1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година папа Франциско – една година изненадувања

Кристоф Штрак / Александар Методијев13 март 2014

Помина една година откако Хорхе Марио Берголио застана на чело на Римокатоличката црква. Првиот папа од Латинска Америка и натаму е и „обичен“ свештеник, конзервативен и подготвен на реформи. Нив и во иднина ќе ги има.

https://p.dw.com/p/1BOgc
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Тој е прв папа од Латинска Америка, прв езуит на чело на Римокатоличката црква, прв кој го носи името Франциско. Избран е пред една година, на 13 март, и оттогаш повеќепати покажа дека црквата ја води на свој, посебен начин, како и дека е во состојба да мисли со своја глава. Уште во првиот говор во црквата „Св. Петар“ тој рече дека себеси се гледа и како „римски бискуп“. Тој всушност тоа и е. Освен папската, тоа е уште една од низата различни службени титули кои ја опишуваат положбата на секој папа. Досега овие споредни титули малкумина пред него ги споменуваа.

Освен тоа, ниту еден папа во поновата историја покрај новата положба не делуваше и како „обичен“ свештеник. Папата Франциско ја бара близината со луѓето. Нивната близина нему му е потребна, без оглед дали тоа ќе му се допаѓа или не на ватиканскиот апарат, телохранителите или силите за безбедност. Начинот на неговите говори е многу едноставен, разбирлив, лесно допира до срцата на слушателите.

Папа преку телефон

Грижата за другите кај папата Франциско е видлива не само за време на демонстративните посети на островот Лампедуза, или на римските сиромашни населби. Во интервју дадено пред неколку дена, папата зборуваше за својата навика некому едноставно да му се јави. Притоа наведе и еден конкретен пример.

Papst Franziskus in Assisi 04.10.2013
Средба на папата Франциско со верници со посебни потребиФотографија: Reuters

„Ми пишуваше вдовица од 80 години, која го загубила и својот син. Ја повикав и оттогаш редовно и’ се јавувам еднаш месечно. Со тоа ја исполнувам својата должност на свештеник. Тоа ми се допаѓа“, рече папата Франциско.

Меѓутоа, тој сака многу повеќе од тоа, пред се’ воведување реформи и новитети. Поголемите промени бараат и подолго време. Една од нив е промената во однос на прашањето за црковното верско учење. Аргентинскиот папа исто така редовно потсетува на еден друг Франциско, оној од Умбрија, кој пред 800 години ја напуштил апостолската палата и се преселил во едноставни простории кои ги делел со други луѓе.

Папата Франциско секојдневно проповеда со многу едноставни зборови и ја шири библиската порака. Тој предупредува на состојбата во глобалниот економски систем, на дефицитите во политиката во однос на бегалците, потсетува на она за што веќе никој не се возбудува и не се грижи.

Двајца папи и еден кабинет

Уште многу други работи се многу револуционерни. Иако Римокатоличката црква со текот на столетијата се развивала, сепак неговиот избор пред една година означи почеток на еден револуционерен развој. Повлекувањето на 85-годишниот папа Бенедикт 16-ти од таа позиција беше подеднакво револуционерен и храбар, колку и мудар чекор. Стариот и новиот папа за време на богослужба во црквата „Св. Петар“ во Рим се прегрнаа како браќа.

Konsistorium im Vatikan Papst Franzismus mit Benedikt 22.02.2014
Папата Франциско (л.) и неговиот претходник Бенедикт 16-ти (д.) фотографирани во црквата „Св. Петар“ во февруари годинаваФотографија: Reuters

Во однос на реформите, Франциско најдалеку отиде со реформата на ватиканските финансиски институции. Овие инситуции во меѓувреме одговараат на правилата за меѓународна финансиска транспарентност и нивната работа се следи од одреден и видлив систем на контрола.

Годинава папата Франциско сака да и’ се посвети на темата семејство. Во меѓувреме дури и католичките свештеници се осудуваат да зборуваат за различни облици на живот, за пропаднати партнерски односи, за хомосексуалноста, сексуалноста и моралот.

Новина е и што на неколку месеци тој во папскиот кабинет во Ватикан ги собира кардиналите од целиот свет. На тие состаноци се подготвуваат дополнителните реформи. Папата Франциско не е само реформатор. Тој во исто време делува и либерално, но и конзервативно и со сигурност натаму ќе презема само чекори кои и’ одговараат на црквата и на нејзиниот континуитет.

Светски моќници на посета кај папата

Во првата година, папата Франциско беше само на едно патување во странство. Во јули минатата година учествуваше на Светскиот ден на младите во Рио де Женеиро. Но, затоа многумина го посетија него. Бројот на јавните, официјалните аудиенции, во однос на неговите претходници, е зголемен за речиси петпати. Папата го посетија, меѓу другите, Бенјамин Нетанјаху, Махмуд Абас, Франсоа Оланд, Ангела Меркел, Владимир Путин и Дилма Русеф. Во следните недели во Ватикан би требало да дојде и Барак Обама, како и англиската кралица Елизабета Втора.