1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бумот продолжува, но до кога?

Хенрик Беме
20 октомври 2017

Германските стопански експерти ја гледаат иднината во розово светло. Економскиот раст продолжува, пишуваат тие. Задоволни се. Но притоа, како и еднаш не така одамна, забораваат на ризиците, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/2l5L1
Autokrise in Europa - Produktionsstopps und Bangen um Jobs
Фотографија: picture alliance/dpa

Поглед назад во 2007 година: германската економија веќе 3 години бележи раст, како што утврдија стручњаците за економија во својата експертиза. Иако тогаш „најновите турбуленции на финансиските пазари“ можеа да ја задушат конјунктурата, германската економија не беше лабилна така што растот продолжи, а не се гледаа ни проблеми кои би можеле да значат пад или дури рецесија. Проблемот е во тоа што пукнатините кои веќе тогаш се гледаа во финансискиот свет беа погрешно проценети.

Остатокот од историјата е познат. Една година подоцна, банкротот на банката Лиман брадерс доведе речиси до колапс на финансискиот систем. А во 2009 година, падот на растот на германската економија изнесуваше дотогаш невидени 5 отсто.

На ризиците се заборава

Овој кус излет во поновата историја требаше да покаже колку е тенок мразот по кој се движат истражувачите со своите експертизи. Раст, раст, раст: така би можела да се сумира содржината на документот од почетокот на месецов. Германската економија е „незапирлива“,јавуваат медиумите. Ризици? Проблем во најлош случај би можел да биде недостатокот на квалификувани работници. Инаку, новата германска влада би можела да ги пушти работите да се движат по својот тек.

Оваа експертиза го одвлекува погледот од огромен број проблеми кои за време на 8 години на големата коалиција се едноставно запуштени. И се заборава на ризиците кои ѝ се закануваат на светската економија.

Да почнеме со Германија. Крутото инсистирање на министерот за финансии Волфганг Шојбле на урамнотежен буџет доведе до гигантски застој на инвестициите. Автопатиштата, мостовите, железничката мрежа - сето се распаѓа. Кога станува збор за фамозната дигитализација, Германија во најдобар случај е некаде на средина на листата во Европа. Ситуацијата со образованието не е ништо подобра.  Премалку навистина врвно обучени наставници, премалку универзитети кои навистина можат да се носат со светските универзитети.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме, автор на коментарот

Проблем во Азија

И светската економија е полна со ризици. Во студијата на осигурителната компанија Алијанц, објавена во минатата недела, може да се прочита дека паричното богатство на човештвото пораснало на 170 билиони евра. Тука нема изненадувања - за тоа се погрижи инфлацијата. Сите знаат оти тоа богатство е нерамномерно распределено. Многу интересна бројка, која во извештајот генерално е впечатлива, изнесува 40 билиони евра. Толкав е, имено, долгот на приватните домаќинства. Тоа е раст од 5 насто во однос на претходната година. Тоа значи дека светскиот долг првпат по финансиската криза е поголем од глобалниот брутоопштествениот производ.

Долгови се создаваат секаде, но она што и натаму дава повод за загриженост се некои азиски земји, кои во оваа фаза на ниски камати абнормално се задолжија. Во Кина, под товар на долговите, најголем проблем имаат државните компании. На тоа треба да се додаде големиот балон на пазарот за недвижности и огромниот број на сопственици на акции кои тие акции ги купиле со помош на поволните кредити. Тоа е многу нездрав коктел. Ако тие балони пукнат, брановите на експлозијата сигурно ќе стигнат до Германија.

На работа!

Против балоните во Кина ни идните коалициски партнери во Берлин не можат да сторат многу. Но, тие мора да ги исполнат своите предизборни ветувања. Само не ЦДУ на канцеларката Меркел со своето „ќе продолжиме по старо“. Туку треба да се направи она што го бараат Зелените и Либералите: да се зголемат инвестициите во образованието и во дигитализацијата. Да се премине на некои други извори на енергија, оние кои навистина го заслужуваат своето име. Да бидат помирени економијата и екологијата. Тоа се навистина големи задачи. Но, само така Германија ќе биде подготвена за иднина. Треба да се искористи полетот на економијата. Инаку и толку убавите бројки од извештајот на експертите ќе останат само мртви бројки на хартија.

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58