Ердоган во битка против инфлацијата
21 декември 2021Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека, меѓу другото, заштедите на граѓаните ќе бидат заштитени од осцилациите на курсот на лирата. Доколку загубите се поголеми од каматите кои ги ветуваат банките на одредени заштеди, тогаш загубата ќе биде надокнадена. „Ниту еден од нашите граѓани отсега не мора да ја претвора лирата во странски валути затоа што стравува дека поради осцилации на курсот ќе биде 'изедена' добивката од каматите“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател најави и други мерки. Владата сака да им помогне на извозните компании да се осигураат против високи ризици од променливиот курс на лирата. Турција нема намера, ниту пак потреба да се оддалечи од слободниот пазар или од актуелниот девизен режим „ниту еден чекор“, рече Ердоган. Претходно аналитичарите оценуваа дека во најлош случај Турција ќе мора да воведе контроли на протоот на капитал како одбрана од драстични загуби поради слабата лира.
Неколку часови пред ваквите најави на претседателот Ердоган, на турските финансиски пазари се одигруваа драматични сцени. Еден долар првпат вредеше над 18 лири, а еврото се зголеми на над 20 лири. Денеска (21.12), пак, доларот се разменува за 13,3 лири, додека едно евро чини 15,1 лири. Турската берза страдаше многу од девалвацијата на лирата и повеќепати беше дури и прекинато берзанското тргување.
Како главен проблем на лирата се смета рапидната загуба на веродостојност на турската Централна банка. Банката следи стриктен курс на намалување на каматите и покрај високата инфлација од 21%. Претседателот Ердоган врши притисок врз Централната банка за натамошно намалување на каматите. Тој повеќепати отпушти членови на Централната банка кои се спротивставуваа на неговиот курс.
Ердоган се обидува да го реструктуира економскиот модел на Турција. Целта е силно извозно ориентирана економија со ниски плати и низок валутен курс. Двете работи би требало да ги направат атрактивни турските стоки за странските купувачи. Каматите во земјата треба да се држат исто така на ниско ниво, зашто во очите на Ердоган тие не само што претставуваат кочница за порастот, туку делуваат и како поттикнувач на инфлација.