1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Елизабета Втора - седум децении на британскиот трон

Зилке Винш
3 јуни 2022

Елизабета Втора е на британскиот трон од 1952 година и успева достоинствено и истрајно да ги надмине сите кризи - и политички и семејни. Одбележувањето на големиот јубилеј ќе трае четири дена.

https://p.dw.com/p/4CD56
Queen Elizabeth II at Sandringham House
Фотографија: Avalon/Photoshot/picture alliance

Кралицата Елизабета постави неколку рекорди достојни за почит: на 96-годишна возраст таа е најстариот владетел на светот и го имаше најдолгиот брак во британската кралска куќа. Нејзиното крунисување, исто така, собори рекорд - никогаш порано некој настан немал толку многу телевизиски гледачи: 300 милиони ширум светот.

Впрочем, никој претходно не бил толку долго на британскиот престол. Уште две години и британската кралица ќе владее подолго од францускиот крал на сонцето, Луј XIV, кој владеел цели 72 години од 1643 до 1715 година.

Но, најважно е што кралицата веќе 70 години се спротивставува на различни предизвици. Британците можат да се потпрат на неа веќе седум децении. Незапирливо ги водеше низ секоја криза, не ги покажуваше емоциите во јавноста. Наместо тоа, нејзините поданици секогаш добиваа средечна, топла насмевка, љубезен поздрав и народни забави, како што е онаа на почетокот на јуни кога се слави роденденот на кралицата.

По повод големиот јубилеј денеска (02.06) ќе започне четиридневна славеничка програма, а Британците ќе бидат „наградени“ со дополнителен празник, односно неработен ден.

Помпезни прослави

Британците годинава наместо еден ќе имаат два неработни дена за достојно да го прослават и роденденот и јубилејот на престолот. Прославата започнува со традиционалната воена парада организирана на тој ден во чест на раѓањето на монархот, без разлика кога тој всушност е роден. Елизабета е родена на 21 април. Со огномет ќе се одбележи празникот во сите 54 земји на Комонвелтот. Во петок во лондонската катедрала Свети Павле се одржува богослужба во знак на благодарност за долговечноста на суверенот.

На 4 јуни, Би-би-си организира концерт во живо во Бакингемската палата со „некои од најголемите светски ѕвезди“. Тука ќе бидат Квин и Адам Ламберт, Дајана Рос, Ханс Цимер, Сер Род Стјуарт и Џорџ Езра, а на три сцени ќе настапат Дуран Дуран, Андреа Бочели, Нил Роџерс и многу други. Најавен е и настапот на Сем Рајдер, кој го освои сензационалното второ место за Обединетото Кралство на овогодинешната Евровизија.

England London | Elisabeth II. und mitglieder der königlichen Familie
Кралското семејство во 2019 година Фотографија: Victoria Jones/PA Wire/empics/picture alliance

На лице место ќе бидат познати личности од светот на филмот и спортот, меѓу нив Сер Дејвид Атенборо, Ема Радукану, Дејвид Бекам, Стивен Фрај, Лејди Џули Ендрјус, Кралскиот балет, а најавен е и специјален настап на Сер Елтон Џон. Истиот ден се одржува и познатото дерби на Епсон, кое е познато како најстарата коњска трка во светот.

А утредента (5 јуни) на улиците ќе се организира прослава под слоганот „Голем јубилеен ручек“. Во многу области на големите градови, во градовите и селата ќе се организира „народен ручек“ со долги маси полни со храна и пијалоци. Се проценува дека ќе се одржат 200.000 вакви прослави.

Кралица преку ноќ

Елизабета не била во план да биде престолонаследник. Но, нејзиниот вујко Едвард VIII абдицирал, па нејзиниот татко Џорџ Шести станал крал. Тоа и кај неа промени сè. Таа имала 25 години кога нејзиниот татко починал на 6 февруари 1952 година. Принцезата Елизабета стана „Елизабета Втора, по милоста Божја, кралица на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и други империи и територии, владетел на Комонвелтот и бранител на верата“. Таа беше крунисана на голема церемонија во Вестминстерската опатија на 2 јуни 1953 година.

Како кралица, таа го доживеа распадот на Британската империја, потоа Студената војна, а потоа Брегзит и пандемијата. Таа пречека и испрати 14 британски премиери во Бакингемската палата, од Винстон Черчил, преку Маргарет Тачер, до Борис Џонсон.

BG Queen Elizabeth II Krönung 1953
Елизабета беше крунисана на голема церемонија во Вестминстерската опатија на 2 јуни 1953 година.Фотографија: AP Photo/picture alliance

Комплицирано семејство

Проблемите на кралицата најпрвин ги предизвика нејзината помлада сестра Маргарет - забави, афери и првиот развод во кралската куќа во последните 400 години.

Елизабета има четири деца со покојниот принц Филип, со кого се омажи во 1947 година. А, штом децата пораснаа, почнаа да прават проблеми. На почетокот се изгледаше чудесно кога се венчаа престолонаследникот Чарлс и Дијана, принцезата од Велс, но тој брак се покажа како катастрофа. И тој не беше единствениот. И другите деца на кралицата се разведуваа со низа скандали. За утеха на кралицата, во тие бракови се родија шест внуци. Еден од нив, Хари, се раздели од кралската куќа. Можеа да се слушнат гласини дека тој и неговата сопруга, поранешната американска актерка Меган Маркл се разведуваат. Тој во САД го даде познатото интервју со својата сопруга кај Опра Винфри, во кое го обвини кралското семејство за расизам.

Синот на кралицата, принцот Ендрју со години е вмешан во секс скандали, поради што му се судеше во САД. Мајка му го поддржуваше долго време (се зборува дека и е омилен), но во јануари годинава му ги одзеде сите воени чинови и кралското покровителство.

Смртта на принцезата Дијана во 1997 година остави свој белег и на кралицата, но најмногу ја погоди смртта на нејзиниот сопруг Филип, со кој помина 73 години во брак. Во пресрет на нејзиниот 95-ти и неговиот 100-ти роденден, тој почина на 9 април 2021 година.

Weihnachtskarte von Prinz Harry und Herzogin Meghan
Хари и Меган со децатаФотографија: Prince Harry and Meghan, The Duke and Duchess of Sussex/dpa/picture alliance

Доаѓаат Хари и Меган

Кралицата за време на славеничкиот викенд  ќе ја посетат и-„Американците“- принцот Хари пристигнува во Лондон со сопругата Меган, и со двете деца, правнуците на кралицата: Арчи и Лилибет Дајан. Откако Хари и неговото семејство се преселија на другата страна на Атлантикот, тие и за време на велигденските празници на кратко навратија „дома“.

Овој пат со нив доаѓаат и деца, а прабабата Елизабета ќе има можност да ја запознае малата Лилибет и да и го честита првиот роденден (4 јуни). Лилибет беше именуван по кралицата Елизабета - тоа е всушност интерниот семеен прекар на кралицата.