Случајот Бемерман, Ердоган и германската политика
12 април 2016Германската влада околу вратот има дипломатска криза поради една потсмешлива песна за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Владата во Берлин сега мора да разгледа дали, како што бара Турција, да дозволи кривична постапка против водителот на вториот канал на германската телевизија Јенс Бемерман.
Бемерман на 31 март во сатиричната емисија „Нео Магазин Ројал“ рецитираше песна, која тој и лично ја окарактеризира како „навредлива критика“, а која е полна со лични навреди и други силни изрази. Бемерман самиот, меѓутоа, од почетокот рече дека такво нешто во Германија не е дозволено.
Песната има предисторија: Турција го викна на разговор германскиот амбасадор во Анкара откако една значително побезопасна сатирична песна беше емитувана во телевизискиот магазин „Екстра 3“ на телевизијата НДР, а која за предмет ја имаше состојбата со човековите права во Турција. Бемерман потоа, како што тврди самиот, сакал на Ердоган да му покаже кога границите на слободата на сатирата во Германија се навистина пречекорени.
Германската влада може да дозволи или отфрли постапка
Но, за германската канцеларка тука забавата заврши. Зашто, Ердоган важи за неопоходен партнер на ЕУ за да може бегалскиот бран кон Европа да се држи што е можно помал. Меркел песната на Бемерман веќе ја означи како „текст со кој свесно се нанесува навреда“. Но ако со тоа сакаше да го смири Ердоган, тогаш не ја постигна целта. Ердоган бара кривично гонење на новинарот.
Тоа во една правна држава е прашање на судовите. Меѓутоа, во овој случај и политиката игра своја улога. Станува збор за параграфот 103 од Кривичниот закон, со кој се регулираат случаи на „навреда на органи и претставници на странски држави“. Во него се вели дека „оној кој навредува странски лидер се казнува со затворска казна во траење до три години“. Предуслов за обвинителството да покрене постапка е за тоа согласност да даде владата.
Во тој дел сега се води жестока полемика. Дали политиката дозволува да биде уценувана и дали се релативизира слободата на печатот? Матијас Депнер, шеф на медиумската куќа Шпрингер, ја брани песната како „уметничко дело“. Навредливиот карактер токму и бил „смислата на целата работа“, вели Депнер во отворено писмо објавено во весникот „Велт ам Зонтаг“. Според него, владата „паднала на колена“ пред Ердоган.
Хубертус Кнабе, берлински историчар и раководител на Меморијалниот центар за жртвите на Штази во Берлин-Хоеншенхаузен, во весникот „Ханделсблат“ оди и чекор понатаму и ја предупредува владата: „Мислам дека е многу проблематично ако таа поттикнува кривична истрага против сатиричарот или дури ако иницира такво нешто. Такво нешто постои само во диктатурите или во држави кои се на пат за таму.“
Поделено мислење
Но, политичарите и претставниците на медиумите дискутираат многу спротивставено околу случајот Бемерман. Така, на пример, Анегрет Крамп-Каренбауер, премиерка на покраината Саарланд, инаку од редовите на партијата на канцеларката - ЦДУ, не застана во одбрана на самата песна, која „сигурно ги поминала границите на добриот вкус“. Но, оваа политичарка е и претседателка на Германскиот сојуз на работнички универзитети, кој како доделувач на наградата „Гриме“ во петокот му оддаде на Бемерман „посебна почест“ за неговите заслуги за развојот на телевизијата во дигиталниот свет. Бемерман, според Крамп-Каренбауер, има заслуги за создавањето отворен, храбар и демократски опуштен медиумски свет. Дистанцирање изгледа навистина поинаку.
Опуштеност предлага и политичарот на ЦДУ за Ансгар Хевелинг. Тој за радиото „Дојчландфунк“ рече дека канцеларката е во „дилема“. Но, ако владата дозволи постапка, „тоа никако не значи и дека е веќе падната пресуда“. „За тоа ќе одлучат судиите. Тие впрочем во минатото околу темата навредлива критика се однесуваа многу наколнето кон слободата на мислење“, нагласува Хевелинг.
Од друга страна, не секој претставник на медиумите застана зад Бемерман. Франк Иберал, претседател на Германскиот новинарски сојуз, предупреди дека не смее да се задушува слободата на сатирата поради дипломатски заплетканости, но според него, кривична постапка против сатиричарот е „сосема во ред“. Бемерман на турската провокација реагирал „со не толку понеинстинктивна провокација“, вели Иберал.
Последен пат еден странски лидер побара кривично гонење во 1967 година. Студентите за време на посетата на Шахот на Персија покажаа плакати со натпис „Персија е КЦ (концентрационен логор, н.з.)“. Тогаш германската влада успешно го натера Шахот да се откаже од своето барање, меѓу другото и поради тоа што иследниците аргументираа дека тогаш ќе мора да бидат разгледани и состојбите во Персија. Тоа очигледно донесе резултати.