1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ единствена против Русија

ЖА / агенции
23 март 2018

ЕУ ќе го повлече својот амбасадор од Москва поради нападот со отровен гас врз екс-двојниот агент Сергеј Скрипал во Лондон. Русија тврди дека нема докази за обвинувањата.

https://p.dw.com/p/2uqj6
EU-Gipfel in Brüssel Theresa May
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Roge

Русија изрази официјално жалење поради одлуката на шефовите на држави или влади на ЕУ, да го повлечат на консултации во Брисел својот амбасадор во Москва како реакција на нападот со отровен гас врз поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Лондон.

Портпарол на рускиот претседател изјави дека заклучоците на ЕУ се базираат на претпоставки, а докази не постојат. Руската влада негира секаква вмешаност во нападот со отров.

Повеќе: 

Борис Џонсон за ДВ: имаме докази за руската улога во нападот врз Скрипал

ЕУ ја поддржува Британија против Русија во аферата Скрипал

Русија ја обвини Велика Британија за ставање под притисок на останатите држави од ЕУ во случајот со Скрипал. „Истрагата сѐуште не е завршена, а Британија се обидува своите партнери да ги принуди на конфронтирачки чекори“, изјави вчера рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пледирајќи секоја земја за себе да одлучи за дипломатските односи со Русија.

28-те челници на државите од ЕУ на самитот синоќа го заострија тонот и усвоија резолуција во која се вели дека „Русија најверојатно е одговорна за токсичниот напад врз Скрипал и неговата ќерка“ во британскиот град Солсбери и решија ЕУ-амбасадорот во Москва да биде повлечен на консултации во Брисел. Некои од членките на Унијата размислуваат и околу повлекување на своите национални амбасадори од Москва или протерување руски дипломати. Таква можност наводно навестил веќе францускиот претседател Емануел Макрон.

Велика Британија по нападот врз Скрипал и неговата ќерка во Солсбери извршен со нервниот гас Новичок, развиван за воени потреби, во минатата среда (14.03.) протера 23 руски дипломати од земјата, а по неколку дена и Русија донесе реципрочна одлука и им откажа гостопримство на 23 британски дипломати.