1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина може да игра во дрес со Крим, но не и со воен слоган

БГ /РТР
10 јуни 2021

УЕФА и дозволи на Украина да ја задржи картата на која се наоѓа полуостровот Крим на дресот на фудбалската репрезентација, но мора да го отстрани слоганот кој содржи воена конотација.

https://p.dw.com/p/3ujIv
EURO 2020 Shirt des ukrainischen Fußballteams
Фотографија: Stringer/AFP

Европската фудбалска организација (УЕФА) и наложи на Украина да го тргне слоганот „Слава на хероите“ од дресовите на фудбалската репрезентација во пресрет на почетокот на Европското првенство во фудбал. Русија остро протестираше поради изгледот на дресовите на украинските фудбалери кои, освен слоганот, содржат и карта на Украина на која се наоѓа и полуостровот Крим кој Москва го анексираше со воена инвазија во 2014 година.

УЕФА ја прифати картата затоа што таа се однесува на меѓународно признаените граници на Украина, но не и фразата која има воена конотација. Слоганот на задниот дел од дресот ги содржи зборовите „Слава на Украина“, додека во внатрешноста на дресот се втиснати зборовите „Слава на хероите“- воен поздрав во Украина. За УЕФА не е спорен ниту слоганот „Слава на Украина“. Но нареди да се отстрани вториот слоган поради тоа што „специфичната комбинација на двата слогани е политички во својата природа, и содржи историско и воено значење“, се наведува во соопштението на УЕФА.

EURO 2020 Fußball Qualifikation Mannschaft Ukraine
Неизвесно е со каков дрес ќе настапат украинските репрезентативци на Еуро2020Фотографија: Srdjan Stevanovic/Getty Images

Иако првично беше најавено дека ќе биде прифатена одлуката на УЕФА, претпладнево претседателот на фудбалската федерација на Украина Андриј Павелко отпатува во Рим на итни разговори со претставници на УЕФА во обид да ја смени одлуката. Украинците тврдат дека дресот е симбол на националното единство, а претседателот Володимир Зеленски постираше селфи со маичката оваа недела.
Русија ја оцени како недоволна одлуката на УЕФА. Портпарол на руската фудбалска федерација изјави дека украинскиот дрес е „политизиран и содржи опасен преседан“. Портпаролка на руското министерство за надворешни работи оцени дека спортот не смее да се меша со политиката. Москва тврди дека слоганите потекнуваат од националистички групи кои соработувале со нацистите за време на Втората светска војна.
Украина го игра својот прв меч на првенството против Холандија на 13 јуни, а четири дена подоцна против Северна Македонија во рамките на Групата Ц.