1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ед Милибанд на пат кон Даунинг стрит?

Барбара Везел/бг5 мај 2015

Во пресрет на изборите во Велика Британија голема е неизвесноста околу победникот- актуелниот Дејвид Камерон или ривалот Ед Милибанд. Шефот на лабуристите го зацврсти својот имиџ и ги привлече симпатиите на гласачите

https://p.dw.com/p/1FKMu
Фотографија: Reuters/C. McNaughton

Последната телевизиска дебата во пресрет на изборите во Велика Британија (07.05) го доведе Ед Милибанд буквално до пад. По телевизиската емисија во Јоркшир на која публиката можеше да поставува прашања и во која жестоко се дебатираше, Милибанд ја загуби рамнотежата додека се симнуваше од бината. Можеше тоа да биде еден од оние моменти кои ја дефинираат политичката кариера. Но, Милибанд во последен момент ја врати рамнотежата и цврсто застана на нозе.
Можеби токму тоа е симболот на неговата неверојатна промена на имиџот во текот на предизборната кампања во изминатите недели. Дури ни најжестоките приврзеници на Лабуристичката партија и дел од неговите партиски колеги немаше да се обложат на него. Во сите анкети имаше катастрофални резултати. Ед Милибанд важеше за неомилен, неразбирлив и несмасен.

Miliband im britischen Parlament 26.09.2014
Ед МилибандФотографија: Reuters/UK Parliament via REUTERS TV

Политичар без харизма

Шефот на лабурстите има беспрекорна политичка и академска биографија. Тој е син на марксистички ориентираниот професор по политологија Ралф Милибанд и заедно со братот Дејвид (исто така политичар) израснал во северен Лондон, во традиционално левичарско, интелектуално семејство. Неговите родители, полски Евреи, побегнале од нацистите во Англија. Двајцата браќа студирале на Оксфорд, и двајцата во времето на Тони Блер се профилираа во Лабурстичката партија. Дејвид кон крајот на владата на Гордон Браун ја извршуваше функцијата министер за надворешни работи, а Ед беше задолжен за енергетика и климатски промени. Двете кариери се развиваа без пречки сѐ до политичкото „братско убиство“ на партискиот конгрес.

Партиската политика како семејна драма

По поразот на изборите, Браун се повлече од врвот на партијата и за негов наследник веќе беше виден Дејвид Милибанд- симпатичен, космополитски политичар од десното партиско крило. Но кандидатурата за претседателското место во Лабуристичката партија се претвори во борба против помладиот брат, кој на крајот успеа тесно да победи. Со помош на синдикалните гласови, Ед успеа со тесно мнозинство да го совлада својот брат. Медиумите ја добија својата порција драма според шемата на библиските карактери Каин и Авел. Односот на двајцата браќа оттогаш е компликуван.

Ed und David Miliband Labour Party
Браќата Ед и Дејвид Милибанд на партискиот конгрес во 2010 годинаФотографија: picture-alliance/Photoshot

Противниците на Ед Милибанд и денес ја користат таа приказна за да го претстават како лукав и недоверлив. „Тој ќе ја уништи земјата дури и повеќе од неговиот брат“, порача лондонскиот градоначалник, конзервативецот Борис Џонсон. Но Ед Милибанд секогаш истакнуваше дека во целата приказна повеќе му значи партијата, а не ривалството со неговиот брат.
Ед Милибанд е симбол на оддалечувањето од „блеризмот“- неолибералната блискост со стопанството. Тој сака да се бори против социјалната нееднаквост, да ги намали високите давачки за студирање, да го спаси системот на јавно здравство, да ги растовари работниците. Тој е за Европа и за еднакви шанси- во Германија би бил социјалдемократ. Во истовреме, и тој сака да го избалансира британскиот буџет и да го намали државниот дефицит. Некои бирачи сметаат дека на Милибанд му недостасува голема, ударна порака. Но тој се плаши да дава ветувања кои потоа нема да може да ги исполни.

Од губитник до тинејџерски идол

Во март се случи пресврт. Можеби советникот на Обама, Дејвид Акселрод, како помошник во изборната кампања на Лабуристичката партија, беше тој кој го направи чудо и доведе до тоа, Ед Милибанд во дебатите и во изборните настапи конечно да биде свој, а не да глуми некој друг. Одеднаш лабуристичкиот кандидат успеа да биде забележан како виток, дотеран политичар во раните 40. години, маж со смисол за хумор, човек кој се однесува природно и политичар кој стои зад своите уверувања, кој знае да сослуша и да делува сочувствително. Новиот имиџ беше толку ефектен што тинејџерите одеднаш посакаа да направат „селфи“ со Ед Милибанд.

Ed Miliband Labour Party Selfie mit junger Frau
„Селфи“ со обожавателкаФотографија: Getty Images/R. Stothard

Останува отворено дали Милибанд ќе успее во доволна мерка да влијае врз изборите. Политичкото (не)расположение на Британците има длабоки корени, а Милибанд во нивните очи е само дел од елитата и политичката класа од која се гнасат. Во секој случај и нему, како и на конзервативецот и актуелен премиер Дејвид Камерон, во случај на победа, ќе му биде тешко да формира влада. Според последните анкети, никој не може да се надева на парламентарно мнозинство за самостојно формирање влада. Изборниот победник ќе зависи од малите партии.
Сепак, судбината на можната лабуристичка влада зависи пред сѐ од шкотските националисти. Се очекува дека нивната партија СНП ќе оствари силен резултат. Но, Милибанд вети дека со таа партија нема да формира коалиција бидејќи таа се залага за отцепување на Шкотска од Британија. Можно е лабуристите да формираат малцинска влада, бидејќи за многу прашања се на иста страна со СНП. Доколку анкетите се покажат точни, тогаш Британија по претстојните избори ја очекува макотрпно формирање влада и целосно сменета партиска слика во парламентот.