1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Е, ова е нова бугарска административна окупација

19 април 2022

Повеќегодишното бугарско вето со воскреснувањето на Ванчо Михајлов прерасна во нова административна окупација на иднината на Македонија, да не биде членка на Европската унија. Пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/4A594
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Мостот што Македонија го гради макотрпно дење кон Бугарија за премостување на  историски надојдените води, ноќе под закрила на темницата бугарските мрачни сили го уриваат. Се фрла во матната секој сантиметар мака и жртва на македонскиот народ и држава. Така, повеќегодишното вето со воскреснувањето на Ванчо Михајлов во Битола прерасна во нова административна окупација на иднината на Македонија, да не биде членка на Европската унија . Ете, ова е најновата бугарска „административна окупација“ за разлика на онаа пред пред 81 година која траеше пет години и беше класична окупација од војските на фашистичка Бугарија, Германија и Италија на целата територијата на денешна Македонија.

Ако ветото е тешка злоупотреба на основачките акти на ЕУ за почеток на преговорите, тогаш, приемот на Македонија во ЕУ по стоте и кусур последователни вета и блокади што секако ќе се стават од милите ни  комшии кои многу сакаат што поскоро  да ја видат Македонија како членка на ЕУ   би требало да заврши со специјална операција за враќање кон бугарските корени на Македонците. Оваа специјалната операција, се разбира, нема да биде, како руската инвазија на Украина, но има и други, исто така, многу опасни злосторства врз еден народ и една држава и без класична војна.

На пример, следејќи ги заложбите и заблудите на бугарската политика тоа може да  биде просветителско, образовно и културно ослободување од стравот на стотици илјади измачувани, онеправдани и малтретирани македонски бугари само затоа што се кажуваат Бугари. Ваква небулоза може да помине само во Бугарија каде сонот од Сан Стефано за големата држава уште се сонува и на јаве. 

Што остана од „новиот почеток“ во бугарско-македонските односи, најавен од премиерите Петков и Ковачевски?
Што остана од „новиот почеток“ во бугарско-македонските односи, најавен од премиерите Петков и Ковачевски?Фотографија: Reg. Nordmazedonien

Ванчо Михајлов ќе ги исправи грешките на Сталин и Тито

Со пропагaнда, пари и привилегии, со европски пасоши и отварање на културни клубови  со името на македоноубиецот и фашистВанчо Михајлов да станеш Бугарин во Македонија не можат да се постигнат никакви  резултати, но може да се дестабилизира Македонија со наши  внатрешно политички и партиски  пресметки произведувајќи деноноќно домашни предавници и непријатели.  Но, и тоа  како и во целиот период од поновата историја на односите меѓу двете земји нема да биде доволно.

Повеќе од авторот:  Жолтата лента на штрајкувачка рака

Одамна е потрошена и добро  осознаена  бугарската повеќедецениска  доктрина дека е неопходно освестување од заблудите за својот идентитет и јазик на сите два три милиони, тврдоглаво заблудени Македонци кои живеат во Македонија и во светот за конечно да прифатат  кој се и што се и дека досега се раѓале, живееле, умирале и гинеле во војни за слобода со погрешно национално чувство наметнато со директиви  од  Сталин и Тито и со предавството на Ѓорги Димитров. Тоа што го направиле Сталин и Тито сега бугарските политичари  ќе го исправаат со културата на Ванчо Михајлов. Тоа налага задолжителна специјална операција единствена од овој тип досега изведена во светот со уривање на таканаречениот вештачки македонизам за спасување на напатениот бугарски народ во Македонија.

За таков генетски  инжењеринг никој, па ни Бугарија нема доволно моќ да обезличи еден народ. Можеме ние да се смееме, или да се лутиме колку сакаме на овие будалаштини со Тито и со Сталин за чие промовирање пред светот Бугарија нуди слакоречив  патернализам врз Македонците со отварање на културни клубови и стотина илјади продадени егзистенцијални пасоши да можат луѓето да најдат работа во западноевроските земји. Дека е тоа така има над сто илјади поединечни цврсти  докази, односно точно колку што се купени  бугарски пасоши под сомнителни околности минус 3500  македонски бугари колку што се попишале на пописот.

Бугарите знаат колку е непристојно да се тврди дека само овие попишани  3.500 души биле храбри патриоти, а сите други над 100.000 македонски бугари се кукавици кои се пријавени на две три адреси во Бугарија, никогаш таму не гласаат, ниту таму живеат, а најголемиот дел не се ни во Македонија, туку во белиот свет. Затоа за овој срам молчат, а бараат ултимативно да се промени уставот и таму да се вметнат Бугарите како конститутивен народ на Македонија третирајќи го македонскиот устав како алваџиски дефтер во кој може да се напише што тие ќе посакаат.

Притоа го премолчуваат и историскиот факт дека конститутивни делови од народи се тие кои учествувале во антифашистичката војна за ослободување на Македонија и на Југодславија и за тоа во темелите на државата положиле илјадници жртви што е верификувано и на АСНОМ со нивно директно учество во носење на асномските одлуки. 

Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Наследниците на Македонското и бугарското ВМРО

Што постигна бугарската политика  со воскреснувањето  на Ванчо Михајлов како  културен деец кој ги нарекуваше Македонците говеда ? Го постигнаа  тоа што и сакаа да сотрат се што е здраворазумско и во Бугарија и во Македонија и да ги затворат устите на сите што посакуваме вистински пријателски односи меѓу двете соседни држави почитувајќи ги своите посебности, национални, јазични, културни, верски и историски.

На секое приближување на таквите ставови на кои почива Европската унија и цивилизираниот демократски свет во Бугарија се вознемируваат духовите и се прават провокации кон Македонија и македонскиот народ и кон сите граѓани на Македонија без разлика на националната, јазичната  и верската припадност.

Повеќе од авторот: Видела жабата како се потковува коњот...

За жал, и кај нас секое приближување кон прифатливо компромисно решение станува моќно оружје за популистички меѓупартиски пресметки во битките за освојување на власта. Ечат сирените за спасување на Македонија од предавства и за нешто што не се случило. Македонското и бугарското ВМРО карикатуралните самопрогласени наследници  на борбата за самостојна Македонија ја оживуваат историјата од пред сто и кусур години упорно настојувајќи да влезат во главите на тогашните дејци кои се убивале меѓу себе во терористички атентати по градовите на Европа и на Балканот.

Додека во Македонија се откриваат  и сатанизираат непријателите и предавниците во власта, во Бугарија политичките стратези и пишувачи на нова историја осилени од геостратегиското значење на Бугарија по руската инвазија на Украина секој ден ги поместуваат црвените линии надвор од потпишаниот Договор за добрососедство поставувајќи нови барања и приредувајќи провокации, како оваа последната со озлогласениот во Македонија  Ванчо Михајлов.

Infografik Karte Nordmazedonien und Bulgarien EN

Да се свртиме кон економската криза

И сега што, како понатаму по најновото минирање на се што беше досега и она малку постигнато. Ако Европа и Америка и натаму цврсто стојат  на своите одлуки и  констатации, стотици пати потврдени, јавно искажани и повторувани  од сите европски  државници и од официјален Брисел дека Македонија ги исполнила сите предуслови за почеток на преговорите со ЕУ и ако тоа што го гарантираат оснивачките акти на ЕУ за почитување на посебностите на сите европски народи и држави членки на Унијата, тогаш Европа и Америка треба и да го решат проблемот со својата членка која очигледно  заборавила како стасала до европското семејство без да ги исполнува условите до ден денешен, да биде во тоа друштво.

Најдоброто решение при сегашните нарушени односи со Бугарија е да се игнорираат провокациите и да се свртиме кон една многу позгрижувачка состојба во која се наоѓа Македонија.

Велат последното гајле е најголемо. Македонија се соочува со последиците од војната во Украина и со се подраматичната економска криза произлезена од санкциите која секојдневно ја зголемува инфлацијата.

Повеќе од авторот: Колку сме, толку сме, (не)токму сме

Напорите и интервенциите што се прават за ублажување на последиците брзо се топат пред налетот на цените на енергенсите од светските берзи. Предвидувањата се уште пострашни, особено за сиромашните земји кои најмногу страдаат во големите воени  кризи. Тоа треба да биде главната преокупација во  моментот на владата, но и на опозицијата и на сите деловни асоцијации. Време е партиските лидери конечно  да седнат на заедничка маса и конструктивно да се соочат со оваа вонредна состојба  која доаѓа последователно по двегодишната пандемија која се уште не е завршена. Наместо партиски пресметки кои во време на увезена економска  криза наликуваат на воено политичко профитерство подобро е да се слушнат домашните и светските економски експерти чии совети ако  правилно и навремено се применат можат значајно да ги олеснат последиците. Штрајковите и брзи предвремени избори не се решение во вонредна ситуација. Тоа само ќе ги зголеми залудно сега буџетските трошоци и нема да ја разреши ниту економската криза, ниту ќе ги подобри односите со Бугарија. Умни политичари сега и да им ја дадат власта без избори таква одговорност нема да прифатат. Никој нема волшебно стапче. Веројатно и тоа е причината што опозицијата веќе не бара предвремени избори.