1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и бегалците- нужен нов „Даблин“

Бернд Ригерт
28 јули 2017

На европскиот систем на азил, освен јасни правила, му е потребна и обврска за распределба на барателите на азил според строго утврдени квоти. Инаку брзо ќе пропадне, смета Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/2hJgF
Calais Räumung Lager Dschungel
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Huguen

Пресудата на Судот на ЕУ од средата која се однесува на европскиот систем за давање азил не донесе ништо ново. Судот едноставно потврди дека правилото, според кое, за барателите на азил одговорна е онаа земја во која најпрво влегле на тлото на ЕУ, и понатаму е во сила. И дека исто така ова правило беше во сила и во кризните години 2015 и 2016. Но дополнителното испраќање бегалци од Шведска, Германија, Австрија, Унгарија, Словенија и Хрватска назад во земјите во кои тие најпрво влегле на територијата на ЕУ, повеќе не е можно.
Ефектот од пресудата е пред сѐ расправата околу правилата за системот на азил кои се дефинирани во ткн. Даблин три одредба. Оваа расправа е повеќе од нужна затоа што од бегалската криза во 2015, со која ЕУ едвај се избори, не се случи ништо. Иако многу земји членки признаа дека „Даблин“ во случај на масовен прилив на бегалци не функционира, за реформа на овој систем не стана ни збор. И тоа и покрај фактот што следната криза од овој вид може да се случи во секој момент.

Следната криза е неизбежна

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Денес повторно први земји на „фронтот“ до кои доаѓаат бегалци по морски пат се Грција и Италија. Сите останати надворешни граници на ЕУ во меѓувреме се херметички затворени. За да ги растовари земји кои се први на удар и за да се подготви за нови кризи, ЕУ уште во 2015 година донесе одлука, според која, барателите на азил во Грција, Италија и тогаш со бегалци преполната Унгарија, треба да бидат распоредени по останатите земји-членки. Но, оваа одлука никогаш не беше применета.
И понатаму е во сила стариот „Даблин три“ кој ја дефинира земјата која е прва надлежна за барателите на азил, но зад системот не стои функционален систем на распределба. Оттука, само е прашање на време кога овој систем ќе дојде до сопствените граници на издржливост и ќе се загуби во хаосот.
Европската Комисија наесен ќе предложи реформа на овој ранлив систем. Распределбата на бегалците, ако ништо помалку, барем во кризни времиња, треба да стане обврска на земјите-членки. И тие конечно треба да ја прифатат оваа обврска. Досега сѐ одеше во правец на зацврстување на границите и изолација кон надвор. Легалното доаѓање на бегалци со тоа, практично се невозможни. Кога, како што се планира, ќе се затвори и рутата преку Средоземното море, тогаш ќе биде укината и последната можност за влез во ЕУ. Да не се лажеме, целосно затворање кон надвор е декларирана цел на доселеничката политика на ЕУ. Логиката зад оваа изолација е исто така повеќе од јасна: без нови бегалци и баратели на азил, нема да биде потребно ни распоредување по земјите-членки. Солидарноста во рамките на ЕУ потоа нема да биде ни потребна.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија