Економијата во Македонија - добра статистика и малку надеж
27 јуни 2015„Човек шета во главниот град на Македонија и се чуди: што има овде - подем или пропаст? Во центарот се гради вредно иако одвај има слободен простор. Се издигаат државни објекти, музеи, огромно високо седиште на владејачката партија. Под нив стојат, седат или јаваат безброј бронзени херои... Но во споредните улички, настрана од градилиштата, владее урбан пустош. Во една уличка која се наоѓа во сенката на новоизградена црковна кула порано имало продавници, кино и познат бар. Сега има прашливи излози со плакати кои се вејат на ветрот. Работат само уште два дуќана - едниот е обложувалница, а во другиот е сместена евангелистичка секта“, пишува Андреас Ернст во текстот со наслов „Добри параметри и малку надеж“ во весникот „Ноје цирхер цајтунг“, и продолжува:
„Во разговорот со еден студент и млада деловна жена преовладуваат главно мрачни тонови. Се жалат на недоволно работни места, слаби плати и иселување на квалификувана работна сила. Но погледот во статистиките прикажува позитивна слика, барем ако се направи споредба во регионални рамки. Од избивањето на економската криза во 2008 година, стопанството, наспроти сите тешкотии, забележало годишен пораст од околу 3%. Се намалила и невработеноста, од катастрофални 37% (2005) на 28% (2014). Деловната клима од страна на Светската банка е изненадувачки добро оценета - Македонија се наоѓа на 30-то место (од 189 места), кога станува збор за индикатори како пристап кон кредити, умерени даноци, дозволи или придржување до договори.
Но, треба да се погледне попрецизно. Земјата се покажа како флексибилна во поглед на даноците - инвеститорите се оданочуваат со само 10% на деловниот и личниот приход, реинвестициите на добивките дури и не се оданочуваат. Кога се работи за оптужување на договори, оценките се многу полоши, што укажува на тоа дека правосудството и управата не може да се реформираат со еден потег. Странските инвестиции повеќе години се движат меѓу 200 и 300 милиони евра, што не е доволен импулс за со повисоки стапки на пораст да се зголеми вработувањето. Виенскиот економист Владимир Глигоров - кој има македонски корени - од тоа не е зачуден. Малата земја која не излегува на море (околу 2 милиони жители), опкружена со Грција, Албанија, Косово, Србија и Бугарија - се‘ земји кои со години мака мачат со економскиот пораст- има малку економски предности, и покрај ниските трошоци за плати и стабилен курс врзан за еврото. Извозот како можен мотор за пораст е слаб веќе поради самиот факт дека земјата не произведува стоки кои се барани во трговијата. Тоа во моментов се покажува во економските односи со Русија: иако Македонија не учествува во ембаргото на ЕУ и би можела да профитира како добитник од кризата, супстиционите бизниси се многу ограничени.
Многу граѓани се загрижени поради задолженоста на земјата. Една од причините за тоа е нетранспарентноста со која властите го реализираат проектот ’Скопје 2014’. На јавноста не и‘ се познати ниту точните трошоци (се зборува за повеќе стотици милиони евра), ниту пак како се доделуваат градежните проекти. Опозиционите социјалдемократи, кои се жалат на сето тоа, не се сосема невини за лошата состојба. Тие го бојкотираат парламентот веќе една година, затоа што сметаат дека изборните резултати се фалсификувани. Во текот на изминатите години постојано се зголемуваше јавната администрација, но и за тоа нема бројки. Зад зголемувањето на државниот сектор не стои желбата за подобри услужни дејности, туку на тој начин владејачките партии ги згрижуваат своите приврзаници и со тоа си обезбедуваат лојална избирачка база.“
Во текстот на НЦЦ натаму се наведува дека според Глигоров централен проблем е легитимноста на владата која слабее:
„Најмалку 20 години државата се третираше како лушпа во која се вгнездуваа различни партиски елити. Тие научија со лостот на моќта да управуваат така што беа повторно избирани и се збогатуваа. Во текот на долгите девет години сегашната влада ја усоврши таа форма на владеење. Додека инвеститорите од средниот слој мораа да се расправаат со корупцијата на институциите и судиите, големите инвеститори можеа да бидат сигурни. Тие имаа директен пристап до врвните луѓе на власт, каде потоа се склучуваа договори, така да се каже „човек на човек“, од што и двете страни беа задоволни.
Излез од мизеријата е тежок. Тоа најбрзо би можело да се случи преку преговори за приклучување кон ЕУ, при што би се реформирале правосудството и управата. Сепак, скептичарите забележуваат дека Бугарија и Романија и покрај успешниот процес на приклучување, се‘ уште мора да се борат против големите проблеми на доверба во нивните институции. Но, алтернатива нема, барем ако станува збор за стабилноста на регионот“, се вели во текот на НЦЦ.
„Шпигел онлајн“ денеска го коментира најавениот рефрендум во Грција околу останување во еврозоната и оценува:
„Референдум е многу опасен. Ако Грците гласаат за еврото и за реформи, добро. Но, ризикот дека тие тоа ќе го отфрлат е голем. Грција е збунета нација. Поради бесконечните дебати од изминатите години и мерките за штедење кои погодија многумина, голем дел од луѓето едноставно веќе не знаат што е исправно, а што погрешно. Во ваква ситуација не треба да се очекуваат рационални одлуки. Ако на референдумот се одговори со ’не’, постои опасност ситуацијата сосема да излезе од контрола. За жал, расположението е такво: ако Грција на референдум со голем татнеж и‘ заврти грб на Европа, тоа ќе биде шлаканица за оние кои со години напорно се обидуваат да и‘ помогнат на земјата.“