1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едни го фалат, други го кудат тимот на Јанева

Катерина Блажевска30 септември 2015

Меѓу предложените обвинители, најголемо изненадување е името на Лиле Стефанова, во чиј минат труд е предметот „Ликвидација“, во кој беше осуден новинарот Томислав Кежаровски.

https://p.dw.com/p/1Gg24
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од одличен избор - до катастрофа! Меѓу вакви екстреми се движат оценките за предлогот на тимот кој специјалната обвинитела Катица Јанева денеска го поднесе до Советот на јавни обвинители и чека да биде изгласан во најкус можен рок.

Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи, Артан Ајро, Бајрам Рустеми, Гаврил Бубевски, Дарко Јакимовски, Елизабета Јакимовска, Лејла Кадриу, Ленче Ристовска, Љубомир Лапе, Маре Ѓорѓева, Снежана Бундалевска, Стевчо Дончев и Трајче Пеливанов, се 14-те предложени имиња кои треба да бидат избрани во тимот на специјалната обвинителка. Претставувајќи го својот избор, Јанева изрази надеж дека тие брзо ќе бидат прифатени од Советот на јавни обвинители на Македонија.

„Се работи за вкупно 14 јавни обвинители, истакнати професионалци кои уживаат доверба и висока репутација. Бројот на јавни обвинители е неопходен за успешно работење на специјалното јавно обвинителство.

Во меѓувреме се преземаат сите активности за обезбедување на непречени и соодветни услови за работа. Очекувам специјалното јавно обвинителство наскоро официјално да започне со својата работа“, изјави Јанева.

Времето ќе покаже

За пошироката јавност имињата се непознати, за правосудната - јасни и познати „биографии“. Но, токму најголем дел од правосудната јавност, одбива со име и презиме да го коментира изборот.

„Катастрофа. Времето и постапките ќе го покажат тоа“, коментира обвинител од Скопје. Новинари кои ја следат работата на судско-обвинителскиот систем во тимот, гледааат „пресликано влијание на распоредот на силите во големата партиска четворка“. Изборот на тимот на специјалната обвинителка, за мене не е изненадување, туку очекуван потег за кој многу пати говорев, вели новинарот Саше Димовски, одличен познавач на состојбите во правосудството.

„Во тимот влегоа сегашни обвинители кои се на еден ранг понизок од Јанева и кои како бонус добиваат само 100 евра поголема плата. Нема ниту еден обвинител кој е на ранг на Виш или Републички обвинител. 'Изненадување' ми е само јавната обвинителка Лиле Стефанова, таа за чија одлука во случајот на Томислав Кежаровски протестиравме како новинари, а за случајот реагираа и сите меѓународни институции. Гледано од граѓански аспект, обвинителката состави 'широка коалиција' во која влегоа 4 обвинители блиски до ДУИ, 3 до СДСМ и 7 до ВМРО ДПМНЕ. Најголем дел од нив се синови и ќерки на судии и обвинители, имаат искуство од околу 5 години што е исто така еден од хендикепите на тимот.
Ако треба да се даде генерална оценка за младиот тим, ќе кажам 'двојка' за стручноста и 'петка' за младоста. Ниту еден од луѓето во тимот, со исклучок на прозваната Стефанова, не работел на предмети од организиран криминал. Дел од имињата на избраните кандидати биле и на партиските списоци на партиите за време на преговорите, што кажува дека сите имаат претходно обезбедено и партиска поддршка“, констатира Димовски.

Но, има и поинакви ставови. Одличен избор направила обвинителката, вели поранешниот јавен обвинител Коста Петровски.

„Поголемиот дел од предложените кандидати ги знам. Сметам дека ветуваат и дека ќе бидат независни и објективни во работатата. Уверен сум дека обвинителката направила одличен избор“, дециден е Петровски.

Познати предмети

Најголем дел од кандидатите се од основните јавни обвинителства Куманово, Тетово и Скопје, а единствено Лиле Стефанова е кандидат од Обвинителството за организиран криминал. Нејзиното име многумина го сметаат за најголемо изненадување, со оглед дека во нејзиниот минат труд стојат предметите за случајот „Ликвидација“ во кои беа осудени судии, адвокати, јавен обвинител, како и новинарот Томислав Кежаровски. Таа е застапник и на обвинителниот акт против Паско Кузман во случајот „Фаланга2“, против вработени во Музејот на Македонија за случајот со исчезнати артефакти од музејското депо, исто така и за случајот „Шпион“, а ја води и предистражната постапка за случајот „Маѓар телеком“, која Јавното обвинителство ја отвори неодамна „по допрен глас од јавноста“. Освен Стефанова, и имињата на други обвинители се поврзуваат со познати предмети. Трајче Пеливанов, избран за јавен обвинител во 2009 година, бил обвинител во случајот против очниот хирург Дејан Ставриќ, во кој водачот на штрајкот на лекарите, наводно, примил мито од 2000 евра. Снежана Бундалевска од ОЈО-Скопје, беше задолжена за предметот „Тајвански кредити“ во кој ексдиректорот на Агенцијата за обнова и развој, Васил Тупурковски и неговиот тогашен заменик, Јован Андонов-Реган се товарат за за злоупотреба на службената положба и дека со одобрување на средства од тајванската кредитна линија ја оштетиле државата. Дарко Јакимовски од скопското јавно обвинителство, за јавноста е обвинител во случајот со 20-годишниот Насер Ештрефи, осуден за убиството на матурантот Ангел Петковски од Ѓорче Петров.

Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Со ова не завршува кадровско екипирање на специјалното обвинителство. Истражителите кои ќе бидат во тимот, како што истакна Јанева, ќе бидат познати до предвидениот краен рок - 15 октомври.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема