Ердоган се надева на позитивен исход во случајот Кашоги
8 октомври 2018Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека лично го следи случајот на новинарот од Саудиска Арабија, Џамал Кашоги, кој исчезна минатата недела и додаде оти се надева на позитивен исход. Турските истражни органи соопштија дека сметаат оти познатиот саудиски писател и новинар на „Вашингтон пост“ е убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул. „Веруваме дека ова убиство било со предумисла и оти телото е потоа однесено од конзулатот“, изјави едно официјално лица.
Во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул ги отфрлија овие тврдења, ги нарекоа неосновани и додадоа дека пратиле свој тим иследници за да помогнат во истрагата. Ердоган за новинарите изјави оти властите ги „чешлаат“ сите видео снимки и го надгледуваат аеродромот, но ќе ги почекаат резултатите од истрагата на обвинителството.
Кашоги кој живееше во егзил во САД исчезна во Истанбул минатиот вторник за време на посетата на конзулатот во кој дошол да извади документи за за брак со вереницата од Турција, а во конзулатот тврдат оти тој ја напуштил резиденцијата.
Кашоги е долгогодишен новинар, познат по критичните текстови за судискиот принц, но ја критикуваше и Саудиска Арабија за војната во Јемен и за спорот со Канада. Тој е познат и по интервјуата кои ги работеше со лидерот на Ал Каеда, Осама Бин Ладен, и патувањата со него меѓу 1987 и 1995 година.
На почетокот на 90-тите години тој се обиде да го убеди Бин Ладен да се смири со кралското семејство во Саудиска Арабија и да се врати во татковината, меѓутоа лидерот на Ал Каеда го одби тоа.
Кашоги одржуваше врски со саудиската елита, вклучувајќи ги и разузнувачките служби, а го започна и сателитскиот канал Ал-Араб во Бахреин во 2015 година, кој работеше само 11 часа.