап“, Младиќ ќе се жали на пресудата
-Ратко Младиќ: чудовиште во излогот
Судењето започна во мај 2012 година и траеше 539 дена, за време на кои се сослушани 592 сведоци.Младиќ, неговиот адвокат и неговиот син тврдат дека здравствената состојба на некогашниот генерал се влошува.
Во март, наводно без знаење на семејството, имал операција на дебелото црево. Постапката веќе тогаш беше одложена за неколку месеци поради пандемијата, бидејќи Младиќ, според оцена на судот, се вбројува во ризична група.
Младиќ вели дека се манипулира со неговата здравствена состојба, за да биде изведен пред суд, и оти никогаш не бил задоволен од лечењето во притворската единица.
„Нема сомнеж дека доживеа пад на ментално-когнитивните способности“, изјави неговиот адвокат Драган Иветиќ. Набљудувачите не очекуваат спектакуларни пресврти за време на жалбената постапка против човекот кого западните медиуми го нарекоа „балкански касап“. Изгледа дека најважното прашање е дали Младиќ здравствено ќе го издржи процесот.