Ердоган е чекор поблиску до својата цел
10 јануари 2017Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган направи важен чекор на приближување до својата цел: воведување на претседателски систем во земјата. Парламентот во Анкара ноќеска се изјасни за отворање дебата околу реформа на Уставот. Според турската државна агенција Анадолу за дебата се изјасниле 338 од 480 присутни пратеници. За отворање дискусија околу промена на Уставот беа неопходни минимум 330 гласови „за“. Владејачката партија АКП, која има 316 пратенички места, доби поддршка од дел од опозицијата. Сега треба да се дебатира и гласа за секој од 18-те членови од реформата. Се проценува дека дебатата во парламентот ќе трае околу две недели. На крајот треба да има гласање за целиот реформски пакет, кој ќе се состои од сите членови кои претходно, во поединечното гласање за секој член, добиле најмалку двотретинско мнозинство гласови. За целиот реформски пакет да добие зелено светло се неопходни 330 гласа. Парламентот вкупно има 550 пратеници.
Од страна на парламентот одобрениот предлог за промена на Уставот потоа му се доставува на Ердоган. Откако тој ќе стави свој потпис, текстот се објавува во Службен весник. Првата недела по истекот на 60 дена од објавувањето треба да се одржи референдум. Владата смета дека граѓаните би можеле да се изјаснат напролет.
И додека турскиот премиер Бинали Јилдирим пред пратениците вчера тврдеше дека реформата на Уставот ќе биде добра не само за земјата, туку и за целиот регион, опозицијата стравува. Шефот на најголемата опозициона партија ЦХП, Кемал Киличдароглу, оцени дека воведувањето претседателски систем во Турција е еднакво на воведување „диктатура“.